По секоја цена


Здравко Савески

Веќе подолго време предупредувам дека во тек е политичка игра, чија главна цел е по скратена постапка да се напика Македонија во НАТО и дека во таа операција сè ќе биде дозволено и сè ќе биде аминувано од САД и нивните гласноговорници. Трагикомедијата што се случи во Собранието најдобро покажа до која мера забегаа работите и до која мера забеганите работи ќе бидат аминувани. За жал, сето ова може да се покаже како минорно во периодот на недемократско и корумпирано владеење што ќе следува.

Вреди да се проследат настаните поврзани со уставните измени за да се извлече заклучок што ни се случува. Во периодот по референдумот, Заев чувствуваше дека му се ниша тлото под нозете. Знаеше дека секој империјален господар (во случајов САД) ги толерира сите постапки на своите вазали, без разлика колку се спротивни на демократските принципи, сè додека тие ги исполнуваат задачите што им се дадени. Но, дека империјалните господари едно нешто не толерираат – неспособни вазали. Нив – ги заменуваат, по скратена постапка.

Неуспешниот референдум беше тежок удар за вазалите на власт. Тие веројатно имаа добиено зелено светло да ги лажираат резултатите. Но, од една страна, си поверуваа на сопствената пропаганда дека прелажале доволен број граѓани дека референдумот бил за зачленување во ЕУ и дека поради тоа нема да има потреба од пообемно полнење кутии. Од друга страна, ниската излезност не им остави доволно маневарски простор за пообемно полнење на гласачките кутии па – доживеаја дебакл.

Без разлика што референдумот беше неуспешен, властодршците, кршејќи ги принципите на демократијата, се вдадоа во скројување двотретинско мнозинство во Собранието за уставните измени. Референдумскиот дебакл драстично им ја отежнуваше работата. Но тие одеа сè пониско и пониско. А за тоа колку ниско беа подготвени да одат, покажа изјавата на Заев за „помирувањето“, фактички, за амнестирање на секој што ќе му даде поддршка. Дека тоа не беше само напразно испитување на теренот, туку вовед во следните потези, набргу стана јасно.

Навидум неповрзано, по неколку месеци одолговлекување, токму таа недела „независното“ судство најде за сходно да прифати кауција за двајца обвинети пратеници, укинувајќи им го куќниот притвор. А потоа, „случајно“ токму на денот на гласањето во Собранието, дури и без кауција, му го укина куќниот притвор и на третиот пратеник, Крсто Мукоски. Веднаш штом тој доби зелено светло од судот да го напушти домот, го запали автомобилот (среќен што повторно, по подолго време, ќе земе надомест за патни трошоци) и од Вевчани дојде во Скопје на клучната седница, која се одложуваше сè додека тој не дојде во Собранието да обезбеди двотретинско мнозинство за уставните измени. За отворање на процесот на уставни измени гласаше и мајката на лице веќе осудено за криминал, Владанка Авировиќ, гласаше и Елизабета Канческа, една од сподвижниците на омразениот проект „Скопје 2014“, исто така обвинета за криминални дејанија, како и неколку други пратеници за кои пошироката јавност првпат слушна дека и тие да ти биле пратеници. Настаните што следуваа ги потврдија гласиштата дека озлогласената сива еминенција на Никола Груевски, Сашо Мијалков, исто така „пациент“ на СЈО, била активно вклучена во врбувањето пратеници да гласаат за уставните измени. И дека помош во тоа имал од поранешниот министер за здравство Никола Тодоров, од „милина“ наречен од народот – „министер за смрт“.

Колку само „весело“ друштво е ова! Сè одбрани јунаци! Најсвесните елементи во ВМРО-ДПМНЕ да ти биле едни од најозлогласените ликови во партијата! Оној Крсто Мукоски, кој пред една и пол година со националистички занес од собраниската говорница ја пееше химната, токму тој Крсто Мукоски во меѓувреме дошол до заклучок дека името на државата баш и не е толку важна работа за еден патриот. Се извинувам, но само крајно наивни луѓе можат да поверуваат дека и тој и другите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ што гласаа „за“, тоа го направиле по сопствено убедување, а не поради уцена или поткуп. Тие тоа го негираат? Па, се разбира дека ќе негираат. Да не сакате јавно да ви кажат колку пари зеле како поткуп?

Да сумираме. Со полнењето кутии на референдумот и со непочитувањето на фактот дека референдумот беше неуспешен, власта изврши флагрантно кршење на демократијата. Преку „случајното“ совпаѓање на ослободувањето од куќен притвор на пратениците обвинети за тероризам во деновите помеѓу најавата на Заев за „помирување“ и гласањето во Собранието, стана очигледно колку судството е „независно“ од извршната власт. Сојузувањето со луѓе како Мијалков, Тодоров, Канческа, Мукоски, Авировиќ покажува дека Заев е подготвен да склучи пакт и со црниот ѓавол само за да си ја исполни задачата која носи бланко-чек за неограничено владеење. А поддршката на самопрогласената „меѓународна заедница“ за целиот овој процес, кој вклучуваше кршење на Уставот при формулирањето на референдумското прашање, нерамноправни и нефер услови за водење референдумска кампања, медиумска контрола, полнење гласачки кутии, непочитување на резултатот од референдумот, инструментализирање на судската власт, обезбедување пратенички гласови преку уцени или поткуп – покажува не само колку вербална е поддршката на демократските принципи од страна на конкретните политичари, туку е и индикатор за тоа каква ќе биде реакцијата на САД и на нивните гласноговорници и во иднина, кога власта во Македонија ќе ги крши демократските стандарди.

Има луѓе кои мислат дека макијавелизмот на сегашната власт е оправдан. Веројатно истите тие луѓе нема да ги оправдаа истите овие макијавелистички методи со истата наводна цел, ако тоа го направеше некоја друга власт. Тоа веќе многу зборува за вистинската тежина на нивниот став. Но, дури и ако претпоставиме дека нивната поддршка за макијавелизмот на власта не е од навивачка и егоистичка природа, мислењето дека зачленувањето во НАТО и ЕУ вреди толку многу за да се згазат темелните демократски и морални стандарди не е издржано. Прво, бидејќи целиот овој процес не води кон зачленување во ЕУ, туку во НАТО. А зачленувањето во НАТО не е попатна станица за членството во ЕУ, туку неразумно фрлање пари, недозволиво за една сиромашна земја. Второ, зашто поддршката за макијавелизмот на властодршците, чија цел не е ниту НАТО ниту ЕУ, туку одржување на власт и извлекување максимална лична корист од неа, нема во иднина да доведе до ретерирање на властодршците во однос на нивните недемократски ексцеси, туку ќе ги охрабри да продолжат да го прават тоа.

Ако не нешто друго, во овој период – паднаа маските. Се покажа дека царот е гол и дека е доста бескрупулозен. И дека има целосна поддршка за потезите што ги влече од својот империјален господар. За нас, граѓаните на оваа земја, тоа ќе значи дека ќе имаме дозирана демократија, демократија која ќе биде дозволена само тогаш кога нема да оди спротивно на интересите на властодршците. И дека нема да има никој од „меѓународната заедница“ кому ќе можеме да му се пожалиме кога ќе ги кршат човековите права, владеењето на правото и демократијата. И дека обезбедувањето на социјалните функции на државата ќе биде дозволено во онаа мера во која нема да бидат во судир со коруптивните интереси на властодршците.

Одбиваме да поверуваме дека „помалото зло“ станало поголемо зло? Секако, можеме да избереме да се лажеме на илјада и еден начин. Но, освен ако не се иселиме, само еден начин може да нè спаси од животот на границата на преживувањето и од кршењето на нашите права секогаш кога тие ќе ѝ стојат на патот на власта. А на тој пат првиот чекор е спознавањето на грдата реалност што околу нас ја креираа властодршците.