По кој пат ќе зачекориме


Ѓорѓи Спасов

 

Деновиве во Собранието конечно ќе биде донесена одлуката за тоа по кој пат ќе зачекори Македонија.

Едниот е преку прифаќање на уставните амандмани, со кои стануваме Република Северна Македонија за да ѝ го отвориме патот на нашата земја за членство во НАТО, за започнување на разговори за членство во ЕУ и со тоа за влегување во сојуз со најбогатите и демократски најразвиените земји во светот.

А вториот е преку недоволно мнозинство во Собранието за прифаќање на амандманите на Уставот, да ја пропуштиме оваа можност сега и со тоа да се прогласи победа на силите што, наводно, се исто така за членство на Македонија во НАТО и во ЕУ, но не сега и не под овие услови. Тоа се оние политички сили што нè убедуваат дека по склучувањето на сегашниот договор со Грција не ќе можат да постигнат подобар договор со неа, но овој договор не го прифаќаат, и тие, откако ќе дошле на власт во Македонија, во некоја далечна иднина, ќе разговарале за подобри услови под кои земјата би влегла во членство на НАТО во ЕУ. Оттука, пратениците во Собранието, од сите партии и од сите етнички заедници во Македонија, ќе носат деновиве одлука за тоа на кого повеќе му веруваат, во која насока ќе зачекори земјата и што ќе се случува во неа и со неа наредните години.

Македонија, и покрај сите обиди за политичко помирување, веќе подолго време е остро поделена на два политички табора.

Едниот од нив, кој во моментов го чинат парламентарното мнозинство и прогресивната јавност, првпат по 28 години независност на Македонија, се обидува да ја практикува политиката како „уметност за согледување на можното“ во остварувањето на зацртаните стратегиски цели на земјата.

Тај политички табор е свесен за ризиците што ги презема со своите политички одлуки, за реалниот однос на силите во македонското Собрание, во Грција, на Балканот и во светот. Свесен е за можностите што се добиваат со решавањето на тешките прашања, но за можните последици за земјата од пропуштањето на можноста да биде решен еден тежок спор, кој земјата не само што ја држи во изолација, туку со време, без негово решавање, таа може да се насочи во сосема спротивна насока од онаа во која сите очекуваат. Тој табор смета дека решавањето на споровите со соседите е најважната реформа која може да ѝ се случи на Македонија и дека без таа реформа ќе биде многу потешко да се прави и реформа според Прибе во судскиот систем, во полициските сили, па дури и во економијата.

Вториот политички табор што го предводи десничарската ВМРО-ДПМНЕ, која е потпомогната од претседателот на државата Ѓорге Иванов, ја продава приказната дека сè е можно во политиката само ако сакаш.

Во таа приказна, според Христијан Мицкоски, „не е важно дали си мала или голема држава“, туку е важно дали си во право според меѓународните норми. Дали си борец и подготвен да загинеш ако треба за одбрана на своите идеали. Македонија не е мала, смета тој. Кога меѓународното правото е на твоја страна, никој не ти може ништо. И оттука, клучната доблест на еден народ е да го одбрани со последните сили или да се бори до смртта на последниот човек, за тоа што го смета за свое, за свето, без ниту малку да се посомнева дека и некој друг, тоа што го сметаш за свое, го смета за негово и тоа што ти е свето, му е свето и нему.

И оттука, меѓу овие два табора постои непомирливост. Првиот не може да прифати одложување на решенијата за „некое подобро време“ и демонстрирање „бескомпромисност“ во одбраната на „светите национални цели“, а вториот не сака да прифати дека некој успеал да реши спор што тој и натаму го смета за нерешлив. Вториот политички табор ја губи смислата на своето постоење ако исчезнат преку ноќ неговите „внатрешни и надворешни непријатели“ и ако нема кого да обвинува за национално предавство.

Во овој политички процес политичката сцена на Македонија е остро поделена на две опции.

Едната, која во моментов ја нуди Зоран Заев со својот тим, прави сè за да ја врати надежта на граѓаните во европската перспектива на земјата. Таа ја води политиката со верба во своите потези и со доверба во своите политички партнери дома и во странство. Политичките сили што стојат зад неа се свесни за својата политичка сила и за својата изложеност на уцени за постигнување на двотретинско мнозинство во Собранието, но и за можните критики дека не смееле да си дозволат во процесот на остварувањето на големата цел да го занемарат владеењето на правото, со што некои од големите виновници за политичките насилства што се случија пред промената на власта ќе останат неказнети.

Заев и неговиот тим решија свесно да го искористат инструментот за простување на вината за сторено политичко насилство од поединци во претходната власт со цел да се обезбеди потребното мнозинство во Собранието за големиот политички исчекор на земјата. Тој акт го означија како акт за помирување во земјата кое треба да помогне во клучниот процес за помирување со соседите. И сосема решително, покрај сите критики објавија дека со секој свој чин сакаат да веруваат во тоа дека Македонија може да ја гради сама својата иднина, наместо постојано да се жали на својата „проклета судбина“.

Сето тоа е еден обид од нивна страна менталитетот на Калимеро кај македонскиот граѓанин и политичар, кој постојано се жали дека нема правда да го замени со менталитет на човек кој знае дека со тоа постојано кукумјавчење не се решаваат работите во реалниот живот. И дека наместо изговори се потребни храбри решенија и одговори. Тоа е обид скептицизмот на граѓаните да се замени со оптимизам, недовербата со доверба, стравот со надеж, а политичката неизвесност со поголема сигурност.

Другата политичка опција што сега ја предводат Мицкоски и Иванов во сè што прави првата гледа само „црнила“. Таа во се гледа светски заговор против Македонија и Македонците. Го шири и натаму, како во 19 век, стравот од национално обезличување, од губењето на државата, стравот од соседите, од „блудницата вавилонска“, од Албанците, од вакцините, од Сорос и од „тајните здруженија и договори“, кои се способни само тие да ги разоткријат.

И затоа не само што не сакаат да бидат дел од ова што се случува денес во Македонија, туку работат со сите сили тоа да не успее и да се спречи. Тие се последните Македонци и единствените што ја сакаат Македонија. Сите други што не им веруваат се национални предавници ујдисани со Албанците и со Западот против „вистинските интереси“ на Македонија и на Македонците. Тие не нудат решение. Само знаат дека ова не е добро. И се убедени дека само со промена на „ненародната власт“ од Македонија ќе исчезнеле „црнилата“.

Овие две политички сили ќе се судрат деновиве во Собранието на Македонија. Можностите за реално политичко помирување во Македонија ќе се видат при гласањето за усвојување на амандманите.

Одлуката ќе го покаже нивото на политичко созревање на партиите во Македонија и способноста на секој избран пратеник, од која било партија, да застане на вистинската страна од историјата на Македонија.

Останува да се надеваме и веруваме дека општество кое успеа да го смени режимот на Груевски од власт, кој беше вгнезден во сите пори на општеството и го контролираше секој сегмент во политиката, ќе најде сили да ја оствари оваа своја најважна политичка цел на која ѝ го посвети до сега сето свое внимание и енергија. Не мора секој да верува во тоа дека Земјата е тркалезна. Не мора секој да сака да ја види разликата меѓу овие две политички понуди и да биде убеден дека не се баш исти. Не мора секој да сфати дека е неморално и штетно тешката положба на Заев во обезбедувањето мнозинство за овој децениски исчекор на земјата да се користи за ловење ситни националистички поени. И не мора секој да ги отвори ширум очите ако сака да гледа само „црнила“. И тоа е право што му го обезбедува демократијата.