Посвоено дете две и пол години не постоело за државата


Мојата душа не е мирна сè додека не дознам која е мојата биолошка мајка. Мајката што ме посвоила и што ме одгледа почина и не ми кажа која сум и од каде сум.

Елена К. во 1976 година била посвоена во семејство во Прилеп, а сега има свое семејство во Скопје. Активно почнала да го бара своето потекло пред две години откако починала нејзината мајка со која го поминала детството, тинејџерските години и ги споделила сите среќни и тажни моменти во животот.

Прашањето „Да не сум посвоена?“ го поставила кога имала 25 години и денеска не знае да објасни зошто ѝ дошла таква мисла, зошто го поставила „вистинското“ прашање во еден момент на слабост.

Нејзината мајка ѝ одговорила: „Да, па што. Не прашувај ме ништо, не можам да зборувам“.

Оттогаш зборувале на оваа тема, но не трагала по своето потекло за да не ги навреди луѓето што ѝ дале сè во животот откако била оставена.
Нејзиниот татко починал и не дознал дека неговата Елена ја дознала вистината – дека е посвоена.

Елена денес има свое семејство, две деца и веќе самата знае колку е силна мајчинската љубов. Нејзиното второ дете почнало да зборува малку подоцна од вообичаеното. Задоцнетиот говор кај детето бил најсилната причина да инсистира да дознае од каде потекнува, дали можеби овој проблем произлегува од нејзините гени кои не ги знае.

Но мајка ѝ, која тогаш веќе била болна, и покрај силната причина не попуштила, ништо не кажала.  По смртта на мајка си, Елена почнала активно да ги бара своите корени. Ги прашувала роднините, одговор не добила.

Вистината не може да ја најде ни преку институциите бидејќи биолошките родители законски се заштитени. Нивниот идентитет е службена тајна за посвоеното дете.

Но, сепак, преку неофицијални извори од институциите дознава дека во полицијата не е заведена кога точно се родила. Нејзиниот извод е издаден без никаков документ во 1976 година. На изводот, пак, пишува дека е родена на 17 декември 1973 година, без белешка дека е посвоена. Ова значи дека таа две и пол години никаде не била заведена дека се родила. Сè додека не ја посвоиле, не била ниту еднаш вакцинирана. Првата вакцина ја примила на две години и три месеци.

Тоа што не примила ниту една вакцина сè додека не била посвоена ѝ отвора сомнеж дека не била земена ниту од дом за деца без родители ниту од хранителско семејство, бидејќи овие деца биле редовно вакцинирани.

„Во мојот случај се прескокнати сите институции, сите процедури, немам никаков документ, никој не знае да ми каже. Немам основа од каде би можела да ја почнам потрагата. Не знам ниту дали ми е точен датумот на раѓање“, вели Елена.

Ѝ останале само зборовите на нејзината мајка кои постојано ги „премотува“ во мислите и секогаш ѝ раѓаат нови и нови сомнежи кои ѝ ја јадат душата.

Пред точно една година, на 30 јуни 2017 година, граѓанското здружение „Клик акција“ поднесе иницијативата до Министерството за труд и социјална политика за измена на Законот за семејство, во делот на посвојувањето. Здружението бара да се смени членот 123а, според кој податоците за посвојувањето се тајни.

Тие се повикуваат на Универзалната декларација за човекови права, Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи и Конвенцијата за правата на детето.

Од Конвенцијата произлегува обврската на сите држави кои го ратификувале документот да го имаат предвид примарното значење на интересите на детето во сите активности што се однесуваат на него, без оглед дали ги спроведуваат јавните или приватните институции за социјална заштита, административните органи или законодавни тела.

Сега, во решението за посвојување се внесуваат датумот на раѓање на детето и податоци од кои не може да се открие идентитетот на мајката.
„Ваквата законска определба претставува директно кршење на правата на детето кои се нормирани во Конвенцијата за правата на детето. Членот 7 од КПД вели дека детето се регистрира веднаш по раѓањето и со раѓањето има право на име, право на грижа, државјанство и, доколку е тоа можно, право да знае кои му се родителите и право на нивна грижа“, велат од здружението.

Бидејќи посвојувањето е службена тајна, за посвоените деца се затворени вратите на државните институции и на службите кои биле вклучени во процесот на посвојување.

„Во нашиот Закон за семејство се овозможува посвоеното дете да биде повторно запишано во Матичната книга на родените врз основа на решението за целосно посвојување во кое како родители на детето се запишуваат посвоителите, а личното име на посвоеникот и местото на раѓање се запишуваат согласно спогодбата на посвоителите. По извршениот нов упис во Матичната книга на родените, матичарот е должен да ја извести матичната служба заради бришење на стариот упис. Иако повторниот упис на детето во книгите на матичната евиденција е легално извршен врз основа на решение донесено од надлежен државен орган, сепак, го нарушува првичниот идентитет на детето што го добило со раѓањето“, додаваат од „Клик акција“.

Тоа што се пресечени биолошките корени е траума за посвоените деца од многу причини.

„Тие се прашуваат кои се моите крвни сродници, се плашат од можноста за инцест оти не ги познаваат браќата и сестрите, има наследни болести што можат да изродат сериозни проблеми кај посвоеникот од психолошки, морални, етички и здравствени аспекти“, додаваат од здружението.

Тие предлагаат да се додаде нов член во Законот, право на детето на информирање за посвојувањето, при што би се штителе правата на посвоените деца, но и правата на родителот кој оставил дете и мислел дека тоа ќе остане тајност. Се предлага Центарот за социјални работи да ги запознае потенцијалните посвоители со правото на детето да дознае дека е посвоено, ќе го советува детето од нив да дознае дека е посвоено, и тоа до одредена возраст, според компаративни искуства од други земји. Се предвидува и можност Центарот да дозволи увид во предметот за посвојувањето и увид во уписот во матичните книги на родените на посвоеното дете, откако тоа ќе наполни 18 години и по негово лично барање.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека измените на Законот за семејство се планирани за 2019 година и тогаш ќе биде земена предвид доставената иницијатива.

„За таа цел, потребно е да се направи проценка на влијанието на измената на регулативата во однос на посвоените деца, да се обезбеди релевантно експертско мислење на научната и стручната јавност, како и компаративна анализа со регулативата на другите земји“, велат од МТСП.

Зошто е толку важно да знаат од каде потекнуваат, најдобро им е познато на децата кои се посвоени. Тие си поставуваат безброј прашања – кој сум јас, од каде сум, зошто ме оставиле, дали некој ме бара, дали имам биолошки браќа и сестри… Тие велат дека не осудуваат никого, си ги сакаат родителите што ги посвоиле и ги изгледале, но сакаат да ја знаат и вистината за биолошкото семејство.

Освен измените на Законот, целта на иницијативата е да се одговорат овие прашања и да се испрати порака до посвоителите отворено да зборуваат со своите деца, да бидат искрени со нив за да растат без психолошки трауми што ги предизвикува шокот кога случајно ќе дознаат дека се посвоени.