Политичка нарцисоидност


 

Ило Трајковски

Пролетта е на повидок. Значи, време е на нарцисите. А најавени се и претседателските избори. Значи, време е и за нарцисоидноста. И овој пат, како и во други претходни пролетни сезони, има совпаѓање меѓу ритамот на природата и ритамот на општеството. Од оваа перспектива повеќезначноста на зборот „нарцис“ ми отвора интересна перспектива на нашите тековни политички случувања. Нарцисот во природонаучниот речник означува име на цвет. Тоа е еден од најраните цветови кои ја најавуваат пролетта. Со жолтата боја на цветните ливчиња и зелената на стебленцето изгледа елегантно и надобудно во периодот на последните зимски и првите пролетни денови. Но неговиот изглед и време на појавување се едно, а културната симболика која се поврзува со неговото име е нешто друго. Таа не произлегува просто од неговиот изглед, туку од митологијата за него.

Со зборот „нарцис“ се врзува митот за еден восхитувачки убав младич кој толку силно се вознесол од сопствената убавина што станал неспособен да се заљуби во никој/а друг/а туку единствено во самиот себеси! Легендарниот Нарцис толку многу се сакал себеси што секој ден одел на брегот на езерото за да се воодушевува на сопствениот одраз во водите на езерото. Сè додека еден ден, заслепен од одразот на сопствената убавина, не паднал и не се удавил во езерото. Ова е класичната легенда за самољубивиот Нарцис. Но таа има и уште понарцисоидно продолжение. И тоа е поважно за разбирање на нашата актуелна политичка пролет.

Продлабочениот поим за нарцисоидноста му го должиме на поетот Оскар Вајлд. Тој оваа старохеленска легенда ја надополни со приказна за надиндивидуалната, да ја наречеме колективната нарцисоидност. Според таа приказна на Вајлд, откако Нарцис се удавил, езерото почнало да плаче. И кога самовилите, тешејќи го му рекле дека разбираат зошто плаче по Нарцисовата убавина, езерото збунето препрашало: а зарем Нарцис навистина беше толку убав?! На тоа самовилите збунето одговараат дека нема друг кој подобро би ја познавал Нарцисовата убавина од самото езеро. На тоа, езерото во најнарцистички дух одговара: Да, Нарцис секој ден доаѓаше на моите брегови да се огледа во мене. Но јас не плачам по неговата убавина! Плачам по Нарцис затоа што секогаш кога тој ќе дојдеше на мојот брег јас можев во длабочината на неговите очи да ја видам мојата убавина! Езерото поголем нарцис и од самиот митолошки Нарцис. Политичките партии поголеми нарциси од нивните кандидати за претседател на државата!

Оваа дилема ми се наметнува овие пролетни деновиве. Поттикнати од благодатите на топлината која ја зрачат претседателските избори на површината на јавниот живот се појавија повеќе политички нарциси – индивидуални и колективни. Разбирањето на политичката нарцисоидност и нејзините влијанија врз текот на изборната кампања е важна претпоставка на одлуката дали ќе се „заљубиме“ во некој од претседателските кандидати, односно во некое од политичките езера кои се загледуваат во убавините на нивните кандидати и обратно!

Проучувањето на нарцизмот, особено на неговите индивидуални манифестации е стара тема на психологијата, психијатријата и филозофијата. Социологијата и политикологијата се зафатија со овој феномен подоцна. Во текот на 1960-тите години Кристофер Лаш, на пример, детектираше омасовување на т.н. нарцистичка структура на личноста во западните земји, а особено во САД. Денес многумина аналитичари констатираат превласт на експонентите на таквата култура во политиката во повеќе земји. Во САД пример за тоа е победата на Доналд Трамп на претседателските избори. Во Франција, според анализите на Мишел Шнајдер, политичкиот нарцизам бликнал со изборните победи на Никола Саркози и Франсоа Оланд. За Макрон упатените велат дека е позитивен нарцис.

Социолошките објаснувања ја поврзуваат експанзијата на нарцизмот во политиката на современите демократии со две други појави: јакнењето на улогата на мас-медиумите во општествениот живот воопшто и, особено во политиката и изборната кампања, на една страна и со порастот на популизмот, на друга страна. Ова е вистинскиот бермудски триаголник на демократијата денес во светот и кај нас. Мас-медиумите и социјалните мрежи станаа сеприсутно огледало. Преку нив политичарите се појавуваат на блескавите екрани – екраните на паметните телефони, на компјутерите, на телевизорите, но и очите на масата лајкачи. Затоа, Мишел Шнајдер својата анализа на политичкиот нарцизам предупредувачки ја наслови „Политиките во канџите на нарцизмот“.

Проблемот со нарцизмот денес е тоа што мас-медиумите и социјалните мрежи поради нивната улога на сеприсутни огледала во политиката привлекуваат многу повеќе нарцисоидни типови на личности отколку порано. Политичарите не стануваат нарцисоидни поради нивната политичка активност. Не е лошата политика таа што ги расипува добрите карактери, туку лошите карактери ја расипуваат политиката. Политичарите носат силни нарцисоидни црти на личноста уште пред да станат политичари. Ако мотото на старата политика беше да се владее за да се промени нешто, денешната политика се води од мотото да се владее за да се биде виден.

Во науката се препознаваат многубројни нарцисоидни црти на личноста. Од гледна точка на нашето тековно предизборие, како особено ризични по демократската политика ни се покажуваат три: чувството за сопствената политичка големина, за предодреденоста да се биде претседател и кусокот на емпатија кон другите. Ова, по моја оценка, се клучните критериумите по кои се ориентирале водствата на двете главни политичките партии при изборот на нивните претседателски кандидати.

Прашањето е дали од листата на пријавени нарциси се селектирани оние кај кои овие црти се најмногу или најмалку истакнати. Дали се селектирани најнарцисоидните или најмалку нарцисоидните претенденти? Тоа не би можеле да го знаеме со сигурност без соодветна анализа. Но основано може да претпоставиме дека определувајќи се за еден од повеќето кандидати партиите, односно нивните водства се воделе од сопствениот колективен нарцизам. Тие ги избраа оние кандидати во чии ликови се гледаат себеси како „најубави“ надевајќи се дека како такви ќе ги видат и гласачите. Аналогно на езерото од приказната на Оскар Вајлд овде партиите им се радуваат на своите претседателски кандидати не заради нивните исклучителни квалитети како такви, туку заради тоа што преку нив тие себеси се гледаат како најубави. Очекувањето е дека преку нив и граѓаните ќе ги видат како такви и ќе го одберат токму нивното огледало – не за друго туку и тие себеси да се видат такви.

Единствено нешто што не се вклопува во ваквиот нарцистички модел на објаснување на направениот избор е наречениот натпартиски профил на двата избрани кандидати – професорката Гордана Силјановска-Давкова и Стево Пендаровски. И двете партиските водства како најважен политички белег на својот кандидат го истакнуваат токму нивниот профил на непартиски јавни личности. Не навлегувајќи во вистинитоста на оваа претстава се прашуваме како треба да се разбере ова? Дали можеби партиите сакаат да покажат дека и покрај сè, тие сепак не се толку самозаљубени, не се толку убедени во сопствената грандиозност и предодреденост да ја водат државата и дека, сепак, покажуваат емпатија кон другите? Анализата на промотивните говори на двете водства ја исклучуваат оваа можност. Во нив доминираат само фалби за сопствените минати постигнувања и сатанизирања не само на конкурентската партија туку и на оние кои јавно не се декларираат како поддржувачи или како симпатизери на нивниот кандидат. Не така одамна ечеше заканата кон партиски непостроените дека нема независни, нема неопределени. Според тоа, единствено разумно објаснување за величањето на натпартискиот профил на двата избрани кандидати од страна на двете партии е претпоставката дека нивната независност поминала низ нарцистичката дренажа.