Пензионери на контејнери, пратеници тезгароши


Ило Трајковски

Просветната професија е благородна. Таа ги облагородува и образованите и образувачите. Кога се работи посветено, квалитетно и професионално таа додава нова вредност на најважниот развоен ресурс – човековото знаење. Речено со новокапиталистичкиот речник: просветната професија го оплодува човечкиот капитал. Оваа мисла си ја повторувам секогаш кога се соочувам со некоја пречка која ја попречува мојата мисија како универзитетски професор. Верувам дека слично постапуваат и другите колеги, било од универзитетите било од средните или основните училишта, кои и покрај многубројните работни и статусни фрустрации упорно и посветено ја извршуваат својата професија. Според еден од најпознатите француски социолози, Пјер Бурдјо, образовниот систем или образовното поле е општествениот простор во кој современите општества го произведуваат својот институционализиран културен и човечки капитал.

Просветните работници се создавачи на културниот и човечкиот капитал со кој располагаат современите општества и од кои зависи нивниот опстанок и развој. Секој просветар е свесен за ваквата општествена мисија на својата професија. Но, како неа да ја валоризираме во услови кога на јавната сцена, но и во самиот образовен простор главен збор имаат различните форми на финансиски и политички капитал. Парите и политиката силно ги истиснуваат знаењето и хуманоста и од училниците? За да го опишам овој процес, ќе пренесам едно неодамнешно доживување од училница, а на чија актуелност се сетив деновиве читајќи за најавеното протерување на пензионерите од пазарите, од една страна, и за залагањето на повеќе пратеници од македонскиот парламент да си обезбедат значителни привилегии по завршувањето на нивниот мандат.

На еден од часовите за вежби се расправаше за политичките цели на мерките на претходната влада за подобрување на благосостојбата на пензионерите. Како пример беше земен бесплатниот јавен превоз во одредени денови. Ме фрапираа исказите на некои студенти за пензионерите како гнасни, одвратни, агресивни и меѓусебно солидарно спротивставени кон младите! Тие ги опишуваа нивните непосредни доживувања со оваа категорија население во градските автобуси како да се спасиле себеси од гасни комори, но без да жалат за оние што останале внатре! Уште пофрапантно беше што како реакција на ваквите искази други студенти само цинично се потсмеваа. Потсмевајќи се, како да ги подзасилуваа своите колеги уште „посочно“ да го опишат нивниот презир кон пензионерите и старите лица во градските автобуси.

Со цел да укажам дека таквите оценки не само што се нехумани, туку се и социолошки непромислени, општествено неодржливи и дека не им е местото во главите на студенти ги потсетив дека ѝ тие се нечии дедини или бабини внуци и внуки, дека и нивните родители еден ден ќе бидат пензионери, а подоцна и тие самите ќе го стекнат тој статус.

Знам дека оваа појава има многу пошироки димензии. Познат е феноменот на стигматизација на староста и стареењето кој се случува во напреднатите земји. Но, овде станува збор за нешто други. Ваквите искази откриваа елементарен конфликт меѓу две возрасни категории околу тоа која да преживее, а која да умре! Тие откриваа дека нашиот социум е во состојба на волчја глутница. Земи од другиот што можеш да земеш и колку што можеш – парите, угледот, жената или мажот и живот, што да не!

Ваквата предаторска филозофија деновиве ја препознав во двата актуелни законски проекти – едниот во форма на закон во постапка на спроведување, а другиот во форма на предлог за донесување закон. Првиот е Законот за трговија на зелените пазари, а вториот е предлог на некои пратеници за донесување закон за статусот на пратениците по завршувањето на пратеничкиот мандат.

Со првиот закон, доколку се спроведе, од први јануари наредната година на зелените пазари како трговци не ќе можат да се појавуваат физички лица кои остваруваат приходи по основ на работен однос, договор на дело, пензија, социјална помош и паричен надомест за време на невработеност. Значи, на пазарите не ќе смеат да држат тезги вработени лица, пензионери, социјалци и невработени. Изјавите кои по овој повод ги даваат тезгаџии кои во ваквото законско решение гледаат шанса за себеси ме потсетија на исказите на моите студенти за пензионерите во градските автобуси – колку полошо за другиот толку подобро за мене, и обратно! Според нив, ваквото законско решение е подобро затоа што пензионерите им сметаат, им одземаат дел од нивната заработка!

Со вториот закон кој е во најава се планира пратениците по завршувањето на нивниот мандат да добиваат вработување во државната администрација – на соодветно ниво, секако. Ваков или сличен проект имаше и во претходните пратенички состави на македонското собрание. Еден дури заврши и пред Уставниот суд. Сегашниот предлог го иницираат истите пратеници кои кон крајот на 2017 година гласале и го донеле законот со кој пензионерите и социјалците се исфрлаат од пазаришните тезги и се упатуваат на контејнерите.

Веројатно, знаејќи дека контејнерите во иднина ќе бидат презафатени поради дотурот на пензионери како нови корисници, претседателот на Собранието застана во одбрана на правото на пратениците да се изборат за своја коска. Тој јасно се искажа дека пратеници не можат да бркаат по контејнерите откако ќе им заврши мандатот и затоа треба со закон да им се обезбеди место во државната администрација. Се прашуваме зошто на иницијаторите на овој предлог-закон како решение не им ги понуди местата кои се ослободуваат на тезгите на зелените пазари по протерувањето на пензионерите и социјалците оттаму. Така тие нема да буричкаат по контејнери, туку ќе работат нешто за што имаат и знаење и пракса. Нашите пратеници, чест на исклучоците, ако ги има, повеќе пати досега се покажаа како многу вешти пазарџии. Тие нивни вештини ги гледаме на дело секој ден. Особено деновиве.

Во битката за обезбедување парламентарно мнозинство за уставните амандмани, а со тоа и на сопственото опстојување на власт, Владата им понуди на пратеници од опозицијата да им го откупи нивниот глас. Вистинската цената е јавна тајна. Номиналната цена е општо позната – амнестија за едно или друго кривично дело. Така, амнестираните пратеници си гласаа за сопствената амнестија! Наместо претставници и застапници на интересите и потребите на граѓаните, тие се застапија за себеси! Тоа го прават и со најновиот предлог на закон. Се чини дека во нашиот парламент пратеничкиот статус е само правна и политичка фикција. Контејнерите и тезгите, остануваат тврди реалности за граѓаните!