Парламентарни декларации за зафрканции


Ерол Ризаов

Тие што не ги знаат границите до каде може да оди лицемерието во Македонија пред неколку дена беа шокирани од  едногласната одлука во Собранието на Македонија. Сите присутни пратеници, и од власта и од опозицијата, гласаа за поддршка на членството на Македонија во НАТО. Недоволно упатен човек би помислил цврста определба како армиран бетон и крај на неизвесноста за иднината на државата.

Зошто медиумите воопшто не му обрнаа внимание на овој чин, ме прашува тазе стасан дипломат на служба во Македонија. Дали  е можно да не го согледавте значењето на една ваква едногласно усвоена декларација. Таа декларација не значи ништо, му велам. Од прогласувањето на независноста до денес имаме сто такви декларации и уште толку резолуции. Ме гледа човекот вџашено. Одмолчувам. Како да му кажам дека тие се декларации за зафрканции и итарпејовско партиско надмудрување.

Во земјата светски шампион во лицемерие, цврстата определба за НАТО и ЕУ е влезена во сите документи, во сите стратегиски и развојни планови, во сите новодонесени европски закони. Во изминатите 27 години наполнивме неколку вагони од европски закони, близу 15 години сме кандидат за влез во ЕУ со отворена врата и со веќе добиена покана за влез во НАТО, но сето тоа за противниците на европеизацијата на Македонија не значи ништо. Тоа се балкански подлости во битките за освојување на власта. Станува збор за познати трикови и криминогени доктрини за попречување на правдата на осомничени и веќе  осудени  високи функционери против кои се водат повеќе судски процеси чиј епилог е еден од условите за отпочнување на преговорите со ЕУ наредната година.

За жал, не се работи само за медиумски валкани пропаганди и уцени за меѓупартиски договор и пазарлак – ние вам поддршка за договорот со Грција и за промена на Уставот, а вие нам ослободување од судско гонење на осомничените политичари. Тоа не може да помине, но врви нешто друго многу поопасно. Тоа се тажачките на оптоварени образовани луѓе, интелектуалци и универзитетски професори, академици, дипломати… кои ги заплашуваат граѓаните со наводен светски заговор против Македонија, проповедаат јавно за опасност од различните од себе. Национализмот и шовинизмот вешто се затскриени и преточени ѓоа во идентитетска војна за спасување на Македонија од обезличување, од промена на името, од сквернавење на јазикот, од голема неправда и понижување и од лошите комшии, од егоистична Западна Европа и од џандарот на светот, Америка. Сите тие се прикажани како наши непријатели, кои во сојуз со предавничката власт ги распродаваат националните интереси на Македонија. Типичен вмровски и врховистички погубен начин за упропастување на македонскиот народ, овој пат и на државата, бидејќи додека ВМРО беше активна, особено по првите десет години од своето основање во 1893 година, никогаш и немавме држава.

И додека светската интелектуална елита со отворени писма објавени во угледни и влијателни  медиуми и потпишани од признаени научници го поздравува отплеткувањето  на Гордиевиот јазол, нашите локални авторитети загрижени за хигиената на нацијата и за заштита на идентитетот сеат омраза и ги заплашуваат луѓето дека е готово со Македонија, дека не треба да се прифати договорот со Грција, оти е тоа многу опасна работа за иднината на земјата. И додека светската научна елита честита што договорот ги запазил универзалните декларации за самоопределување  и самоименување и заштита на јазикот и сè што значи идентитетски определби, наши учени луѓе го проповедаат спротивното. Тие упорно негираат дека името Македонија останува непроменето  како име на единствената држава во светот. Нашата. Географската  додавка „северна“ за нив е повеќе од  компромис, тоа е предавство и крај на опстанокот на Македонија, велат нашите храбри чувари на идентитетот. За најважниот идентитетски предзнак, македонскиот јазик, кој останува како и досега  и во науката и во ОН,  не зборуваат ништо, бидејќи сега тоа не им е значајно кога се работи за светска потврда заверена одамна во ОН. Тоа прашање останува само за по дома за заплашување со законот за проширување на употребата на албанскиот јазик и другите немакедонски  јазици во земјата.

Од ден во ден, сè пожестоки и повалкани се медиумските кампањи на оркестрирани партиски активисти кои повикуваат на бојкот на референдумот. Сè поголема е и поддршката од страна на познати академици и универзитетски професори, кои  проповедаат да нема сугестивно референдумско прашање со кое ќе се влијае врз граѓаните како да гласаат. Значи, прашањето не смее да биде со нагласена определба кон НАТО и кон ЕУ, туку најдобро е, велат, со бојкот да не успее референдумот. А бојкотот би бил многу изгледен ако се постави нивното, ни малку сугестивно, прашање: Дали сте за промена на уставното име на државата и за прифаќање на договорот со Грција? Генијално прашање душа дало за бојкот и за давење на Македонија во балканскиот жив песок. Тоа што со ваков пристап дефинитивно се уништува иднината на Македонија за нив нема значење. Тие не ја препознаваат штетноста на пораката  што ја испраќаат за  подривање на општествениот и економскиот систем  на државата. Несфатливо.

Не е за верување дека не можат да ги согледаат последиците од пропаѓањето на историската шанса. Приемот во НАТО и во ЕУ е најголемиот историски дострел кој ја оправдува определбата на граѓаните на Македонија за своја самостојна држава. Досега, во изминатите 27 години, независноста на  Македонија не беше оправдана со досегашните  достигнувања, уште помалку со остварување на надежите и очекувањата на граѓаните. Сè уште мнозинството граѓани имаат перцепција дека во претходната заедничка држава живееја и подобро и со поголем стандард и се чувствуваа  побезбедни и посигурни. Сега за првпат по 27 години се нуди единствена можност Македонија да ги оствари стратегиските цели и приоритети со успешни евроатлантски интеграции.

За жал, со  негативните кампањи станува видливо дека во Македонија се работи за опасна спрега меѓу странски разузнавачки служби и домашни следбеници да се спречи членството во НАТО и во ЕУ со влијание врз референдумското изјаснување. Владата треба да ги преземе сите законски надлежности за отстранување на пречките во остварување на стратегиските интереси на државата. Неуспешниот референдум како производ на валкани кампањи и застрашувања, замешателства на странски  агентури во земјата, не може да биде оправдување за дебаклот што може да го доживее Македонија со враќање на почетната позиција.

Во целата таа валкана кампања има една константа. Нема понуда на алтернатива каде ќе оди Македонија по евентуално  неуспешниот референдум. Ним тоа не им е важно, важно е Македонија никогаш да не стане членка на НАТО и на ЕУ. За жал, во Македонија нема научен авторитет како, на пример, во Србија, кога Латинка Перовиќ, научник и општественик од светски глас, им кажа на Србите ако не влезат во ЕУ ќе исчезнат. Ќе ја снема Србија. Тоа четири пати повеќе важи за Македонија отколку за Србија.  Но, Македонците немаат човек на кој му веруваат ако им каже такво нешто. Ги уништија и компромитираа сите научни, државнички, политички, интелектуални и деловни  вредности во изминатите 27 години. Сè исплукаа. Сега нема кому да му поверуваат, освен на самите себеси препознавајќи ја историската шанса. Тоа двапати им тргна од рака – со АСНОМ 1944 година и со референдумот за независност 1991. Ако може двапати, може и трипати.