Парите ги враќаат, ама оставки не даваат


Претседателот на Државната изборна комисија, Александар Чичаковски се откажа од четирите илјади евра награда што ги зел за „исклучителниот“ ангажман околу локалните избори годинава. Парите ги донираше во граѓанската организација „Полио плус – Движење против хендикеп“ и ќе бидат искористени за унапредување на политичката партиципација на лицата со попреченост.

Првиот човек на „Полио“, рече дека не сакале гола донација, па договориле и соработка со Чичаковски како „човек, кој има големи познавања од областа на изборите“. Главниот во ДИК надополни дека парите ќе биле наменети за проект со кој ќе им се помогне на лицата со посебни потреби полесно да го остварат своето избирачко право.

Неговиот колега Атанас Урумов најави дека парите ќе ги донира на Клиниката за детски болести или Клиниката за гинекологија. Засега нема официјална информација што ќе прават со парите останатите членови на Комисијата, кои не пропуштаа можност секој втор или трет месец да си поделат некоја плата плус. Пред неколку недели и директорот на Агенцијата за туризам, Александар Донев најави дека ќе ги врати парите со кои било доплатено за авионска карта – бизнис класа додека патуваше на исклучително важниот саем за туризам во Аргентина.

И двете реакции стигнаа како последица на притисокот на јавноста, откако дозна за аздисаноста на државните функционери. Прашање е за колку такви или слични ситуации никогаш не се дознава. Но, оправдувањата и изразите на жалење и каење по острите критики не резултираат со единствениот потег што го бараат гневните граѓани – оставка.

Ако гледаме од легален аспект, ние навистина нема што да бараме од нив, затоа што тие не се огрешиле пред законот и поради тоа, немаме право да им бараме правна одговорност. Но, има многу да се каже кога е во прашање моралниот аспект. За жал, моралната одговорност одамна се изгуби во политиката и тоа не е случај сега или само за време на владеењето на претходната власт, туку тоа се случува од прогласувањето независност на нашата држава“, укажува аналитичарот Роберт Несими.

Тој предупредува дека доколку сакаме да тргнеме напред како општество, ќе мора да се почитува и оваа димензија – моралната, и тоа пред правната. Смета дека дури и во случај кога не е прекршен законот, повисоките тела, а во случајот парламентот и Владата, што ги доделуваат средствата од буџетот, треба да побараат одговорност, кога веќе самите функционери немаат доблест.

Владиниот портпарол Миле Бошњаковски вели дека медиумите и јавноста со право се гневни, но оти, тие, како Влада не можат да се мешаат како некоја институција ќе си го распредели буџетот. Тој посочува дека проблемот и ист како оној со патните трошоци на пратениците во Собранието.

Таму е слична ситуацијата, но Владата не може да наложи да се измени деловникот во парламентот. Тоа е нешто што самите пратеници треба да го направат и да отстранат нешто што ја лути јавноста“, објаснува Бошњаковски.

Моралот се дефинира како збир на непишани правила и обичаи во меѓучовечките односи и во расудувањето што е добро, а што е зло. Во некои средини, моралот е објективен и се манифестира како општествена свест, систем на обичаи, навики и норми. Настанал како општествен порив за одредено однесување, односно принципи што одредуваат какво треба да биде однесувањето. Тој е релативен, не е ист во сите општествени групи и историски периоди. Моралот е сличен на законот, но за разлика од него, нема политичка и економска санкција, па се заснова на свеста на поединецот и општеството. Како санкција за неморално однесување се јавува грижа на совест, прекор или бојкот од околината.

Социологот Илија Ацески потенцира дека нашето општество е морално пропаднато, односно дека разговараме за моралот затоа што сите други контролни механизми во правото и во политиката воопшто не функционираат.

Еден куп други работи во општеството се уништени и девастирани, а моралот е погазен. И кога доаѓаме до моралот, значи сме стигнале до крајот и затоа сега осудата е толку страшна. А, штом сме стигнале до крајот – расправата е тешка“, заклучува Ацески.

Аналитичарите немаат дилема дека за релативизацијата на моралот, најодговорна е политичката елита поради својата позиција и затоа последиците од нејзините постапки влијаат врз мнозинството граѓани.

Сите ние сме политичари во своето маало, фирмата каде што работиме, па дури и во семејството. Често имаме двоен морал, еден вреди за нас, а другиот за сите други. Живееме во свет во кој имаме пореметен систем на вредности и релативизирање на моралот. Модерната политика живее од компромис, а моралот не признава компромис. Обично се вели дека ни треба повеќе морал во политиката, а помалку политика во моралот. Но, морализирањето е облик на патронизирање, обид за наметнување на својот став врз другите. Етиката во себе носи идеали кон кои што тежнееме, а пред се прашањето на правда. Правните прописи имаат свој извор во моралните закони. Понекогаш мора да донесене одлуки за кои знаеме дека се избор помеѓу две зла, па го избираме помалото. Прашањето на компромис е потреба, ама секој мора да ги одреди границите. Прашањето на границите зад кои компромисот станува неморален е отворено“, вели хрватскиот професор Звонко Кусиќ.

Горан Адамовски