Осумте принципи – пат без хендикеп


Костадин Богданов

Република Македонија е држава која има уставна определба да се развива како парламентарна демократија. Тоа пред сѐ подразбира политичките партии, чинители на тој парламентаризам, да бидат однатре структурно и функционално демократски поставени. Само така може да се гарантира демократскиот карактер на државата. Од друга страна, пак, од партиите со внатрешен демократски дефицит не може да се очекува да бидат чинители на прогресивните процеси во едно демократско општеството, без оглед на нивните програмските документи и реторичките заложби вградени во партиските акти, и без оглед дали се наоѓаат во позиција на власт или во опозиција.

Оттука, за ВМРО-ДПМНЕ во овој момент е клучно да ги спроведе предложените измени на Статутот на партијата и тоа без одлагање. Тие измени ќе бидат најголемиот фактор за обединување внатре во партијата. Тие широко ќе ја отворат портата за збогување со неконзистентните и неконструктивни политики на партијата кои беа зависни само од расположението на една или неколку личности во партијата. Тие повторно ќе ја вратат партијата назад во рацете на членството, а со тоа ќе ја вратат и внатрешната енергија за нови победи. Конечно, тие измени ќе го означат почетокот на внатрешната и надворешната деизолација на партијата, а со тоа и почетокот на новата ера за уште посилна ВМРО-ДПМНЕ, ВМРО-ДПМНЕ која во најскоро време ќе биде подготвена да ја добие честа одново да раководи со државата.

Суштинските реформите во ВМРО-ДПМНЕ се неминовни. Осумте принципи на дејствување на партијата вградени во „Декларацијата за демократизација и модернизација на ВМРО-ДПМНЕ“ е основата зад која сега треба сега да се застане. Само на тој начин може да се оттргне секој сомнеж во јавноста за нечие „марионетство“ или продолжено „автократско“ владеење со партијата.
Најпрво, треба да се започне со редефинирање на надлежностите и начинот на избор на постоечките органи на партијата. Мора во Статутот да се вгради принципот на неспоивост на функциите, за да се спречи концентрацијата на целокупната моќ во партијата во рацете на само една личност.
Второ, статутарните измени треба да воспостават нови органи во партијата на општинско ниво преку кои партијата ќе се децентрализира и ќе се зајакне учеството на поширокото членство во одлучувањето, особено при локалната кадровска политика.
Трето, измените на Статутот треба да ја вратат вистинската улога на централниот комитет на партијата како претставнички орган на поширокото членство. Тој орган е гласот на членството. Тој орган не смее да биде киднапиран од страна на другите органи, особено не преку начинот на неговиот избор.
Во таа насока, едно од можните решенија е да се конституира нов орган – собрание на општински комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Собранието на општински комитет ќе биде составено од непосредно избрани претседатели на кимови и месни комитети од страна на членовите на партијата, како и од претставници на стручните комисии на општинските комитети. Собранието ќе биде со надлежност да избира претседател на општинскиот комитет и да утврдува листа за избор на советници и градоначалници, како и да одлучува по сите кадровски решенија на локално ниво
Четврто, централниот комитет на партијата мора да биде движечка сила и партиски мотор во целата организација, форум на кој слободно ќе се разменуваат мислења и ставови на непосредно избрани претставници од општинските комитети од целата држава и ќе се дефинираат политиките на партијата. Централниот комитет на партијата треба да биде раководен од претседател/претседавач на централниот комитет, избран од своите редови, кој меѓу другото, ќе обезбеди своевидна рамнотежа во однос на моќта произлезена од извршните функции во партијата.
Петто, дел од актуелните надлежности на извршниот комитет треба да бидат пренесени на централниот комитет како претставнички орган на поширокото членство. Составот на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ треба да биде со строго ограничен број на членови и надлежности. Извршниот комитет не треба повеќе да има можност директно или индиректно да предлага или потврдува членови на централниот комитет на партијата, ниту да има можност да влијае врз изборот на претседатели на општинските комитети или општински собранија, или други партиски функционери во униите, советите или другите тела на партијата. Сите кадровски решенија на централно ниво треба да бидат во надлежност на централниот комитет на партијата како орган кој го претставува членството.
Шесто, претседателот на партијата треба да има точно определени овластувања кои овозможуваат креирање на политиките и застапување на партијата пред јавноста и институциите. Претседателот на партијата треба да има ограничен број на мандати, доколку се има вистинска желба да се искорени внатрепартискиот клиентелизам и султанизам.
Ова се само дел од предлозите зад кои застана Внатрепартиската иницијатива за реформи во ВМРО-ДПМНЕ во последните неколку месеци. Длабоко веруваме дека имплементацијата на наведените принципи, во рамки на новиот Статут на ВМРО-ДПМНЕ, ќе има позитивен ефект како кон членовите на партијата, така и кон новото раководство на партијата. Сега е моментот заеднички да го обликуваме новото лице на партијата, кое верувам ќе стане пример и за останатите партии во државата, и тоа не само заради нас членовите на ВМРО-ДПМНЕ, туку и заради севкупното општество кое има само една алтернатива – евроатлантската интеграција.