Осуденик за нападот врз Села не доби амнестија, па избега


Никола Војминовски, кој беше осуден на највисока затворска казна од 13 години и шест месеци за обидот за убиство врз пратеникот Зијадин Села,што се случи при крвавиот упад во Собранието, им избега на органите на прогонот.

Војминовски се наоѓаше во куќен притвор до правосилноста на пресудата, а при рутинска контрола не бил пронајден во неговиот дом.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека тие постапуваат по наредба на судот и информациите треба да се бараат таму. Она што зачудува е фактот што на Војминовски, и покрај тоа што е осуден на над тринаесет години затвор, не му бил одреден притвор. Сепак од Судот велат дека тие постапуваат по барање на Обвинителството и дека тој бил во куќен притвор на нивен предлог.

Кривичниот суд единствено излезе со официјална информации и потврди дека полицијата не го нашла дома. Куќниот притвор му бил одреден во мај минатата година, а продолжен во јули. Судот му одредил притвор сега откако избега и издал наредба за распишување на потерница.

„По добиеното известување, Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 – Скопје донесе решение со кое на обвинетиот му се определува мерка притвор од негово пронаоѓање односно лишување од слобода, а воедно издадена е и наредба за распишување интерна и меѓународна потерница“, соопштуваат од Судот.

Војминовски и уште еден обвинет добија највисоки затворски казни бидејќи токму тие го извлекле Села од групата пратеници и го предале на агресивната маса.

„Нивните дејствија претставуваат услов без кој не се може, односно доколку пратеникот Зијадин Села не бил извлечен од групата пратеници, не би бил изложен на сите напади и удари“, рече судијката.

Војминовски се појави како сведок во најголемиот процес што се води за упадот во Собрание. Во исказот тој потврди дел од тезите на обвинителството, дека упадот бил планиран претходно како единствен начин да се стави крај на новото парламентарно мнозинство на СДСМ и на ДУИ. По влегувањето на толпата во Собранието, претседателот Ѓорге Иванов требало да прогласи вонредна состојба. Вакви планови правеле поранешниот министер за внатрешни работи, Оливер Андонов и обвинетиот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Љубен Арнаудов.Војминовски нивните планови ги слушнал еден ден пред влегувањето во Собранието.

По донесувањето на Законот за амнестија и Војминовски поднесе барање, но Обвинителството и судот не дозволија да биде помилуван. (Ф.Ф.С.)