Опозицијата бара амнестија, власта сака помирување


Земјата се соочува со нов сериозен предизвик, покрај завршувањето на собранискиот процес за уставна ревизија. Помирувањето и простувањето за настаните на 27 април, кое го понуди премиерот Зоран Заев од собраниската говорница (која беше толкувано и како амнестија) и имплементација на договорот со Грција, очигледно, ќе бидат два процеса кои и наредниов период ќе се испреплетуваат.

Собраниската комисија за помирување, која е најавена од владејачката гарнитура со која треба да раководи претседателот на Собранието, Талат Џафери, за ВМРО-ДПМНЕ, практично, е нова „тоалетна хартија“.

Од опозициската партија велат дека нема да учествува во никакви тела за замајување на јавноста, ќе поднесе предлог-закон за амнестија до Собранието за сите учесници на 27 април. Оттаму порачуваат дека доколку власта навистина сака помирување, тогаш ќе го прифати предлогот, со кој, како што рече и лидерот Христијан Мицкоски во својот говор на прославата на денот на ВМРО, „се обезбедува неселективна правда и слобода за сите, а не само за оние кои што вас ви слугуваат“ алудирајќи притоа на обвинетите опозициски пратеници што гласаа за пристапување кон уставните измени. Ваквиот потег на ВМРО-ДПМНЕ доаѓа само неколку дена по прогласот од обвинетите за настаните на 27 април, во кој тие директно го обвинија Мицкоски дека ги излажал кога го ветил како гаранција имотот на партијата, како и предлог-закон за амнестија.

Од СДСМ експресно вратија: „Мицкоски и Груевски не знаат што е помирување и национално обединување – правда мора да има“. Според нив, завршило времето кога некој монтирал случаи и диктирал судски пресуди. „Ниту законодавната ниту извршната власт не може и не сме да се меша ниту, пак, да влијае на судството. На Македонија ѝ е потребно помирување и национално обединување околу иднината на државата, околу стратегиските интереси ЕУ и НАТО. Овој процес започна во Собранието и ќе продолжи во интерес на Македонија. Пионот на носителот на криминалот Груевски, Мицкоски и антизападното раководство на ВМРО-ДПМНЕ треба да разберат дека помирување не значи ослободување од одговорност за криминал“, се вели во реакцијата на социјалдемократите.

Премиерот Заев рече дека ќе се разгледа предлог-законот, но нагласи дека клучно е да се запази правната држава и да нема мешање во судските власти и правосудниот систем. На идејата за закон за амнестија, но и за формирање на комисија за помирување се спротивстави претседателот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села. „Амнестии во државата не дека немало, ама мислам дека е многу грешно и со амнестија даваме многу лоша порака. Тоа би му дало право на секој граѓанин на секоја одлука да влегува тука во Собранието, и да ни се случуваат повторно тие настани од 27 април. Јас не го прифаќам тоа. Не прифаќам ниту формирање на тела за помирување со оние кои го прекршија законот на 27 април“, рече Села.

Последните информации од Собранието велат дека телото за помирување, сепак, ќе биде формирано, но неизвесно е дали тоа ќе се случи до крајов на неделава. Според информациите во телото би требало да учествуваат координаторите на пратеничките групи и претставник на осумте пратеници. Засега е непознато какви заклучоци и одлуки може да произлезат од неговата работа. Пратеникот Александар Кирацовски од СДСМ во понеделникот изјави дека комисијата што ќе се формира треба да утврди „дали помирувањето ќе биде само за настаните од 27 април или пошироко“.

Иако од власта одбегнуваат да го употребуваат терминот амнестија и инсистираат на простување и помирување, дел од аналитичарите сметаат дека таа, сепак, ќе направи некакви отстапки во таа насока.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски за радио „Слободна Европа“ вели дека опсегот на амнестијата сега е клучниот предизвик. „Ако е тој преголем, тоа ќе ѝ создаде проблем на владејачката партија која со тоа би ги намалила своите најави за прогон на криминалот и враќање на правната држава. Ако биде премал, тогаш можеби нема да ги задоволи барањата на сегашната опозиција. Мислам дека токму поради тоа двете партии молчат за тоа како ќе изгледа таа комисија и што всушност таа ќе разговара и со што ќе се занимава. Јас мислам дека доколку компромисот, кој таа комисија би можела во политичка смисла да го направи, се задржи само на оној неопходен компромис поврзан со двотретинско мнозинство, тоа е горчливо апче за јавноста, но јавноста ќе може да го проголта“, вели Арсовски.

За проблемот со амнестијата вчера се слушна и гласот на судската власт од устата на врховниот судија и претседател на Здружението на судиите, Џемаил Саити. Тој рече дека прашањето за амнестија се одвива на друг терен, односно засега за тоа се разговара на ниво на политички партии.

„Според некои информации, тоа би се решило исто така на друг терен, во Собранието или во друга институција. Судовите ќе продолжат да ги судат предметите согласно динамиката и надлежностите што ги имаат. Амнестијата е друго прашање“, изјави Саити. (Н.К.)