Од сите страни Мицкоски сардисан


Ѓорѓи Спасов

Ако политиката е „уметност на согледување на можностите за остварување на јасно дефинирани цели“, како што рекол германскиот државник Бизмарк, тогаш Христијан Мицкоски во овој момент е веројатно најлошиот уметник во Македонија.

Тој во својот недамнешен говор во МНТ уште еднаш повтори дека клучна цел на неговата партија е македонскиот политички систем да се гради врз основа на европските вредности и Македонија да стане членка на НАТО и на ЕУ. Она што е различно кај Мицкоски во дефинирањето на оваа цел, кон чие остварување се стремат и другите релевантни политички партии во Македонија, е убедувањето дека тоа може да се постигне само ако се прогласи за мртов веќе потпишаниот договор со Грција и ако се направат напори членството во НАТО и во ЕУ да се обезбеди со потпишување нов договор со кој, според него, нема да мора да го менуваме Уставот, името за внатрешна употреба и нема да бил загрозен националниот идентитет на Македонците.

Тоа изгледа навидум симпатично, па дури и праведно, против кое никој не би имал ништо против во Македонија – само ако е можно.

И тука се соочуваме со лошата „уметност“ и умешност на Мицкоски како лидер на голема партијата која има одговорност за она што се случува во неговата земја, дури и кога е во опозиција.

На сите им е јасно дека во политиката, како и во животот, за да се оди напред се прават болни компромиси. На сите им е јасно дека во политиката често политичката моќ а не правото ги диктира правилата на играта. И на сите им јасно дека Македонија во односите со Грција беше заглавена повеќе од 27 години во идентитетски спор, кој не беше лесно да се надмине и од чие нерешавање ние губиме како земја, а не Грција.

Со доаѓањето на власт на Ципрас во Грција и на Заев во Македонија, се отвори конечно еден прозорец за излез од лавиринтот во кој бевме заглавени. Со поддршка на САД и на ЕУ постигнат е фер договор меѓу двете земји, кој и на двете им го обезбедува тоа што е најважно за нив. Македонија останува единствената земја на светот со името Македонија. Македонскиот јазик добива можност за уште поголема меѓународна афирмација. Македонскиот идентитетот останува гарантиран.

Со новото име Грција добива гаранција дека оваа држава не претендира да се простира на целиот регион Македонија од кој 51 отсто се наоѓа на територијата на Грција. Добива гаранција дека старото име на земјата нема да се користи за внатрешна употреба и со тоа да остане спорот нерешен. И добива гаранција дека придавката „македонски“ кога ние ќе ја употребуваме нема да се однесува на античкото наследство, туку пред сè на словенските корени на јазикот, историјата и народот во државата што треба да се вика Република Северна Македонија.

И тоа е гаранцијата дека на Македонија веднаш ќе ѝ се отвори патот за членство во НАТО и во ЕУ, односно за остварување на нејзините стратегиски цели во развојот.

Огромно мнозинство од граѓаните ова, со тешко срце, го подржаа на референдум. САД и земјите од ЕУ ни порачаа дека за потпишување на овој договор ја имаме нивната поддршка. Припадниците на сите етнички заедници во Македонија кои чинат над една третина од населението, освен еден пратеник од српската етничка заедница, го поддржуваат еднодушно договорот. А, многу умни луѓе од редовите на ВМРО-ДПМНЕ се на мислење дека илузија е да се мисли дека со Грција сме можеле како земја да постигнеме подобар договор од овој.

Мицкоски не одговара на прашањето: зошто не бил постигнат подобар договор во изминатите 11 години додека неговата партија беше на власт ако тоа било можно? На тоа прашање, Мицкоски вели – прашајте ги тие што биле на власт тогаш бидејќи јас сум нов лидер и сега со ВМРО-ДПМНЕ раководи „нова генерација политичари“.

На прашањето дали е можен подобар договор тој вели: „Ако пропадне овој договор, ќе биде тешко да се постигне подобар бидејќи со овој сегашната власт ја ослабна преговарачката позиција на Македонија“.

Од друга страна, тој говори дека целта што ја има зацртано, „влез во НАТО и во ЕУ без губење на идентитетот, промена на Уставот и загрозување на идентитетот“ ќе било можно да се оствари само ако тој победел на изборите и дека во тој процес не можел никој од надвор да ни помогне бидејќи тоа зависело само од нашата способност да ги средиме состојбите внатре во земјава. И тоа го прави сомнителен во неговите јавни определби за членство на земјата во НАТО и во ЕУ.

Убеден дека дури и договорот да помине во Собранието на Македонија и да биде ратификуван од Грција, тој има сила да ги врати работите во првобитната состојба ако добие власт, тој во својот говор во МНТ вели: „Цврсто верувам дека залудно е ова уништување што го прават, затоа што ние заедно ќе ја направиме Македонија земја за која сме сонувале и која сме ја посакувале“.

Останува прашањето: каква е таа Македонија што ја посакуваат тие за кои говори Мицкоски?

На идните избори, вели Мицковски, кога и да се случат, граѓаните ќе одлучувале дали се „за една Македонија на СДСМ – понижена дома и во странство, или за Македонија, предводена од новата генерација (политичари) во ВМРО-ДПМНЕ која се подготвува за промената што народот ја посакува“.

Оваа реторика тешко ќе му донесе поени на Мицковски од две причини. Прво, колку и тој да мисли дека Македонија со овој сериозен обид на СДСМ за исчекор од блокираноста на земјата во процесот на интеграциите кон НАТО и ЕУ е „понижена“ дома и во странство, тоа така не се доживуваа ниту дома ниту во странство. Повеќето од гласачите тоа го сметаат за нужен чекор кој еднаш мораше да се направи, а во целата меѓународна заедница се смета за храбар политички потег на лидерите од Грција од Македонија и историски чин во помирувањето на две земји и народи на Балканот. Второ, засега Мицкоски тешко ќе убеди кого било дека тој, Александар Николоски, Влатко Ѓорчев, Антонио Милошоски или Тони Михајловски се некоја „нова генерација“ политичари која „се подготвува за промени што народот ги посакува“. Тоа ќе му биде уште потешко да го докажува по двете клучни случувања во неговата партија.

Прво, засега нему не му успева сета вина за немоќта на партијата да ја префрли врз грбот на исклучените пратеници и други „предавници“ од партијата, меѓу кои се реформистите, како градоначалникот од Кавадарци Митко Јанчев. И второ: со писмото на Сашо Мијалков во јавноста, многумина во партијата, но и во јавноста ќе се запрашаат – што е ново во „новата генерација политичари?“ Склоноста кон криминал и лично богатење. Лажниот патриотизам кој се демонстрира со јавно противење на договорот со Грција, а тајно поддржување. Или авторитарноста во партијата, која се манифестира преку склоноста на лидерот преку пресметки со неистомислениците да ја зацврсти својата авторитарна власт во партијата, а тие пресметки да ги прикаже како ослободување на партијата од лошите луѓе и лошите практики во минатото.

Проблемот на Мицкоски е и во тоа што самиот е противречен.

Тој ги исклучува од партијата „предавниците“ кои му нанеле тага и болка, а веднаш потоа говори дека сите што влегле во Собранието на 27 април да вршат насилство се „патриоти целосно невини“.

Еднаш кажува дека лажно го обвинуваат дека барал амнестија за обвинетите за 27 април, а веднаш потоа предлага закон за амнестија со кој сите за 27 април ќе бидат амнестирани.

Еднаш вели „ние со нашата преродба и реформа на партијата завршивме“, а малку подоцна во истиот говор вели дека ќе продолжи да ја реформира партијата.

Еднаш вели дека на „предавниците“ од редовите на неговата партија нема никогаш да им прости, а веднаш потоа дека „на Македонија ѝ требаат лидери на сите нивоа кои ќе ја отфрлат омразата и поделеноста кои го трујат нашето општество“. Можеме, вели тој, да им простиме на оние со кои гласно не сме се согласувале.

И единственото во кое е доследен е тоа дека насекаде околу него параноично гледа „натрапници“ кои сакале да ни ја уништат државата.

А тој вид „флип-флоп“ политичари не остануваат долго на политичката сцена, колку и да клечат на колена пред „својот“ народ.