Образованието и стопанството и натаму се разидуваат


Родителите се главниот кочничар за децата во Македонија да се запишат во средно стручно образование, иако бројките од пазарот на трудот покажуваат дека во земјата се нудат токму такви работни места. Поранешниот заменик-министер за образование и наука Тале Герамитчиоски за „Независен весник“ подвлекува дека кај родителите сè уште преовладува мислењето дека треба детето да си помине лесно на училиште, дека е доволно да биде член на политичка партија за да добие вработување или некоја за нив претпоставена кариера. Потребно е и државата да инвестира во стручните училишта, да се модернизираат кабинетите за практична настава и да има поголема соработка меѓу училиштата и компаниите.

„Кај родителите преовладува убедувањето дека техниката е потешка. Зошто да се мачи моето дете? Затоа, клучен фактор за промена на свеста е медиумската кампања. Со кажување на фактите, дека по завршување на стручното образование веднаш ќе бидат вработени, ќе добијат солидна плата за македонски услови, добар кариерен развој, ама и можност за напредување, усовршување и брза интеграција во која било држава во Европа. Вториот начин е да се промени размислувањето и кај родителите и кај децата, но и да се опремат училиштата од страна на државата и општините, или надлежните да направат јавно-приватно партнерство со компаниите. Јас мислам дека и компаниите веќе го сфаќаат тоа и сакаат да соработуваат со училиштата“, објаснува Герамитчиоски.

Во земјава сè повеќе има фирми со странски капитал, а нивното производство трпи од недостигот на кадар со соодветна техничка едукација. Половина од младите, околу 50 отсто, се невработени. Многумина не се квалификувани да одговорат на побарувачката во стопанството. Надлежните потенцираа дека јазот во понудата и побарувачката на труд се јавува поради недоволниот број ученици кои се одлучуваат за стручно образование.

„Има голем број невработени според статистиката, но индустријата и стопанските комори бараат квалификувани работници“, оцени неделава министерката за труд и социјална политика Мила Царовска. За да се подигне свесноста за значењето на стручното образование, таа, министерот за образование и наука и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој веќе договорија заедничка медиумска кампања. Со неа ќе се промовираат стручните занимања и можностите за стручно образование во Македонија. Се надеваат дека состојбата ќе се надмине со промена на образовниот систем, со поквалитетни и разновидни стручни образовни програми, ама и преку мерки за преквалификација, доквалификација и практикантство, кои помагаат за надминување на проблемот.

Стручното образование, според оценките, треба да се гледа како можност да се најде работа веднаш по завршување на средно образование, но не и како пречка младите доколку сакаат да го продолжат образованието на универзитет. Последната година има зголемување на бројот на ученици во стручните училишта, но недоволно бидејќи постојано се зголемува побарувачката од стручни кадри.

Позитивен пример за добро ускладено образование, според Герамитчиоски, е Холандија каде што успешно функционираат два модела во средните стручни училишта.

„Едниот модел е учениците да ги носат на пракса во фабриките. Три дена во неделата одат во фабрика, а два дена имаат теоретска настава. Вториот модел е така поставен да фабриките инвестираат во училиштата и создаваат клонови на нивните производствени капацитети во кои вршат едукација и тренинг на учениците. Така што учениците по завршувањето на средното образование, практично се оспособени веднаш да бидат вклучени во производствениот процес и отворено им нудат работа. Мал дел од младите одат во високото образование. Од друга страна цела Европа се соочува со проблемот на недостиг на високообразован кадар од техничките струки“, додаде Герамитчиоски.

Вероника Мароска-Леова