Никогаш Северна, секогаш Македонија


Пред крајот сме на кампањата за референдумот на кој македонските граѓани треба да одлучат дали ќе се преименуваат себеси и државата или ќе го отфрлат тоа. Во целокупната комуникација изминатиот период јасно е дека од една страна граѓаните, пред сè македонскиот народ, се силна опозиција на договорот. Се противи на него и не се согласува да се прекрсти себеси и државата. Од друга страна, јасен е обидот за манипулација на власта на Зоран Заев и СДСМ, кои по секоја цена се обидуваат референдумот да помине за да им се испере совеста и да кажат дека народот, а не тие, одлучиле да се прекрсти државата и таа да се обезличи. Кое понижување за својот народ! Со сила го тераат да направи нешто што ниеден друг слободен народ никогаш не би ни помислил, а камоли да го направи.

Но тука настанува проблемот. Македонскиот народ е силно против овој договор, не сака да се прекрсти и не падна на манипулативната кампања.

Заев и Никола Димитров не одговорија на ниедно од клучните прашања за референдумот – зошто наеднаш прифатија промена на Уставот на Република Македонија; зошто не му ги покажуваат на народот уставните амандмани; на кој начин е зачуван македонскиот национален идентитет; зошто ние ќе сме единствена држава која нема да има свои малцинства; која е гаранцијата дека Грција пак нема да го изигра договорот; кога ќе станеме членка на ЕУ.

Немањето одговор на сите овие суштински прашања нè доведе во ситуација народот многу јасно да ја прочита играта и да сфати дека само едно е сигурно – дека ваква Република Македонија каква што денес ја познаваме веќе ќе ја нема, ќе има нова Северна, во која со грчки диктат ќе се сервира кој сме и што сме. Ако на ова додадеме дека власта целосно ја потценува волјата на граѓаните низ три манипулации – прво, самото прашање кое е тризначно, второ, консултативен, а не задолжителен референдум и трето, ставот дека и да не успее референдумот институциите ќе ја тераат работата, нè носи до ситуација на целосно разочарување на луѓето кои легитимно се прашуваат зашто власта организира референдум кој сама сака да го изигра и изманипулира. На ова се надоврзуваат и силни сомневања за наместен процес.

За жал, Македонија има долга традиција на нерегуларни изборни циклуси, особено кога СДСМ е на власт. Нема вработен во јавната администрација на кој не му се заканиле дека ќе го избркаат од работа ако не излезе да гласа, нема поголем стопанственик кој не е посетен од моќник на власта која бара да ги притискаат работниците да излезат да гласаат, па дури и Заев отворено побара да им се даде мито; нема помал стопанственик кој не добил закана со инспекции и затворање. Понатаму, масовно се делат дрва за огрев, масло и брашно и се спрема поткуп на гласачи на самиот референдумски ден. Ова ли се тие европски вредности? Да е трагедијата поголема се злоупотребуваат посетите на нашите пријатели од меѓународната заедница за меѓу народот да се создаде слика дека и тие ги поддржуваат овие недемократски методи, што е сосема неточно зашто ни на крај памет не им е да помислат, а камоли да одобрат таква работа, пред сè заради своите демократски убедувања и ставови.

Ако на ова додадеме дека гласно се зборува дека во средините каде што живеат етнички Албанци излезеноста ќе е стопроцентна, иако сите знаеме дека барем половина не живеат во Македонија, тогаш е јасно зошто сè повеќе луѓе останувањето дома го гледаат како единствен спас. Тоа е така не затоа што ВМРО-ДПМНЕ или некој друг им рекол, туку зашто така чувствуваат. И тој став е за почит, како и ставот на оние што ќе излезат и ќе гласат „за“ и на оние што ќе гласат „против“. Но тоа што не е за почит е спремноста на власта на Заев и Димитров својот грев да го исперат со народот.

Во овој предреферендумски период се искристализираа многу работи. Така, на една страна се сите транзициски мангупи, сите транзициски политичари, кои знаат да пливаат во матно, а од другата е една нова генерација која е чиста и која има силна национална идеја и чиста морална вертикала. Простете, но многу сум горд што сме на различна страна со Зоран Заев, Бранко Црвенковски, Љубчо Георгиевски, Никола Димитров, Радмила Шекеринска и слични мангупи. Колку само несреќи оваа држава виде од нив, колку само семејства пропатија од нив, колку останаа без работа и иднина. Колку не завршија факултет, колку останаа без соодветна здравствена заштита, колку ја напуштија државата, колку посегнаа и по својот живот, колку само пари останаа заробени по разни банки и пирамидални штедилници и уште многу колку во овој низ од 27 години на транзициски мангупи, кои, како што призна и самиот Бранко Црвенковски, не биле способни да создадат силни институции и функционална држава, па затоа се спремни да се прекрстат. Какво понижување! И затоа среќен сум што сме на различна страна. Ние сме со народот, тие се своето темно минато. И историјата ќе запише кој кај бил. Кој бил за промена на името, а кој бил против. Тоа е гревот што им тежи и што ќе си го носат цел живот. Направија сè да го направат ВМРО-ДПМНЕ дел од ова, не успеаја и тоа е нашата гордост.

На 30 септември секој од вас ќе донесе одлука каква што срцето му кажува дека треба да донесе Ние ќе ја почитуваме секоја одлука. Сигурен сум дека ќе ја одбраниме Македонија, дека тоа ќе е ден за историјата, ден кога се кренал македонскиот народ против сите понижувања. И затоа слоганот кој овие денови се роди е прекрасен – Никогаш Северна, секогаш Македонија!

 

Александар Николоски (авторот е потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ)