Ние и тие


Звонко Давидовиќ

Излегувам да фрлам ѓубре и гледам двајца комшии како се караат. Наслушнувам и сфаќам дека се караат затоа што комшијата од другата зграда фрлил ѓубре во контејнер кој не ѝ припаѓа на таа зграда. Имате ваш контејнер, нервозно му објаснува едниот комшија на другиот, додека вториов вчудовиден го гледа и тивко шепоти „зарем не е сеедно“ . Еее, до каде отидовме како луѓе и општество за да почнеме да се делиме и по контејнери. Ги гледам двајцата, наврнати и покиснати од ист снег од исто небо кое ги покрива со децении и под кое двајцата израснале.

Нашето општество и луѓето меѓу себе се длабоко поделени и раскарани по сите основи и прашања, а односите помеѓу нив се толку закрвени што никој веќе не ги гледа сличностите и она што нè поврзува туку само го потенцираат она што нè разликува и дели. Најголем придонес за ваквиот однос помеѓу луѓето и ваквата состојба во општеството имаат и се виновни токму оние што треба да ги сплотат луѓето, да им овозможат нормален живот и да ја раководат државата. Веќе триесет години наместо сплотување, тие пропагираат делби по принципот на римската максима „раздели па владеј“.

Пред секои избори и позицијата и опозицијата нè делат на наши и нивни, патриоти и предавници, на црвени и сини. А тие нивни и наши, патриоти и предавници, сме ние едни па исти кои живееме едни покрај други, сме пораснале заедно под ова исто небо, сме играле фудбал заедно на истите тревници, сме учеле од истите учебници и сме ги сакале и сè уште ги сакаме истите работи.

Нè поделија на патриоти и предавници, обвинувајќи ги едните дека ја продаваат државата, но никако да кажат кому, додека тие ја бранат како патриоти од непознатиот, имагинарен и за политички потреби измислен непријател, кој сака да ни ја земе државата. Кој е предавник а кој е патриот зависи од гласноговорникот и политичката боја на оној што ја раскажува измислената приказна, па во исто време, ако ги слушаш гласноговорниците на политичките партии сите ние сме и патриоти и предавници, сите сме и ние и тие во исто време. Без разлика дали сме крстени како предавници или патриоти во некоја од приказните, секој од нас поединечно и сите заедно работиме и создаваме во оваа наша држава, нè мачат исти маки, боледуваме од исти болести, чекориме по истите улици. Сите ние сме луѓе кои имаме слични желби и сништа, обични луѓе кои не се разликуваме многу меѓу себе и најчесто служиме за поткусурување и манипулирање помеѓу партиите кои стремат да ја приграбат власта и за нив сме само „човечиња“, бројка и статистички показател за партискиот рејтинг.

Нè поделија по национална основа, бомбардирајќи нè и манипулирајќи со разликите за да создадат раздор и страв, вешто избегнувајќи ги сличностите. Нè плашат со разликите, тврдејќи дека оној другиот ќе ни земе нешто наше и дека на тој начин ќе ги изгубиме државата, идентитетот и којзнае уште што. Нè плашат со војни, внатрешни оружени судири, нè плашат со ОНА и ОВА, заборавајќи дека тоа повеќе едноставно не поминува и дека сите ние без оглед дали сме Македонци, Срби, Албанци, Роми, Власи си ги сакаме своите деца и своето семејство и нив не би ги жртвувале за нивните теснопартиски, приватно-профитерски и фотелјашки интереси. Секоја мајка со иста љубов го сака своето дете и на ист начин го жали ако му се случи нешто, без оглед како се презива или на која националност ѝ припаѓа.

И покрај тоа што сме секуларна држава, нашите министри и пратеници се присутни како официјални претставници на државата на сите верски настани, со што им овозможија на поглаварите на верските заедници да се однесуваат на ист начин и да го делат и разделуваат народот, плашејќи го со различностите повторно за свои ситни интереси. Во сите свети книги иако на друг јазик се проповедаат љубов, слобода, еднаквост и братство, а смртните гревови се исти. Но за поглаварите, кои не плаќаат ни данок на државата, само разликите се битни за да создадат чувство на страв и омраза за да можат и самите ситно да профитираат.

Не им се чудам на политичарите, политикантите, подлизурковците, поглаварите и верскиот клер што нè делат и етикетираат, што нè прогласуваат за подобни и неподобни, затоа што тоа е единствено нивно орудие да се одржат на власт или да ја приграбат, а во недостаток на сериозни социјални и економски програми и правни реформи. Поделбата на ние и оние е лажна, неприродна и измислена, само со цел да се приграби и задржи власта, да се наполнат џебовите на малкумина на сметка на многумина, да се изигра законот и да не важи за сите еднакво. За да ги остварат своите интереси, сите овие мора да измислат непријатели со кои ќе нè плашат и против кои фиктивно ќе се борат за наше фиктивно подобро утре, кое никако да дојде.

Им се чудам на луѓето како можат да дозволат некој друг да ги раздели и испокара, да направи таква поделба и јаз меѓу нив за да се мразат, да се плукаат, дури и физички да се пресметуваат. Зарем не можат да видат дека под исто небо живеат, дека исти проблеми и маки ги мачат. Сите ние чекаме во истите валкани и разурнати ходници на болниците со малку доктори во еден разурнат здравствен систем, сите ние чекаме пред судските сали на разнебитеното судство кое суди ситни мали луѓе а не и оние од власта. Зарем не гледаат и се толку заслепени луѓето, дека нивните деца се враќаат полусмрзнати од училиште со многу малку знаење кое им го пренеле учители, кои се и слабо платени и незаинтересирани. Сите ние газиме по улиците преполни со кал и го дишеме истиот загаден воздух, на ист начин живееме, на ист начин умираме. Како е можно покрај толку сличности да се битни и да се гледаат само неколку ситни разлики. Сите ние треба да почнеме да гледаме со свои очи, да размислуваме со своја глава, да ги негуваме и почитуваме разликите, но да нè спојуваат сличностите и да почнеме да живееме едни со други, а не едни покрај други.