Не се проблем изборните правила, туку кривичните прогони


ВМРО-ДПМНЕ ги дочека своите пет минути за политичко пазарење и за блокада на спроведувањето на договорот со Грција. Изборот на новиот состав на ДИК е неизвесен, а со тоа виси и распишувањето на референдумот за името. Во меѓувреме, опозицијата почна да излегува со барања за амнестија на нејзини функционери и поддржувачи, за што првичен мотив беше пресудата за напаѓачите на пратеникот Зијадин Села.
Прогнозите во политички кругови се дека, ако случајно се протурка амнестија за 27 април, следното барање ќе биде за донесување закон за амнестија на случаите што произлегоа од „бомбите“. Според високи владини извори, ВМРО-ДПМНЕ го барала тоа и во текот на политичките преговори во Пржино.
Претседателот на собраниската Комисија за избори и именувања, Илија Димовски, од ВМРО-ДПМНЕ не ја закажува седницата на која треба да се селектираат кандидатите за членови на ДИК од 41 пријавен на конкурсот што го распиша Собранието – и тоа со консензус. Претседателот на парламентот, Талат Џафери, има можност да овласти друг претседавач за оваа седница на матичната комисија, ама тоа не го решава проблемот, ако се има предвид дека за избор на членовите на ДИК е потребно двотретинско мнозинство. Освен тоа, претседателот и уште еден од членовите на Изборната комисија треба да бидат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
„Можам кога било да закажам седница на Комисијата, ама тоа не води никаде доколку нема зелено светло од партиите. Така само ќе пропадне процесот и ќе се вратиме назад“, вели Димовски.
Иако уште зимоска премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, постигнаа договор, што заеднички го објавија, за формирање преоден состав на ДИК, според претходниот модел, за што беа донесени со консензус и измени во Изборниот законик, сега опозицијата наеднаш почна да условува со итни измени на законите за финансирање на политичките партии и за влада.
Ваквото барање немаше да биде толку ненадејно и зачудувачко доколку јавноста не беше запознаена уште пред неколку месеци дека двата закона што сега ги спомнува ВМРО-ДПМНЕ се дел од пакетот потемелни измени на изборното законодавство за кој имаше најави дека во септември ќе се најде во собраниска процедура. Во тој преоден период од шест месеци, пак, требаше да функционира и преоден состав на ДИК во кој ќе има само партиски претставници, за разлика од новиот модел што се договараше – за ДИК како административно тело во кое партиите, половина година пред редовни избори, ќе делегираат свои набљудувачи без право на глас. Тој модел на Комисијата се планираше да профункционира пред претседателските избори следната година. Но, наспроти тоа, сега испадна наеднаш дека измените на законите за финансирање на партиите и за влада треба да му претходат на изборот на преодниот состав на Изборната комисија, наместо да се донесат во пакет со темелните измени на изборното законодавство.
Сомнежи во „чесните намери“ на опозицијата предизвикува и моментот во кој се пласира барањето за итни измени на законите за финансирање на партиите и за влада. Имено, опозицијата излезе со ваква идеја откако истекоа роковите за комплетирање на ДИК, согласно со конкурсот што го распиша Собранието со консензус, а на кој се јавија и неколку поранешни пратеници на ВМРО-ДПМНЕ за кои од партијата беше речено дека се нејзини фаворити. Сето ова време опозицијата не ги спомнуваше двата закона чии измени сега ги наведува како приоритет, а за кои веќе неколку месеци се разговара во работна група во Министерството за правда, во која се вклучени и партиски претставници. Двата закона станаа наеднаш камен на сопнување по најавите дека до крајот на месецот треба да биде распишан референдумот за името.
Од распишувањето на референдумот до неговото одржување треба да поминат најмалку 60, а најмногу 90 дена, што значи дека новиот состав на ДИК, доколку биде постигната согласност за негово комплетирање, веднаш ќе биде фрлен во оган да го подготви теренот за плебисцитарното изјаснување. Доколку, пак, се оди на пролонгирање на рокот за одржување на референдумот, тоа би значело одолговлекување на целиот процес на имплементација на договорот со Грција, кој во оваа фаза треба да финишира до крајот на годината со уставни измени.
И додека владејачката гарнитура ги брка роковите за спроведување на договореното во Преспа, опозицијата, користејќи ги своите позиции во законодавниот дом, вади од ракав нови услови и нови идеи, меѓу кои и онаа за амнестија за настаните во парламентот на 27 април минатата година. Наспроти тоа, Европскиот совет го постави како еден од клучните услови за Македонија расчистувањето на насилствата во парламентот од 27 април минатата година, вклучително со судска завршница на процесите што произлегоа од овој настан.

Опозицијата барала партиите да се финансираат само од буџетот?

Претставниците на ВМРО-ДПМНЕ во работната група во која се подготвуваат новите изборни правила, според неофицијални информации, предлагале финансирањето на партиите да биде исклучиво од буџетот. Од ВМРО-ДПМНЕ не можеше вчера да се добие потврда за ваквата информација.
Владејачки функционер за „Независен весник“ вели дека е неприфатливо партиите да се финансираат само од државата. Со таква опција, наводно, излегла и извесна граѓанска организација во текот на консултациите со невладиниот сектор, ама анализите покажале дека таков модел на финансирање на партиите не постои во други земји. Затоа разговорите на оваа тема, што се одвивале наводно мошне конструктивно и за што бил постигнат голем напредок, оделе во насока на тоа финансирањето да биде во најголем дел од буџетот, ама да се остави и одреден простор за приходи од други извори.
„Одевме на тоа да се ограничат на што помал износ приходите што една партија може да ги оствари сама и од донации, а за сметка на тоа да се зголемат средствата за редовното годишно финансирање на партиите од буџетот. Распределбата на буџетските пари за партиите би одела според досегашниот принцип, според освоени пратенички места на централно ниво и советнички на ниво на локална самоуправа. Од друга страна, се разговараше да се укине надоместокот за избори што сега партиите го добиваат согласно со освоените гласови, како и да се намали значително платеното политичко рекламирање во медиумите“, вели нашиот соговорник.
Тој вели дека меѓу партиските претставници во работната група, сè досега, главно, постоела усогласеност околу ова прашање. Посочува и дека ВМРО-ДПМНЕ, во претходните години, додека беше на власт не покажала интерес за промена на моделот на финансирање на партиите, а сега го смета за ургентно тоа прашање, во ситуација кога не е расчистено финансирањето на изборните кампањи на партијата за што се водат и кривични постапки, како што и анализите на државниот ревизор упатувале на многу неправилности во делот на финансиското работење на ВМРО-ДПМНЕ.

Александра М. Митевска