Неспособноста излегува на површина


 

Александар Николоски

Како што наближува крајот на годината, секогаш почнуваат да се поставуваат прашањата – каква беше годината што помина, дали бевме посреќни, подостоинствени, побогати, полесно ја поминавме или не. Ако на ова се додадат и трошоците кои секогаш се појавуваат на крајот на годината за разните слави и прослави кои кај нас традиционално траат цел месец – од Св. Никола до Водици, тогаш се знае дека секој погледнува во својот џеб, како и проекциите каков ќе му биде животот во годината што доаѓа. Немам намера ова да биде колумна со која ќе дадам оценка на годината што помина, тоа ќе го задржам за следната колумна која ќе биде околу Нова година на истите овие странци, кога би сакал да дадам мој подолг осврт на годинава што поминува. Сега само сакам да кажам – народот е посиромашен од претходно, за жал во 2019 ќе биде уште посиромашен, а во исто време и со уништено достоинство.

Кога Зоран Заев и Никола Димитров влегоа во авантурата за менување на името на Македонија, ветуваа дека тоа ќе донесе европска и НАТО-интеграција, ќе донесе подобар живот, поголема благосостојба и повеќе пари кај народот. Поедноставено пораката им се сведуваше – ќе изгубиме на достоинство, но ќе добиеме материјално. Ова е пристап што јас со индигнација го отфрлам, но ете тие веруваат во тоа, што говори за нивната морална вертикала која, за жал, ја немаат. Во истото успеаја да убедат и еден помал дел од народот, кој соочен со беспарица, тежок живот и битка за подобар иднина поверува во ова. На крај заклучокот е дека како народ го изгубивме достоинството, а подобриот живот не дојде.

Текстов го пишувам од Брисел и за жал морам да констатирам дека како никогаш порано сум песимист околу можноста во јуни 2019 година Македонија да почне преговори за членство со ЕУ. Тие преговори, според власта, требаше да бидат круната на целиот процес. Од овде можам да кажам дека веројатноста Македонија да почне преговори за членство во ЕУ во 2019 е сведена на теорија. Со многу едноставно образложение – владата на Заев не испорачува ништо во делот на реформите кои треба да значат подобар живот на граѓаните. Сите со кои разговарам во Брисел го велат истото – може да станете членка на ЕУ само и доколку напредувате кон нашите стандарди. Во моментов Владата не испорачува во делот на реформи. Да – го потпиша договорот од Преспа, но тоа не е доволно. Значи да сме на јасно што вели Брисел – промената на името не е доволна не само за членство во ЕУ, туку и воопшто за почеток на преговори со ЕУ. За да се случи тоа Македонија мора радикално да се менува, пред сè во делот на владеење на правото, во работата на јавната администрација, борбата со корупција, како и силно економски да напредува преку нови инвестиции и нови работни места.

Заев и Димитров треба да знаат дека до изгласувањето на уставните амандмани ќе им замижуваат за сè. Но потоа следува реалната критика. Што мислат Заев и неговите соработници – дека во Брисел не знаат дека нема никакви реформи во судството и обвинителството и дека нивната злоупотреба во политички цели е на историски највисоко ниво. Или мислат дека во Брисел не го читаат извештајот на „Транспаренси интернешенел“, кој вели дека Македонија е на рекордно најниско место по перцепција за корупција, дури на 107. Мислат ли дека во Брисел не знаат или можеби ќе им простат што се краде од државниот буџет на големо, што се местат тендери и што немилосрдно се цица од народната каса; мислат ли дека ќе им простат само затоа што решиле да го променат името на Македонија. Или мислат ли дека Брисел не гледа дека администрацијата е уште погломазна, понеефикасна и попартизирана.

Мислат ли дека Брисел не знае дека економијата оди надолу, инвестиции нема – ни странски ни домашни, се зголемуваат даноци, а на креативноста како да се земе од народот ѝ нема крај па се удира по најниските слоеви. Како инаку да се објасни идејата на владата на Заев на пазарите да не смеат да продаваат пензионери или вработени лица. Па како ќе заработи нешто плус народот. Се живее ли само од пензија од 200 евра или само од плата исто од 200 евра. Слегле ли Заев и Тевдовски меѓу народот да видат како живее или само за Данска знаат, ама не и за Македонија. Но, ете, тие од Данска очигледно подобро знаат од самиот министер за финансии што се случува и што не се случува во Македонија.

На крајот, зарем власта е толку наивна да верува дека странските компании што веќе инвестирале во Македонија не се жалат во главните градови од каде што доаѓаат и во Брисел за променетиот однос кон нив, за обидите за рекет кон нив и третирањето како да се државни непријатели, а не како да носат додадена вредност. Или мисли Заев дека компаниите кои решаваат да не инвестираат во Македонија, не информираат зошто донеле таква одлука. И мисли ли Заев дека можеби една од причините е токму корупцијата, како и зголемените даноци и односот кон инвеститорите.

Кога ова ќе се стави на купче, во Брисел само реално се согледува состојбата, а тоа е дека оваа влада нема ни капацитет ни волја да спроведе реформи. Сега-засега ова им го кажуваат дискретно само на билатерални средби, но многу брзо ќе дојде денот кога и јавно ќе го кажат.

ВМРО-ДПМНЕ, а и јас лично сакаме Македонија да напредува и да добие датум за почеток на преговори со ЕУ во јуни 2019, сакаме и што побрзо Македонија да стане членка на ЕУ. Затоа сите наши потенцијали, лични и стручни, се на располагање, но за жал власта не знае да соработува, знае само да дели. Ќе остане после следните избори и победата на ВМРО-ДПМНЕ со силна и посветена работа да го надминеме ова што сега Македонија ќе го загуби заради неспособноста на Заев. Неспособноста мора да биде заменета со компетентност, стручност и посветеност.

И за крај, би сакал да ги посоветувам Заев, Анѓушев и Тевдовски да отидат до Благоевград и Ќустендил во Бугарија и до Качаник, Призрен и Приштина во Косово и да прашаат колку македонски фирми, пред сè од ИТ-индустријата го префрлиле седиштето таму, како и колку македонски граѓани отвориле нерезидентни сметки таму. Ако не можат да се сетат зошто го прават тоа, еве јас да им помогнам – заради зголемените даноци, од кои ефектот нема да биде ништо друго освен зголемена сива економија, сиромаштија и напуштање на државата од најспособните и најамбициозни луѓе.