Непартиски и натпартиски


Никола Поповски

Лошото владеење на партиите со Македонија во последниве 15-ина години доведе до еден интересен феномен. Имено, очигледно е дека веќе не е курентно за највисоките државни позиции да се кандидираат и истакнуваат кандидати што се со партиска определеност и со соодветен партиски стаж и партиско-политички живот, туку најдобро е да се кандидира личност што е идеолошки и политички можеби малку поблиска до партијата, но да не е поистоветувана со неа, па дури и да не е воопшто потрошена во ситуации што можат да доведат до ризик од носење товар на грбот од директно изјаснување или носење тешки и сложени одлуки за партијата и земјата.

Најочигледен пример за тоа се стратегиите и тактиките во врска со претседателските кандидати на двете најголеми партии во Македонија. Имено, тие веќе 15 години не се осмелиле да изберат кандидат за претседател на републиката од своите партиски редови. Поседен пат тоа го направија на изборите во април 2004 година кога ги кандидираа своите партиски членови Бранко Црвенковски и Сашко Кедев. Оттогаш веќе никогаш, вклучувајќи ги и претстојните априлски избори во оваа 2019 година. Дотогаш праксата беше дека за кандидати за претседател на државата партиите ги кандидираат своите, во тој момент, најдобри кадровски решенија. Во СДСМ тоа беа господата Киро Глигоров во два навратa (првиот пат во 1991 година изборот согласно тогашниот Устав беше во Собранието на Македонија и во 1994 на општи избори), Тито Петковски во 1999 и Бранко Црвенковски во 2004 година, а во ВМРО-ДПМНЕ Љубиша Георгиевски во 1994, Борис Трајковски во 1999 и Сашко Кедев во 2004 година.

Кандидирањето на непартиски или како што често партиите самите сакаат да го употребат еуфемистичкиот израз натпартиски кандидати воопшто не значи дека кога еднаш ќе бидат избрани тие не можат да бидат со многу потврди партиски видувања или полојални кон партиските раководства дури и од партиските претседателски кандидати или избрани претседатели, но и обратно. Случајот со Македонија упатува токму на тоа. Претседателствувањето на Глигоров (1991-1999), со неговиот авторитет и почит што ја имаше во јавност го издвојуваше уште од самиот почеток како поприфатлив за сите граѓани и со незначителна директна линија со партијата на која припаѓаше и од која потекна. Тоа до ден денес остана како многу различен случај од другите, иако со текот на времето поддршката и наклонетоста од страна на македонската десница и албанските партии во Македонија постепено се намалуваше, а во неговиот постпретседателски период и сè до денес ниту левицата не се потруди да влијае на обратното и да го промовира и чува од заборав неговото, сепак исклучително дело. На пример, тоа резултираше со многу циничен и одвратен настан во земјава кога пред околу една година актуелната власт срамежливо и неофицијално навести дека замената на името на скопскиот аеродром би можела да оди во насока на негово преименување според името на првиот претседател на Македонија, а вицепремиерот Бујар Османи јавно соопшти дека неговото име воопшто не е прифатливо за албанската заедница во Македонија. Власта го послуша.

Но да се вратиме на партиската наклонетост на партиските и непартиските поранешни претседатели на Македонија. Не е тајна, на пример, дека Трајковски како тврд партиски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, за кого партијата дури и употреби многу физичко насилство за да биде избран во 1999 година, при крајот од мандатот веќе беше сосема отфрлен и негиран од неговата партија по многу прашања, што резултираше со фактот дека тогашниот претседател на партијата Љупчо Георгиевски на седница на Собранието на Македонија при крајот на 2002 година и официјално се извини на граѓаните што партијата воопшто го кандидирала Б. Трајковски за претседател и соопшти дека тие веќе немаат ништо заедничко со него. Ако добро се сеќавам, на последните истражувања на јавното мислење пред неговото загинување, целосно отфрлен од десницата и неприфатен од левицата, неговата доверба кај граѓаните за повторен реизбор гравитираше околу 2-3 отсто. Односно, тој стана претседател како партиско решение, а на крајот беше во целосен конфликт со партијата или барем со големи делови од неа.

Во случајот со Бранко Црвенковски има некои, иако далеку од целосни сличности. Тој стана претседател на државата со најголема можна идентификација со партијата од која потекна, но веќе во првата година од мандатот, во средината на 2005 година влезе во директна конфронтација со тогашниот претседател на СДСМ и премиер и тоа по повеќе прашања за кои конфронтацијата не беше само зад кулисите на политичката сцена, туку и јавна и директна. До крајот од мандатот во 2009 година Црвенковски повторно стана близок до тогашното партиско раководство што резултираше со негово повторно враќање на чело на партијата кое, за жал, заврши по малку неславно за конечно денес да е целосно маргинализиран од политичката сцена. Малку по своја, но малку и по желба на партиското раководство.

Тука завршува ерата на претседателите, па дури и кандидатите за претседатели со партиска книшка. Сега постои страв од тоа. Веројатно поседувањето на таа цивилизациска придобивка – членство во политичка партија што сака да влијае на моделот на уредувањето на сопственото општество и држава е некакво општо или јавно зло. Наредните кандидати до ден-денешен се непартиски. Ѓорге Иванов, во два наврати во 2009 и 2014, Љубомир Фрчкоски во 2009, Стево Пендаровски во два наврати во 2014 и 2019 и Гордана Силјановска-Давкова во 2019 година не се ниту декларирани ниту пак неформални партиски членови. Дури и напротив, некои од нив ниту интимно не припаѓаат на левицата или десницата што ги кандидира во текот на овие 15-ина години.

Случајот на Иванов е сосема спротивен на сè дотогаш. Тој во два наврати (2009 и 2014 година) беше кандидиран како непартиски, па дури и како независен кандидат, но во текот на своите долги 10 години како шеф на државата се однесуваше најпартиски и најлојално што е можно кон партијата што го кандидираше во споредба со сите досегашни претседатели, па дури и над елементарната пристојност што е нужна во тој поглед. Тој непартиски кандидат останува да биде темен пример во нашата кратка историја за тоа како еден шеф на држава може да биде целосно потиснат, зависен, инструментализиран, лојален и наклонет кон една партија и нејзиното раководство.

Оттука, историјата ни покажува дека изборот на непартиски кандидати не мора нужно да доведе до посакуваната состојба на избор на „претседател на сите граѓани“ што во своето вршење на должноста ќе се води исклучиво од уставот и законите и во интерес на земјата и сите граѓани. Ете, таквите кандидати можат да бидат сосема различни од тоа што се очекува од нив, а оние партиските да бидат многу повеќе „претседател на сите граѓани“ и да се водат, не од партиските туку од јавните и државни интереси.

Ниту оддалеку не сакам да предвидувам што ова значи во врска со идниот претседател на Македонија кој веќе нужно ќе е еден од непартиските кандидати. Нивната работа од овој агол ќе може да се оцени дури по завршувањето на нивниот мандат. Се разбира, доколку изборите се успешни и доколку се избере претседател. Стравовите за можен негативен исход се повеќе од јасни. Но она што веќе е сосема видливо е фактот дека двете најголеми партии заради недовербата што во меѓувреме ја стекнаа кај гласачите веќе не ни помислуваат да кандидираат свој истакнат партиски член со политичка историја и со сопствена изложеност во политиката. Двете партии, како по договор, третпат едноподруго (2009, 2014, 2019) истакнуваат непартиски претседателски кандидати и тоа со конгресни одлуки што се едногласни, како онаа во СДСМ, или со преголемо мнозинство што ги „збришува“ партиските кандидати, како во ВМРО-ДПМНЕ.