Неказнивоста како антиначело


Никола Поповски

Многумина во и надвор од Македонија предупредуваат дека антиначелото на де факто неказнивост за сериозни кривични дела во земјава добило длабоки корени, односно дека правдата не може да стигне никого или само малкумина и дека постапките што водат кон отворени злоупотреби и отворен криминал од страна на државните органи се најчесто покриени со соодветни криминално замислени закони и други акти, па оние што ги (зло)употребуваат таквите прописи се и де јуре недопирливи. Тоа предизвикува состојби во кои довербата на граѓаните кон властите не се тестира премногу долго. Напротив, на граѓаните им е доволно да го забележат тоа на еден или два примери кај која било актуелна власт на државно или локално ниво и довербата кон нив да ја еродираат многу брзо и целосно со сосема цврсто сомневање дека „и тие се исти како и сите претходни“.
За жал, и деновиве тоа е на сцена. Гледаме како екс-пост се откриваат и дознаваат активности на државните или локалните институции и нивните раководители за нешто што од нив било неодамна направено, а тоа не е во ред или не е во интерес на општеството во целина, па потоа се случуваат наивни објаснувања и оправдувања во кои речиси никој и не верува, па граѓаните се тестираат со евентуалните малку ступидни објаснувања за тезите дека власта однапред била ставена пред свршен чин, па потоа вината се префрлува на претходните власти (кои патем, уште долго и сериозно ќе ја влечат земјава кон дното со своето претходно еднодецениско владеење), па на крај се игра на состојбата на краткото паметење на граѓаните, поттикнато со некој нов сличен или ист соодветен случај.
Тоа се случува постојано и личи дека е некаков лек за сè со цел истото да се продолжи понатаму. Но изгледа дека не е веќе така. Веројатно фитиљот на трпението на граѓаните е веќе догорен и нема простор уште да тлее. Тие имаат трпение да видат нешто сериозно различно и поинакво и на тоа да му дадат дополнително време и поддршка, но изгледа дека немаат воопшто трпение да толерираат слично однесување што само пропагандно и вербално би се „продало“ како поинакво и тоа граѓаните да го чекаат постојано со тенденција да стане вечно.
Илустрации за ова има многу. Премногу. Но да издвоиме барем три. Првата е толку елаборираното, зборуваното и пишувано бегство на веќе осудениот и поканет за издржување на казната затвор, поранешен претседател на владата. Тоа бегство пред очи, тој првокласен политички настан во земјава како сениште ќе опстојува и ќе ги прогонува сите инволвирани лица и институции до крајот на нивното постоење. Никој не треба да се залажува дека настанот набрзо ќе падне во заборав. Тој човек кој нанесе толку големо зло на Македонија, на македонското општество и македонскиот народ и кој уништи толку многу луѓе, семејства, деца, судбини, перспективи, надежи, бизниси, идентитети, желби, заедници и колективитети, кој веројатно украде толку многу што не можеме ни да замислиме, а едновремено тоа им го овозможи и на илјадници други околу него, кој обилно и криминално награди многу свои блиски пробисвети од земјава и светот, со своето бегство направи страшен земјотрес на дното на отворен океан. Брановите од тој настан во вид на страшно цунами ќе се движат кон македонското копно долго. Доволно долго и моќно за да збришат сè што овозможи тоа бегство во вид на политички земјотрес да се случи. Секој што се надева дека тоа нема да е така, едноставно се лаже или се залажува себеси.
Втора илустрација се случувањата со уништувањето на отворениот паркинг-простор наспроти ГТЦ во Скопје и негово претворање во огромна бетонска зона за домување со две-три мега згради од по 60-ина ката во кои ќе се сместат огромен број на деловни простории, продавници, станови и слични содржини, со надеж на надлежните дека начинот на кој се стигна до оваа состојба е со наводно далеку помал политички дострел од оној со бегството. Тоа е многу наивно и погрешно толкување. Тоа сега е лакмусот преку кој скопјани ќе ја тестираат власта и нејзиното однесување. Веројатно малку бучно, малку повеќе кротко и многу, многу повеќе реваншистички. Просто е незамисливо во време кога покрај невработеноста и сиромаштијата, квалитетот на животната средина, особено на воздухот за дишење стигна до врвот на проблемите што ги посочуваат граѓаните и за тоа се во право, властите на сите нивоа и сите нивни институции, вклучувајќи ги и оние на верските институции, единствено што ги интересира е како да доисцедат уште некоја добивка плус на нечија сметка и за тоа ги жртвуваат сите.
Изгледа како политичко самоубиство, па дури и не само политичко туку и лична деградација на надлежните, а веројатно тоа и ќе се случи, решеноста со која се тие се движат кон состојбата да се изградат објектите и да се бараат оправдувања зошто тоа мора да се направи. Ако сите се свесни дека во Скопје колективниот и урбанистичкиот живот станува неподнослив, а воздухот што го дишат граѓаните е, де факто, загаден до смртоносен на долг рок и ќе придонесе граѓаните постепено да го напуштаат градот (Скопје се движи кон тип на град од категоријата на тиранополиси – градови што не можат да ги обезбедат своите основни функции и услуги кон граѓаните и постепено почнуваат да го тероризираат нивниот секојдневен живот, со можно сценарио да стане град од типот на некрополиси – полунапуштени или напуштени градови што се претворени во еден вид „гробници“ на некогашниот урбан живот и се практично неупотребливи), тогаш треба отворено да се прашаме што воопшто мислат оние што со своите одлуки директно или индиректно учествуваат во создавањето на таа состојба. Веројатно не мислат премногу. За нив цунамито се движи со завидна брзина, иако тие тоа не го гледаат или воопшто не ги интересира тоа.
Третата илустрација е многу едноставна и се вика нерасчистување со веќе незанемарливите и лесно видливи различни афери што како долги опашки почнуваат да се влечат околу одредени носители на власта на централно и локално ниво. Нивното набројување е непотребно. Елементарно информираните граѓани нив ги следат преку разните медиуми и добро ги знаат. Тие се сериозни и опасни проблеми се закануваат да станат одличен пример за афери што поминуваат неказниво и често се законски добро, но политички лошо покриени со оправдувањето дека тие настани се случуваат „согласно законите“. Кои, какви и од кого донесени закони, јасно им е на сите.

P.S.
Следејќи што се случуваше на самитот на Г-20 минатиов викенд во Буенос Аирес, сериозно се поставува прашањето дали всушност средбите на Г-20 станаа многу сериозна алтернатива, па дури и замена на ОН. На овие викенд-самити на 19-те важни држави од светот, плус ЕУ, кои се одржуваат два пати годишно, почнаа да се решаваат многу важни билатерални, регионални, мултилатерални, па и универзални прашања за иднината на светот и тоа на последниот самит јасно се виде. Имајќи предвид дека во Г-20 учествуваат географски логично и сразмерно земји што претставуваат над 61 отсто од светското население, околу 85 отсто од светскиот БДП и околу 75 отсто од светската трговија и веројатно исто толку од воената, дипломатска и политичка моќ во светот, се чини дека нивните собири стануваат далеку поважни и порезолутни од оние во ОН, колку и да изгледа тоа фрустрирачки за останатите членки на ОН.