На апарати за кислород до 15 пациенти


Од десет до петнаесет пациенти што имаат белодробни заболувања се на континуирана кислородна терапија, односно се ставени на апарати за да примаат кислород на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза, вели директорот Арбен Лабеништи. Вкупно хоспитализирани се 43 пациенти, со што искористеноста на капацитетот во Институтот е дури 66 отсто.

„Ризичните фактори што влијаат за влошување на здравствената состојба кај пациентите кои добиваат кислородна терапија се многубројни и не се деливи, така што не може да се каже кај колку пациенти влошувањето е поради загадениот воздух. Во Институтот има вкупно 65 кревети за хоспитализација и седум во дневна болница. Хоспитализирани се 43 пациенти, а на континуирана кислородна терапија се од 10 до 15 пациенти“, вели Лабеништи.

Сепак, постојано се зголемува бројот на пациенти што имаат хронична опструктивна болест и бронхијална астма во земјава. Астмата, која може да се јави како алергиска манифестација, сè почесто ја има кај детската популација. Доктор Билјана Илиевска од Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза вели дека изложеноста на штетните честички што ги има во воздухот е причина за подемот на овие заболувања, меѓутоа, ризик-фактор за појава на респираторни заболувања е и пушењето.

„Меѓу белодробните заболувања најчести се таканаречените акутни инфекции на горниот респираторен систем, како што се настинка, грип, болка во грлото, кои одат без зафаќање на белите дробови. Во однос на другите заболувања, како што е хроничната опструктивна болест, бронхијалната астма, за нив статистиките говорат дека постојано се зголемуваат по број. Од регистрациите и евиденциите што ги доставуваат матичните лекари и клиники овој број е во подем, како на хроничната опструктивна белодробна болест така и на астмата, која во еден дел може да биде алергиска манифестација, а особено е зголемена меѓу детската популација. Ризик-фактор за хроничната опструктивна белодробна болест е пушењето. Поднебјето во Македонија, дали Скопје ќе го земеме за пример или другите градови кои сè повеќе се индустријализирани. Апсолутно е неизбежен фактот на штетните честички во воздухот, кои се и причина за пораст на хронично опструктивна болест кај граѓаните. Мора да се стави контрола, што е обврска на државата преку мерки да се регулира присуството на штетните честички. Без оглед дали станува збор за сообраќај, индустрија, согорувањето на огревот во домашни услови“, вели Илиевска.

Респираторните инфекции периодов се сè поприсутни и кај повозрасните и кај дечињата. Лекарите велат дека вакцинацијата против грип има значајна улога во превенцијата на респираторните инфекции. Според лекарите, за успешно третирање на болните важна е раната дијагноза, да не ги игнорираат симптомите, како што се отежнато дишење, свирење во градите.

„Во овој временски период на годината оние инфекции на дишните патишта се чести, и кај детската популација и меѓу возрасните. Сега има акции за вакцинација против грип. Вакцината се става во тек на годината, со цел да се превенираат поголемиот дел од респираторните инфекции и да се спречат компликациите, ако веќе настанат респираторни инфекции. Важно е граѓаните да консумираат здрава храна, често да излегуваат во природа на чист воздух на повисоките места, да избегнуваат присуство во затворени простории, ама и да ги проветруваат просториите“, додава Илиевска.

 

Директорот на Институт по белодробни заболувања кај децата – „Козле“, Ангелчо Андоновски, вели дека во болницата хоспитализирани се над шеесет дечиња кои имаат акутен бронхитис, ларингитис или бронхопневмонија. Очекува следниот период, доколку има висока концентрација на загадување на воздухот, да се јават проблеми кај дечињата. Сега нема дечиња со компликации на здравствената состојба поради аерозагадувањето.

„Очекуваме од загадувањето на воздухот да има поголем прилив на пациенти, иако и сега во моментов имаме 63 хоспитализирани дечиња. Патологијата на оние што сега лежат е различна,при што многу зачестени се бактериите кај децата што одат во училиште или градинка. Потребно е да се работи на имунитетот на дечињата. Кога имаат симптоми како покачена температура, која не може да биде симната во домашни услови, да се однесе детето на преглед кај матичниот лекар, педијатар. Доколку дојде до компликација на состојбата, болницата „Козле“ е отворена да ги прими дечињата на кои им е потребна лекарска помош. Проблемите од аерозагадувањето ги очекуваме следниот период, доколку загадувањето биде во високи граници, бидејќи тоа е хемиски момент. Ние ги препознаваме тие компликации и ќе дејствуваме според симптоматологијата. Сега нема такви случаи. Битна е протеинската и витаминската исхрана во пиковите на загадување“, подвлече Андоновски.

Инаку, последните податоци покажаа дека во земјава кај 150.000 граѓани е дијагностицирана хронична опструктивна белодробна болест, која е четврта причина за смртност во светот. Во светот 200 милиони луѓе боледуваат од оваа болест, а годишно умираат околу три милиони.

 

Вероника Мароска-Леова

Борис Грданоски-фоторепортер