НАТО ќе ни го среди и разузнавањето


Наум Котевски

Реформата на безбедносно-разузнавачките служби е во тек, како резултат на  препораките на групата високи експерти на Рајнхард Прибе поврзани со системското подобрување на владеењето на правото. Длабоката криза во која западна земјава претходно, како резултат на скандалот со незаконското прислушување од 2015 година, јасно покажа на кој начин се злоупотребувале службите што под превезот на борбата за национална безбедност стануваа механизам во рацете на политичката елита, па и еден вид  „нуклеарно оружје“ со кое набрзина се гради неограничена моќ во сите општествени сфери (од политичка до финансиска доминација) преку нерамноправната битка и уништување на своите неистомисленици.

Имајќи предвид дека тешко излегуваме од координатите на претходниот режим, особено во оваа сфера, убаво звучат убедувањата на одговорните дека  оваа реформа  ќе овозможи целосна деконцентрација на моќта во разузнавачките служби и истовремено ќе оневозможи каква било нивна злоупотреба во иднина.

„Како држава, сакаме по 28 години да се ослободиме од терминот ‘тајна полиција’“, ќе рече меѓу другото министерот Оливер Спасовски алудирајќи на тоа што разузнавачите и контраразузнавачите повеќе нема да се класични полицајци, туку агентите ќе собираат информации, ќе ги анализираат и потоа ќе ги проследуваат до другите државни органи, додека полициската работа, односно кривичното гонење ќе го прави Бирото за јавна безбедност.

Без оглед на таа диференцијација, основниот принцип на работа и на новата УБК, Агенцијата за национална безбедност, ќе биде да работи тајно. Тој принцип е во несклад со начелата на отворено општество. Поради парадоксот со тајни средства да се брани отворено општество, ваквите служби мора да имаат демократски надзор, одговорна и цивилна контрола. Контролата над службите за национална безбедност и во светот и кај нас се извршува главно преку парламентот, но тој надзор досега не беше ефективен и не ги спречи негативните случувања. Контролите постоеја само на хартија, а службите зависеа исклучиво од извршната власт. Скромно, според опфатот на материјата, тежиштето на контролата сега е во овластувањата и процедурите, иако сивата зона на дејствување на овие институции е екстремно широка.

Секогаш било тешко да се направи јасна дистинкција што е тоа јавна, а што тајна моќ. Дали тие може воопшто да се одвојат или секогаш функционираат како сијамски близнаци? Има голем број примери за преоѓање, да речеме, од тајната во јавната власт, кои зборуваат за испреплетените врски. Велисили, како САД и Русија, кратко пред крајот на Студената војна, двајца бивши шефови на тајните служби ги унапредија во шефови на држави: 1982 година Јури Андропов беше избран за генерален секретар на Комунистичката партија на СССР, а Џорџ Буш постариот (бивш директор на ЦИА) 1988 победи на претседателските избори во САД. По распадот на источниот блок, бившиот шеф на БНД (германската служба), Клаус Кинкел, беше министер за надворешни работи, а агентот на КГБ, Владимир Путин, стана претседател, премиер, па пак претседател на Русија….

Довербата на јавноста во безбедносно-разузнавачките служби кај нас сепак тешко ќе се врати. Забуна создава и самата експертска јавност која не може да се договори дали најдобар модел е токму премиерот да го назначува директорот на Агенцијата за национална безбедност и да раководи со координацијата на целокупната разузнавачка заедница или, пак, на тој начин од него се прави безбедносно-разузнавачки бог.

Оптимизам дека, сепак, ќе се внесе ред во целиот неред, влева влезот во НАТО. Досега се покажа дека без одредени меѓународни влијанија не сме способни да создаваме сопствени стандарди.Колку за споредба, целта  на реформите во Црна Гора беше ослободување на службите од сите сомнителни кадри, посебно оние што класифицираните информации се склони да ги делат со тајните служби на земји што не се членки на НАТО, посебно со Русија. И македонските безбедносно-разузнавачки служби ќе мора да докажат дека ќе бидат доверлив партнер. Конечно, критериумите за влез во АНБ ќе бидат строги, но на крајот кредибилитетот и интегритетот на институцијата ќе го верификува печатот на НАТО. Влегуваме во систем.