НАТО и индиферентноста кон демократијата


Здравко Савески

Власта ќе поведела кампања за информирање околу референдумот, зашто народот не бил доволно информиран. Не, власта ќе поведе кампања дополнително да дезинформира, а не да информира. Особено ќе тврди дека референдумот е за зачленување во ЕУ, без разлика што Македонија нема покана за членство во ЕУ. За зачленувањето во НАТО се работи. А, ЕУ и НАТО воопшто не се исти организации, без разлика колкупати владините папагали ќе повторуваат дека станува збор за речиси исти организации, парадирајќи со флоскулата за т.н. евроатлантски интеграции. Едно е ЕУ, друго е НАТО. Македонија треба да се зачлени во ЕУ, но не и во НАТО.

Повеќе од четврт век трае дезинформирањето во врска со НАТО. Континуирано се пласираат спинови и дезинформации во врска со карактерот на НАТО алијансата и членувањето во неа, потпирајќи се на старата пропагандна финта: ако иста теза континуирано ја кажуваат повеќемина, и политичари и „експерти“, кај граѓаните се создава перцепција дека таа е точна. Чисто врз основа на фреквенцијата на повторувањето. И без разлика на очигледните несовпаѓања со вистината, на кои им се оневозможува поголем пристап до јавноста.

Во врска со многуте дезинформации околу НАТО, чувствувам потреба повторно и попродлабочено да се осврнам на толерирањето од страна на НАТО на недемократските практики во нејзините земји членки. Зашто исклучително важно е да се има предвид подготвеноста на НАТО да го игнорира кршењето на демократијата во земјите членки во име на геостратегискиот интерес за отпосле да се чудиме кога од НАТО ќе бидат глуви кога ќе бараме демократија.

Сакам да ги прашам НАТО пропагандистите: Ако НАТО алијансата е навистина посветена на демократијата, зошто ништо не презема во врска со кршењето на демократијата во нејзината членка Турција? Над 160.000 лица се отпуштени од работа поради наводна вмешаност во пучот од 2016 година, бројката на уапсени е над 50.000 лица, се затвораат медиуми, новинари, за „навреда“ упатена кон Ердоган, дури и само на социјалните мрежи, е пропишана затворска казна до четири години. Задушувањето на слободата на изразувањето оди дотаму што Турција е во редот на само четирите земји во светот (заедно со Кина, Саудиска Арабија и Сирија) со целосна забрана на Википедија. Каде се мерките на НАТО против газењето на демократијата во оваа своја членка? А далеку од тоа дека на НАТО ѝ се врзани рацете. Може да ја намали или укине воената помош за Турција, може да ја суспендира Турција од членувањето во НАТО сè додека режимот на Ердоган не прекине со газењето на човековите права и демократијата. А тука е и исклучувањето од членството во НАТО, како најсериозна мерка, зашто Турција го валка имиџот на оваа организација, наводно посветена на демократските вредности.

Се разбира, наивно е да се очекува дека НАТО ќе преземе какви било мерки во врска на Турција. Или во врска со Унгарија или Полска. Иако Полска наголемо чекори по патот на Орбан во Унгарија, за Полска има само пофалби од НАТО. Власта во Полска е подготвена да ги зголеми буџетските средства за „одбрана“, а тоа е она што е важно за господарите на НАТО. А не тоа дали во Полска се почитува демократијата или не.

Секоја држава која води империјалистичка надворешна политика (без разлика дали тоа е САД, Русија, Кина или некоја друга) не ја интересира дали во државите што ѝ се вазали или сојузници има демократија, туку дали властодршците во тие земји се на нивна страна или не. Се разбира, на граѓаните во тие земји не им е сеедно дали во нивната земја има или нема демократија и тие, соочени со кршење на демократијата, ќе очекуваат поддршка од државите кои прокламираат приврзаност кон демократијата. Но, нема да ја добијат кога режимот во нивната земја ја поддржува империјалистичката политика на државата патрон. Зачленувањето на НАТО не доведува до подигнување на демократските стандарди. Напротив, кога ќе се воспостави класичниот вазалски однос на власта во една земја кон државата патрон, тогаш членувањето во НАТО може да придонесе недемократските практики да продолжат, а не да прекинат. Тоа е, на пример, искуството на португалскиот, турскиот, грчкиот народ. Тоа се лекциите што мора да ги имаме предвид, зашто сме соочени со инсталирање на ист тип вазалска власт, верна до крај на колонијалниот господар и со бланко-чек од негова страна да ја „заобиколува“ демократијата.

Уште од самото свое основање НАТО покажа дека се води од геостратегиските интереси, а не од почитувањето на демократијата во неговите земји членки. Помеѓу основачите на НАТО е и Португалија, во која уште од 1926 година имаше диктатура. Зошто Португалија беше поканета да биде основач на НАТО, ако НАТО навистина беше клуб на демократски земји? До која мера немаше демократија во Португалија можеби најилустративен е следниот факт: на ниту едни од осумте избори што режимот ги спроведе од 1945 до соборувањето на диктатурата во 1974 година, не беше избран буквално ниту еден пратеник во парламентот кој не беше член на владејачката партија! До таа мера во Португалија немаше демократија. Но, без разлика на тоа, НАТО цели 25 години, до соборувањето на диктатурата – го толерираше режимот во Португалија.

Што да кажеме за Турција? Трипати во нејзината историја како членка на НАТО беа извршени воени удари. Тоа е карактеристика на демократските земји? По воениот удар од 1960 година го обесија (!) премиерот Аднан Мендерес, заедно со уште двајца членови на владата. А што направи НАТО во врска со тоа? Даде зелено светло за воените удари! Тоа се тие НАТО стандарди!

Можеби најкорисно за нас е искуството на грчкиот народ. Во 1967 година војската, користејќи НАТО планови, изврши воен удар. Поради геостратегиски причини, НАТО мижеше на двете очи околу кршењето на човековите права на противниците на диктатурата. Во 1969 година, поради притисок на неколку европски земји, режимот во Грција се повлече од Советот на Европа само неколку часа пред Грција да биде исклучена поради газењето на демократијата. Но, НАТО не го следеше примерот на Советот на Европа. Не презеде никакви мерки за санкционирање на режимот во Грција. Професорката Ефи Педалиу пред неколку години направи одлична анализа како обидите на Данска и Норвешка да издејствуваат суспендирање на Грција од НАТО беа оневозможувани во име на геостратегиските интереси. Со отвореното застанување на страната на диктатурата НАТО алијансата дотолку стана омразена во Грција што по соборувањето на диктатурата во 1974 година новата власт во Грција мораше, под притисок на народот, да се повлече од военото крило на НАТО. Уште една корисна лекција за членувањето во НАТО нуди грчкиот случај. Турската интервенција на Кипар јасно му даде до знаење на грчкиот народ дека НАТО, при конфликт на свои две земји членки, секогаш ќе ја држи страната на онаа членка која има поголемо геостратегиски значење. Лекција што особено треба да ја имаат предвид сите оние што поради реалполитички причини се залагаат за зачленување на Македонија во НАТО.

Да резимираме. И минатите и сегашните настани покажуваат дека НАТО ќе го толерира кршењето на демократијата секогаш кога на власт во одредена земја е полтронска структура која се приспособува на геостратегиските барања на САД. Уште повеќе, НАТО ќе застане во заштита на секоја недемократска власт секогаш кога барањето демократија се смета за спротивно на интересите на САД. Во Македонија се инсталира марионетска власт, вазалски послушна на САД. Ако дозволиме тој процес да се комплетира, ако не се спротивставиме на тоа, меѓу другото и на референдумот, тогаш, поради нашето лесно паѓање на про-НАТО пропагандата, ќе следуваат реперкусии врз демократијата во нашата земја и врз нашиот животен стандард кои потоа далеку потешко ќе биде да се исправат.