Над сто пациенти чекаат бубрег од починат дарител


Дури 40 години Стојче Цекоски е на хемодијализа. Толку време, исто така, се надева дека ќе му се изврши трансплантација на бубрег. Вели не успеал да најде жив дарител, па сега чека кадаверична трансплантација, односно бубрег од починат дарител. Тој е и пациент со најдолг стаж на хемодијализа.

„Имам 60 години, четири децении, секој ден се надевам на трансплантација. Јас почнав со хемодијализа од 1979 година, а во 1980 година примив документи за кадаверична трансплантација во Франција. Отидов таму, ама здравствената состојба не ми беше добра за да можат да ми пресадат бубрег. Имав хепатитис Ц и многу антитела кои не дозволуваа организмот да го прифати бубрегот. Се вратив тука да направам некои испитувања, по што пак требаше да заминам таму. Меѓутоа, тогаш Фондот за здравствено осигурување не ми дозволи средства. Барав трансплантација во Москва, Лондон, Торонто, Чикаго, секаде ми рекоа да си најдам дарител. Зафатот ми велеа би ме чинел речиси 15 илјади евра бидејќи тешко се доаѓа до странски дарител, имало многу пациенти што чекале. Од Фондот ми беше дозволено да пресадам бубрег во странство, но не ми го исполнија решението, па се тужев со нив. Спорот го добив, но сега државите не примаат пациенти без свој дарител и не можам тоа да го искористам“, раскажува Цекоски.

Надлежните сè уште не знаат точно кога ќе почне да се врши кадаверична трансплантација во земјава. На листата има повеќе од 100 пациенти што чекаат трансплантација од починат дарител, но проблем е што веќе три години за ваква операција има кочница. Потребно е да се подигне свеста на населението за донирање органи по смртта, смета претседателот на Здружението на бубрежно болни „Нефрон“, Душко Ѓорѓиев, кој нагласи дека токму тоа е предуслов за отпочнување на кадаверичната трансплантација и спасување многу животи.

„Секој што има обезбедено орган од познат дарител се трансплантира во разумно време од два до три месеци, значи нема чекање. Во отсуство на кадаверична трансплантација листата е условна. Стручните луѓе оперираат со некоја листа од 150 до 170 луѓе. Aко немаме кадаверична трансплантација, ние немаме типизација на пациенти и вистинскиот број пациенти што чекаат за трансплантација не го знаеме“, изјави Ѓорѓиев.

Кадаверичната трансплантација бара и сериозна организација на здравствениот систем. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека за таа цел побарале листи од центрите за дијализа да им ги пратат потенцијалните кандидати за трансплантација.

„Во овој момент се прават дополнителни медицински испитувања и врз основа на тоа ќе имаме чиста листа на пациенти на кои им е потребно пресадување бубрег. Врз оснава на таа листа ќе го почнеме процесот на повторно активирање на системот кадаверична трансплантација на бубрези“, рече министерот.

Трансплантацијата ќе се врши во приватните болници што ќе добијат лиценца за оваа намена. Министерот рече дека процесот на трансплантација и целиот увид во листите, од изборот на кандидатот, обезбедување орган од кадавер и трансплантација ќе ја прави тим од клиниките под контрола на националниот координатор за трансплантација и Министерството за здравство.

На одбележувањето на Европскиот ден на органодарителство, во организација на Здружението на бубрежно болни „Нефрон“, националниот координатор за трансплантација, Маја Мојсова-Миовска, рече дека работат на системот за развивање на трансплантација од починат дарител, дека софтверските решенија во однос на регистрите се направени, при што неопходни се измени и собирање податоци.

„Најбитно е развивањето на трансплантацијата по мозочна смрт. Може да имаме колку сакаме центри, но доколку немаме дарители нема да имаме ни трансплантација“, рече Мојсова-Миовска.

Годинава од жив дарител биле извршени 16 трансплантации, а до крајот на годинава очекуваат бројот да изнесува 20. Истакна дека се назначени петмина болнички координатори кои ќе помогнат во процесот, во докажувањето на мозочна смрт и собирањето согласност од роднините. Министерот подвлече дека во периодот што следува првпат во земјава ќе биде изведена несродна трансплантација од несроден дарител на хематопоетски клетки бидејќи досега тие пациенти се испраќаа во странство.

Вероника Мароска-Леова