Монструмите треба да се згазнат кога се мали


Ерол Ризаов

Во оваа напатена земја веќе мора да стане јасно дека влезот во политиката не значи слободно ограбување на граѓаните, земање и давање мито, богатење и саде привилегии. Туку сосема обратно, чесноста, скромноста, моралните принципи, откажувањето од деловни зделки за пари од државната каса и добивки од присвојување на државен имот, бизнис со јавните компании и сè она што мириса на најмала злоупотреба, треба да биде предмет на јавна осуда, на брза истрага и разрешница кај надлежните институции и судски органи. Но и основна мерка за оценката на јавноста за подобноста да се биде политичар и да се биде избран на функција во буџетска земја каде што безмалку сите цицаат од вимето на државата.

Ако тргнете по трагата на парите и го следите движењето на сопственоста на државниот имот и на природните богатства кои драматично брзо и во многу сомнителни околности завршуваат во приватни џебови ќе откриете колкаво злосторство се прави врз овој беден народ, кој покорно го плаќаше и трпеше овој невиден грабеж кој се одвива речиси непречено со децении. Секогаш, кога некој брзо се богати со пари од буџетот, илјадници луѓе уште побрзо осиромашуваат. Така, во Македонија најбрутално и бездушно со децении е уништувана средната класа, која требаше да биде носител на развојот и на економијата, на политиката, на демократијата, на културата и на владеење на правото. Уништувањето и деградацијата до степен на кадровски и интелектуален геноцид на тој голем човечки потенцијал е причината за жалната слика што ја гледаме со години од намножени мафиози и криминалци од бездарни неранимајковци кои кога ќе се докопаат до власт му ја пијат крвта како паразити на својот народ.

Затоа, секоја жестока реакција на јавноста и на медиумите е оправдана и радува кога станува збор и за најмала злоупотреба, за најмал морален престап, за еден единствен денар од буџетот потрошен неправедно, незаконски и неморално. Не е претерување ако јавно се обелодени и осуди и најмал престап, или навидум безначаен судир на интереси и непотизам. Ако се остане само на критика без судска и морална разврска, без оставки и без праведен повеќекратен надомест на направената штета, тоа е блага и речиси небитна казна со најлошата можна порака дека криминалот и злоупотребите се исплатлива работа, дури и ако ве откријат и фатат жив. Тие луѓе стануваат недопирливи за правдата, имаат образ како ѓон. Ќе ви се насмеат арогантно во лице, а чесните ќе ги прогласат за неспособни и будали.

Монструмите треба да се згазат кога се мали, најлесно е да се уништат кога се во ембрионална фаза. Ако се дозволи да станат големи, тогаш веќе ништо не им можете. Тој филм го гледавме во живо со години.

Актуелната власт нема право да се правда со споредби кој повеќе, а кој помалку крадел и ја ограбувал државната каса и државниот имот. Трагикомични се споредбите кога имало повеќе или помалку непотизам и злоупотреба на функциите, колкава е разликата меѓу 11 и година и пол владеење на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ. Тоа не може да биде оправдување на сегашната влада и коалициска власт за ниту еден случај. Се разбира, медиумите можат и треба да прават споредби за никогаш да не се заборави и да не се повтори тиранијата, но има и едно основно правило во новинарството – последната вест е секогаш прва. Ланските праски ги знаеме, тие веќе не се за употреба.

За мене е сосема разбирлива жестокоста на осудата за секоја злоупотреба и за секој судир на интереси и најмал морален престап и за она што на многумина од власта и нивните симпатизери им изгледа како претерување. Особено треба да се критикуваат обидите да се оправдаат некои привилегии како законски, демек нема повреда на законите и штом нешто е во рамките на законот тоа е дозволено. Е, па… не е сè дозволено. Има и некои морални норми. Ако нема судска ни морална казна, ќе има вонсудска, со одземање на власта.

Има уште две големи причини за жестокоста на критиките, особено од новинарите и медиумите кои удираа силно против криминалите на претходната власт многу порано пред да експлодираат „бомбите“ на Зоран Заев. Падот на режимот на Никола Груевски не беше цел сама за себе, а уште помалку како што се обидуваат да манипулираат неговите наследници и намесници, а и самиот Груевски, дека е тоа некое сценарио на Америка, на ЕУ на НАТО, на меѓународната заедница да се урне еден голем патриот и национален деец на една татковинска партија поради промена на името на државата и обезличување на македонскиот народ. Напротив, тоа беше возвишена демократска и слободарска идеја и цел да дојде до промени кои ќе означат пад на тиранијата и апашлакот и воспоставување на еден нов праведен и демократски систем со избор на одговорна, чесна и компетентна власт. Затоа секое отстапување од моралните и етички, пишани и непишани принципи, се доживуваат како пораз на заложбите на храбрите новинари и јавни личности и на нивната повеќегодишна благородна и професионална работа. Тие луѓе платија висока цена. Беа ставени на столбот на срамот како странски платеници, предавници и кодоши. Плаќаа големи глоби, им беше уништен и одземен имот, им ги згаснаа насилно весниците, останаа без егзистенција, некои лежеа и во затвор. Во таа валкана работа на власта учествуваа и корумпирани новинари кои своите колеги ги плукаа и бербатеа по нарачка на политиката. Денеска и тие новинари и јавни личности се жестоки критичари на власта, но нивните критики се неуверливи и лицемерни бидејќи со години седеа во скутот на најголемите арамии и беа нивни јавни адвокати. Карикатурална е и жестината на критиката на расипикуќите од минатата власт сега во врвот на ВМРО-ДПМНЕ кога повикуваат на одговорност за злоупотреби, а никогаш не се оградија од своите корумпирани водачи кои уште од азил им диктираат што треба да прават.

Втората голема причина за оправданоста на критиките кон актуелната власт е големиот страв да не се упропасти историскиот момент и најголемата шанса што досега ја имала Македонија да стане пристојна и просперитетна држава, членка на НАТО и на Европската Унија поради алчност на носители на власта. Просто, му доаѓа на човека да побесни по сите овие години – па зарем за такви гадинки и бедни души кои се вгнездиле во власта и мислат дека треба да го наплатат своето полтронство треба Македонија да ја изгуби својата иднина и покрај сите отстапки и жртви кои се направени да се дојде до целта.

Премиерот Заев во своето обраќање до јавноста по повод потпишувањето на протоколот за стапување во НАТО и кревањето на знамето на алијансата пред зградата на Владата кажа дека ќе нема толеранција за секоја злоупотреба на власта и за секој судир на интереси. Рече: нула толеранција за секоја злоупотреба. Заев за тоа ќе ја добие целосната поддршка на јавноста, но само ако почне да мете прво во својот двор, кај своите кимоглавци и полтрони, кои ја компромитираат најголемата изгледност за конечно ослободување на Македонија. Сите што зборуваат за големи успеси треба да имаат на ум дека сè уште сме на скалата на полуслободни земји.