Можна е граѓанска војна во Западен Балкан


Ерол Ризаов

Ако земјите од Западен Балкан не станат членки на Европската Унија, во тие држави може да избие повторно граѓанска војна.

Ова директно, без заобиколување, им го соопшти на француската и на европската јавност Херман ван Ромпуј, поранешен претседател на Европскиот совет и премиер на Белгија. Тоа беше брз одговор со јазик кој најдобро го разбираат Европејците искажан промптно и компетентно по првите реакции на францускиот претседател Емануел Макрон и на германски медиуми кои искажаа голема загриженост за давањето препорака за отпочнување на преговорите за членство на Македонија и на Албанија во ЕУ. Тоа во овие две балкански земји предизвика голема вознемиреност и неверица дека баш така мислел францускиот претседател Макрон, кој беше категоричен дека ЕУ не смее да се проширува, а Македонија ја доведе во врска со Турција, небаре е дел од Анадолија, а не од Европа. Тоа во превод за обичниот Французин и Европеец значи страшило кое треба да се држи подалеку од Запад. Германските медиуми, пренесувајќи го коментарот на „Билд“, директно ги обвинија функционерите од Брисел дека препораките за преговори им ги дале на Македонија и на Албанија на своја рака, без неопходни консултации.

Во Македонија овие вознемирувачки информации, кои шират страв и закана за Европа од балканштина, искажани од влијателни личности и медиуми, се ублажуваат во дебати и со изјави на експерти и дипломати дека францускиот претседател не мислел баш така како што кажал и дека пред само неколку месеци нешто друго зборувал во Трст за проширување на ЕУ. Весникот „Билд“ искажа, исто така, тешко обвинение дека бриселската бирократија направила тежок престап без консултации со владите на големите земји, по што не уследи демант. Одговорот стаса не преку директен демант, туку со сериозно предупредување преку „Франс 24“ од Херман ван Ромпуј дека се можни немири и воени конфликти во земјите на поранешна Југославија ако во догледна иднина не станат членки на Европската Унија.

Еве го точниот одговор на Ромпуј, цитиран од дописникот на МИА од Брисел: „Европската Унија е мировен проект и доколку земјите од поранешна Југославија не станат дел од европското семејство, на еден или друг начин, некои како членки, а други преку придружни договори, тогаш граѓанската војна може повторно да избие во тие земји“. Овој одговор на Ромпуј одамна ѝ е познат на јавноста и во Македонија и на целиот Балкан. Меѓутоа, не ѝ е доволно познат на јавноста во Европа, или поточно многу брзо е заборавен по големата трагедија што се случи при распадот на Југославија. Вакви амнезии се присутни и кај нас, но и кај големите членки на стара Европа, особено кога политичките лидери тргнуваат од своите потреби да ѝ се додворуваат на јавноста, како во случајот претседателот Макрон, кој со својата изјава потсети на претседателот Никола Саркози, притоа се фати за работа со популистички алатки кои секогаш даваат добри резултати и политички поени, особено кога се потпираат на поддршката на милитантните националисти кои по наездата на мигранти во Европа шират омраза и нетрпеливост кон бегалците од војни во кои учествува и Франција.

Ова е втора ваква изјава на здравиот разум на луѓе од ЕУ и значајни сегашни и поранешни функционери. Уште пред три месеци Карл Билд, копретседавач на Европскиот совет за надворешна политика и поранешен министер за надворешни работи на Шведска, даде многу значајна и предупредувачка изјава дека доколку Европа сака да ги заштити своите стратегиски интереси на Балканот треба и институционално големите членки на ЕУ да се замешаат во преговорите меѓу Грција и Македонија да се најде прифатливо решение за името што ќе овозможи непречено преговори на нашата земја со ЕУ и нејзино членство во ЕУ и во НАТО, што е европски интерес. Еве точно која порака ја испрати пред три месеци Карл Билд до големите членки на ЕУ и најодговорни политички лидери на Европа. „Мислам дека треба силно посветување од моќните ЕУ држави и институции да се стигне до компромис за името. Без тоа, стратегијата на ЕУ за Балканот може да пропадне“.

Тогаш напишав дека кога една членка ја нарушува стратегијата и интересите на целата ЕУ, тогаш е неминовно да се земат работите и лично и институционално во рацете на луѓето кои во вакви ситуации имаат и авторитет и моќ, но и механизми да се најдат компромисни решенија кои нема да им наштети ниту на постојната членка ниту на идната. Со еден таков посилен ангажман на моќните членки на ЕУ, во кој нема да недостасува и улогата на Америка, со оглед на најновите геостратегиски интереси и на НАТО за Балканот, а има и многу работа за ОН, блиску до умот е дека е можно да се најде прифатливо решение и за Македонија и за Грција. Во пораката на Карл Билд карактеристични се зборовите „треба силно посветување на моќните ЕУ држави и институции да се најде компромис за името. Без тоа, балканската стратегија на ЕУ може да пропадне“.

За жал, ова гласно го демантира лично канцеларката Ангела Меркел на која и најмногу се однесуваше пораката на Билд. Се разбира, Меркел беше доволно мудра тоа да не го прави директно како одговор, туку во средбите со премиерите Заев и Ципрас недвосмислено изјави дека Грција и Македонија сами меѓу себе треба да го решаваат прашањето за името, охрабрувајќи ги на европски начин тоа да го направат што е можно побрзо. Со други зборови, тоа значи дека Германија ѝ даде поголема поддршка на Грција без активирање на европските институции, на што сугерираше Билд, иако се работи за стратегиски интереси на ЕУ. Тоа е што се однесува за она што канцеларката Меркел јавно се определи. Дали работи и тајната дипломатија на Германија со малку поинакви задачи, тоа е само во доменот на претпоставки и шпекулации.

Во секој случај, овие гласови на здравиот разум и на Херман ван Ромпуј и порано на Карл Билд се надежни дека ширењето на страв од западен Балкан уште пред да почнат тешките и долги повеќегодишни преговори со ЕУ можат да предизвикаат конфликти во земјите на поранешна Југославија и нова трагедија со граѓански војни, што е спротивното од она што претставува стратегиски интерес и за тие земји и за Европа.