Милиони евра одат во ветер, место да се прави струја од ветер


Соња Ристеска

Производството на струја од обновливите извори на енергија е далеку зад термоцентралите и големите хидроцентрали, како и од увозот на струја за кој Македонија секоја година издвојува милиони евра. Обновливите извори, пак, од година во година растат – сончевата енергија ја има во изобилство, паѓа цената на производството и има огромен интерес за нивно искористување. Што прави Владата?

Не е тајна дека во Македонија обновливите извори на енергија, како сончевата или ветерната, се далеку од оптимално искористени. Македонското производство на електрична енергија генерално се потпира на систем формиран во поранешната Југославија, една до две големи термоцентрали на лигнит чија главна цел е да ја помагаат тешката и црната индустрија, како и дополнителните големи хидроцентрали. За жал, ваквиот начин на централизирано производство сѐ уште преовладува, засега без поголеми планови за негова замена со поодржливи начини на производство на енергија кои одговараат на потребите на граѓаните и модерното општество. Па така, во зависност, на пример, од водостојот во Македонија, производството на електрична енергија варира од 70 отсто од РЕК „Битола“ до околу 30 отсто од хидроелектраните.

Слика: Производството т.е. потрошувачката на електричната енергија во 2016 Извор: Регулаторна комисија за енергетика на Република Македонија
До 2017 година, единствен начин за поттикнување на производство на енергија од обновливи извори (ОИЕ) беа повластените тарифи. Повластените тарифи се мерки за поддршка на нови технологии и производство на електрична енергија, каде што по одредена загарантирана цена на период од 15 или 20 години му се исплаќа производството на инвеститорот од тој обновлив извор и му се гарантира откупот на таа струја. Додека не се усвои новиот закон за енергетика, со кој се инкорпорира Третиот енергетски пакет од ЕУ-легислативата во македонското законодавството, важат старите прописи за повластени произведувачи што ги уредува Регулаторната комисија за енергетика.

Заклучно со декември 2016 година, вкупниот инсталиран капацитет на повластените производители изнесува 120,399 MW. Од нив 64 повластени производители на електрична енергија биле од мали хидроцентрали (со вкупна моќност од 60,88 МW), а 40 мали хидроцентрали (со моќност од 39,370 МW), за кои се издадени решенија за стекнување на привремен статус на повластен производител, во фаза се на изградба и се очекува тие да бидат пуштени во употреба оваа година. Понатаму, регистрирани се 102 повластени производители од фотонапонски централи, чиј вкупен инсталиран капацитет изнесува 16,713 МW. Ветерниот парк Богданци, каде што засега единствено се произведува електрична енергија од ветер, е со прва фаза инсталиран капацитет од 36,8 МW, додека преостанатата моќност на централата од 13,2 МW е во фаза на изградба и се очекува да биде пуштена во употреба годинава. Вкупниот инсталиран капацитет на три повластени производители на електрична енергија од термоцентрали на биогас изнесува 5,999 МW, а преостанатата моќност на една термоцентрала на биогас од наведените три со моќност од 1 МW е во фаза на изградба. Три термоцентрали на биомаса со моќност од 2,20 МW, за кои се издадени решенија за стекнување на привремен статус на повластен производител, се во фаза на изградба.

Од сето ова се гледа дека најмногу производство има од сончеви централи, што е секако за поздравување, но сепак тоа е далеку зад термоцентралите и големите хидроцентрали, како и од увозот на струја за кој Македонија секоја година издвојува милиони евра. Оттука е важно да се види што ќе прави државата во иднина за поголема промоција, но и искористеност на обновливите извори што од година во година растат, опаѓа цената на производството, некои ги има во изобилство (сончевата енергија) и има огромен интерес за нивно искористување.
Во новопредложениот закон за енергетика, освен повластените тарифи, се воведува т.н. премија. Според предлог-законот, премија „е форма на финансиска поддршка која се доделува на повластен производител на електрична енергија од обновливи извори како дополнителен износ на цената која ја остварил со продажбата на произведената енергија на пазарот на електрична енергија“. Со предлог-законот не се утврдува за кои точно технологии, капацитети и под кои услови ќе се доделува оваа премија, туку тоа го остава на Владата. За разлика од повластените тарифи за кои имаше квоти што треба да се исполнат, „повластениот производител кој користи премија се избира, а износот на премијата се определува преку спроведување тендерска постапка за доделување право за користење премии за повластени производители, која вклучува и аукција“.

Другата опција што се овозможува со новиот предлог-закон, е продолжувањето производителите кои користат повластена тарифа со кој подетално ќе се уреди како ќе се издаваат овие повластени статуси. Досега, со повластените тарифи се гарантираше откупот на произведената струја и тоа беше вкалкулирано во сметките на крајните потрошувачи. Со премијата, идејата е да се поддржува производството на електрична енергија, но тоа да е конкурентно и да не се покриваат трошоците за изградба и работење, туку само да биде дополнување на она што се продава. Како точно ќе функционира сето ова во реалноста, не е познато. Премиите и повластените тарифи ќе бидат пропишани од сосем различни органи (првите од Владата, а вторите од РКЕ). Дали можеби ќе има некаков судир, како тие ќе бидат распределени и кои правила за кои обновливи извори ќе важат, останува да се види. Генерално, проблем е откупот што со новиот предлог-закон не се гарантира на произведувачите од ОИЕ што би добивале премии, а се гарантира на тие кои би добивале повластени тарифи. Со тоа може да се создаде нефер конкуренција помеѓу различните извори на ОИЕ и преферирање да се инвестира во оние кои подлежат на повластени тарифи, иако можеби условите за производство се подобри кај тие што спаѓаат под премиите.

Инаку, повластените тарифи полека се напуштаат во ЕУ поради критиките за нереалното зголемување на цената за крајните потрошувачи и за нереалното чинење на самото производство со оглед на тоа дека цената на материјалите паѓа од година во година. Развиените соларни пазари како Германија, Јапонија и Обединетото Кралство користат конкурентни набавки како механизам за ограничување на пазарот за да ги редуцираат буџетските дефицити предизвикани од субвенциите, заситувањето на пазарот, ограничувањата и проблемите со балансирањето на мрежата како и високите трошоци.

Оттука, Македонија како земја којашто е на самиот почеток од енергетската транзиција треба да изнајде повеќе начини за поддршка на производството на електрична енергија без да го наруши пазарот. Пример што може да се разгледа е италијанскиот, каде што постојат дури 6 механизми за поддршка на производство на електрична енергија. Во Данска, пак, како шеми за поддршка на производство на обновлива енергија се користат премиите, но и мрежното мерење. Така, производството на обновлива енергија се промовира преку систем на премиум тарифи базиран на бонус исплати. Операторите на постројките од обновлива енергија обично добиваат варијабилен бонус, кој се плаќа како плус од пазарната цена добиена за таа произведена електрична енергија. Другата опција е нет-метерингот. Производителите кои ја користат произведената електричната енергија за сопствени потреби се целосно или делумно ослободени од плаќањето на обврската за јавна услуга за оваа електрична енергија, што инаку е трошок кој задолжително се плаќа. Третата опција се т.н. гаранции за заем. Здруженијата на сопственици на централи на ветерна енергија и други локални иницијативи можат да аплицираат за гаранции за заеми за физибилити студии кои се спроведуваат за време на изградбата на ветерните паркови.

Од сето ова се гледа дека постојат многу алтернативи и опции како да се поттикне и поддржи развојот на обновливите извори на енергија и како да се привлечат инвеститори во овој сектор. Македонија, најпрво треба да усвои, освен новиот закон, и нова стратегија за енергетика до 2035 година со сценарија што се целосно декарбонизирани (во превод – без користење на фосилните горива како јагленот) и каде што треба да се презентирани технички и економски опции за развој на различните обновливи извори со акцент на сончевата и ветерната, а помалку на хидрото, сѐ додека не се направи нова целосна анализа на целокупниот водостој во Македонија.

(Авторот е истражувачки и менаџмент координатор во Аналитика Тинк Тенк)