Маршалот го избриша ВМРО во Кочани – на потег Скопје


Кочани го врати маршалот во својот град. Една од централните улици повторно го носи името на претседателот на некогашната СФРЈ, Јосип Броз Тито, која пред четири години во пакет со уште 18 улици беше преименувана во ВМРО од страна на претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ, како дел од тогашниот груб идеолошки проект да се уништи сè што симболички е врзано со едно друго време во кое, според нив, страдале Македонците.

Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ морници ја полазија. Сите топтан ја напуштија седницата на Советот. За социјалдемократите, пак, нема ништо спорно некоја друга улица во Кочани во перспектива да го добие името ВМРО, но, како што велат, не треба да се заборави човекот од нашата педесетгодишна историја со чија помош беа поставени темелите на државата.

Веста од Кочани дека маршалот го избришал ВМРО стигна речиси истовремено кога управата на главниот град на Црна Гора, Подгорица, одлучи да се подигне споменик на Јосип Броз Тито, враќајќи ја притоа на површина темата за југоносталгијата во бившите ју-републики. За тој предлог гласале 34 советници, додека само четири биле против. За мнозинството, како и за социјалдемократите, иницијативата претставува адекватен однос кон темелните вредности на црногорско општество кое останува верно на антифашистичката традиција.

Потегот на Општина Кочани ги врати сеќавањата од пред четири, пет години кога со политички одлуки, особено во главниот град, беа урнисани темелните вредности за кои сега зборуваат Црногорците. Десетици улици без консултации со пошироката стручна и научна јавност тогаш добија нови имиња. Улицата „Бихаќска“, каде СДСМ и експремиерот Никола Груевски се комшии, се преименува во „Павел Шатев“, булеварот „Едвард Кардељ“ во булевар „Александар Македонски“, булеварот „Југославија“ во „Никола Карев“, булеварот „Маркс и Енгелс“ во булевар ВМРО, улицата „Ленинова“ во „Аминта III“…

Контроверзниот Тодор Александров, за кого дел од историчарите велат дека директно учествувал во егзекуцијата на стотина припадници на најпрогресивниот дел од македонската интелигенција, со амин на политиката се изедначи со чистата икона Гоце Делчев. Имињата на двете крупни фигури од нашето минато беше решено да носат по еден мост и една улица во Скопје, веројатно како резултат на истото количество почит на државата кон нивните заслуги и дела. Така, улицата со името на некогашниот претседател на Чиле соборен во крвав државен удар „Салвадор Аљенде“ се преименува во „Тодор Александров“, како што се вика и некогашниот мост „Близнак“ во Ново Лисиче.

Веројатно веќе малкумина се сеќаваат на изјавата на тогашниот премиер Никола Груевски кој во интервју за Сител нервозно праша: А, што треба нам да ни значи името Салвадор Аљенде? „Одредени настани и личности од комунистичкиот период во некои држави не ни значат ништо“, кажа тогаш Груевски за првиот социјалистички политичар избран за претседател на една држава на демократски избори. Дел од аналитичарите предупредија дека тогашната власт сака да уништи сè што е симболички врзано со левичарската идеја, и тоа не само од овие простори, туку и во светски рамки.

По сè, размислува ли Градот Скопје по примерот на Кочани да ги врати имињата на улиците кои со децении ги носеа, или барем на дел од нив? Од Градот (каде што веќе е поднесено барање за враќање на старото име на Универзална сала наместо сегашното ЈУ Конгресен центар „Александар Македонски“) таква иницијатива најавија на почетокот на годината, но досега нема ништо од реализација на таквите размислувања.

Од канцеларијата на градоначалникот Петре Шилегов вчера ни кажаа дека се работи на постапката за враќање на имињата на улиците и другите топоними во Скопје.

„Сепак, станува збор за бавен административен процес, каде што нема простор за брзање и импровизации. По завршувањето на сите законски и техничко-административни постапки, финалната одлука ја носи Советот на Град Скопје“, велат од Град Скопје.

Преименувањето на улиците беше тема и на еден од брифинзите на Шилегов со новинарите на почетокот на годината. За него дел од улиците добиле неприродни називи, а граѓаните сè уште ги нарекуваат со старите имиња. Како што посочи, таква е ситуацијата со улицата во Дебар Маало – „Ленинова“, која во времето на претходната администрација беше преименувана во „Аминта III“. „Јас живеам на ‘Мексичка’ која беше преименувана во ‘Петре Пирузе’, кој бил прв министер за правосудство на Народна Република Македонија. Со преименувањето се губи хуманитарниот момент дека оваа улица го добила името како благодарност до Мексико за донациите по катастрофалниот земјотрес во Скопје“, рече тогаш Шилегов.

Наум Котевски

Фото:Б.Грдановски