Манфред Вебер и Македонија


Љупчо Поповски

Има неколку многу сериозни причини Македонија во наредниве неколку месеци френетично да се зафати за реформи ако не сака да остане со куси ракави на Самитот на ЕУ во јуни, кога треба да се одлучи дали и официјално ќе започнат преговорите за членство. Едната е од регионален карактер и е поврзана со другиот европски претендент, Албанија. Политичката ситуација во Албанија е во целосен хаос, минатиот викенд приврзаниците на опозицијата се обидоа насила да влезат во зградата на владата, платото пред неа беше како некој вид воена зона. Во понеделникот пратениците на опозицијата поднесоа оставки обидувајќи се да го зголемат притисокот врз премиерот Еди Рама за вонредни избори, кои ќе ги организира техничка влада. Во ваков вриеж Албанија има малку време за посветеност на реформите, па големата опасност за Македонија е ако европските лидери (без оглед на историскиот Преспански договор) конформистички видат дека и овде нема доволно квалитетни промени во судството, правната држава, правото на слобода на говорот и реформи во економијата, па двете држави да ги остават да чекаат во тандем. Ако Албанија не може да се справи со политичката криза, ние може да направиме некаков реформски квантен скок и да излеземе од тандемот. Рецептот за тоа е едноставен. Има само три збора: реформи, реформи, реформи.

Втората причина се резултатите од анкетата објавена во понеделникот од страна на Европскиот парламент за можниот распоред на силите во него по изборите во мај. Првпат по 40 години центристичката коалиција составена од умерената десница и левица ќе го загуби мнозинството во парламентот. Според анкетата спроведена во сите земји членки, оваа „голема коалиција“ ќе контролира 45 отсто од местата наместо сегашните 53 отсто. Доколку резултатите навистина бидат такви, тоа ќе биде своевиден земјотрес во европската политика. Проевропските сили, сепак, ќе бидат во мнозинство ако се бројат и пратениците на либералите и зелените. Крајната десница и другите десничарски евроскептични партии ќе го зголемат бројот на претставниците во парламентот и новиот распоред на силите сигурно ќе има влијание и врз одлуката на европските лидери во јуни. Според предвидувањата, во новиот парламент трите евроскептични групи ќе имаа дури една петтина од пратениците, 21,5 отсто.

Во така расцепкан парламент ништо нема да биде исто како и претходните 40 години. Иако десничарската Европската народна партија (ЕПП) ќе остане најсилна фракција во ЕП со 183 места, таа не ќе може да има решавачки глас при распределбата на функциите (сега трите клучни позиции – претседател на Европскиот совет, претседател на Европскиот парламент и претседател на Европската комисија ги држат луѓе од оваа група). Колачот ќе мора да се дели со левицата од групата Социјалисти и демократи (СиД) и сосем веројатно со групацијата на либералите АЛДЕ, која ќе биде трета по сила фракција. Токму тука треба да лежат грижите за македонските власти. Во калкулациите што се прават уште сега холандскиот премиер, либералот Марк Руте, може да го наследи Доналд Туск на функцијата претседател на Европскиот совет. Доколку партијата на францускиот претседател Емануел Макрон се приклучи на АЛДЕ (како што веќе беше најавено), нејзината сила ќе стане уште поголема, затоа што без нив не ќе може да се формира мнозинство во ЕП. Познато е дека Марк Руте е еден од најголемите скептици за почнувањето на преговорите на Македонија со ЕУ, заедно со Макрон. Затоа до јуни се потребни само реформи, реформи, реформи. И завршување со правосилна судска одлука на барем неколку од случаите што произлегоа од прислушувањето, што ќе биде силна потврда дека европската поддршка за справување со криминалот, корупцијата и кршењето на човековите права не била залудна. И дека нешто конечно сме научиле.

Третата причина е во кандидатот на ЕПП за претседател на Европската комисија, Германецот Манфред Вебер. Изгледа нелогично, но кандидатот на групата каде што се и Ангела Меркел, и Доналд Туск, и Жан-Клод Јункер, и Јоахнес Хан, може да стане една од клучните пречки на македонскиот пат кон ЕУ. Како шеф на егзекутивата на ЕУ, тој може формално да не го спречува македонскиот напредок, но може да не му помага. Поради тоа што ние бевме преокупирани со преспанскиот процес и поради тоа што македонската јавност има мал интерес за случувањата во европската политика, постапките на овој политичар од баварската партија ЦСУ (сестринска на ЦДУ на Меркел) останаа малку познати овде. Најважниот факт е што тој како шеф на парламентарната група на ЕПП во Европскиот парламент никогаш јавно цврсто не застана зад Преспанскиот договор. Иако неговата групација него јавно и јасно го поддржа неколкупати.

Има неколку објаснувања за тоа, иако сите може да дејствуваат прозаично. Првата е што Вебер е цврсто поврзан со лидерот на грчката опозиција, претседателот на Нова демократија, Киријакос Мицотакис. И што секогаш наоѓаше разбирање за острото противење на Мицотакис на Преспанскиот договор. Мицотакис беше првиот од групата во ЕПП кој го поддржа Вебер за претседател на Европската комисија. Изгледа дека Баварецот тоа не го заборава. Посредно со тоа, се обидуваше да го оправда и противењето на македонската опозиција на Преспанскиот договор. Во овие месеци Манфред Вебер изрече цел куп критики, па дури и навреди, кон грчкиот премиер Алексис Ципрас.

Политичарите сакаат да ги заборават настаните од минатото. Дури и она што е од пред 6-7 години. Така, кога пред десетина дена беше во дводневна посета на Атина на една конференција како гостин на партијата на Мицотакис, тој отворено повика на промена на владата во Грција. Главната поента на Вебер беше дека ако тој стане претседател на Европската комисија ќе направи сè да се намали финансискиот товар за Грција. „На Грција ѝ треба нова влада која ќе биде пријателска кон економскиот раст. Јас ќе се заложам да се намалат европските проекции за грчкиот раст за да може новата влада да биде порелаксирана“, зборуваше Вебер пред задоволниот Мицотакис. Тој намерно заборави дека кога Нова демократија беше на власт во 2009 година дефицитот беше 15,1 отсто, што ги отвори вратите на банкротот. Или дека владата на Ципрас ја намали невработеноста од 27 отсто на 18. Или дека Европската комисија предвидува раст од два отсто во 2018 и 2,2 отсто во 2019 за Грција и дека, според нејзините оценки, владата на Ципрас направила драматичен исчекор напред. Месец и половина претходно тој зборуваше дека Ципрас го лаже грчкиот народ, кој мора да ја плати сметката на неговата влада и го нарече популист кој ги загрозува европските вредности.

Јасно е дека Манфред Вебер сака да му помогне на Киријакос Мицотакис на изборите закажани за оваа година, но тој беше единствен од повисоките функционери кој остана нем за Преспанскиот договор, за разлика од целата Европска Унија и на линијата со лидерот на грчката опозиција. Неговите изјави беа секогаш амбивалентни. Тој зборуваше дека владата е таа што го преговара договорот и е одговорна. Улогата на опозицијата е да понуди алтернатива, а Киријакос не се спротивставувал на основната идеја да се најде компромис. За најпосле, пред еден месец да изјави дека секој знае дека прашањето за името треба да биде решено за да ѝ се даде на Македонија позитивна економска и европска иднина. Но повторно внимателно да не го навреди Мицотакис. Во истото време кога Меркел беше во Атина да притисне последен пат за грчкиот парламент да го ратификува Преспанскиот договор.

На многумина им изгледа нејасна оваа политика на Манфред Вебер, човекот не само што никогаш не бил премиер, барем на покраинска влада во Германија, туку не бил ниту министер (што е преседан во ЕУ кога е предложен за највисоката извршна функција), но изгледа дека неговите шанси без мнозинство во ЕП и со молчењето за Преспанскиот договор и нападите врз Ципрас му се намалува просторот да биде избран. Можеби неговата позиција и ставовите на грчката и македонската опозиција најилустративно ги искажа бугарскиот премиер Бојко Борисов во говорот на самитот на ЕПП во ноември во Хелсинки: „Што се случува? Социјалдемократската партија на Македонија сака да влезе во ЕУ и НАТО. Грчката крајна левица сака нивниот сосед Македонија да влезе во ЕУ и НАТО, но нашите сестрински партии во Македонија и Грција не го сакаат тоа. Јас сакам да поставам едноставно прашање. Има ли дисциплина во ЕПП или нема?“

Можеби нема дисциплина во ЕПП. Можеби Манфред Вебер се води од лична наклоност кон Мицотакис или едноставно не ја гледа Македонија во некоја предвидлива иднина во ЕУ. Тоа може да стане проблем за нашата земја доколку тој ја командува Европската комисија. Затоа на апликантот Македонија не му преостанува ништо друго туку да се концентрира само на едно нешто: реформи, реформи, реформи.