Макрон ќе ја награди Северна Македонија


Нано Ружин

Има една стара француска поговорка: „Тишината е мудар пријател кој никогаш нема да ве изневери“. Можеби токму во оваа цинична филозофија можат да се пронајдат заоблените и резервирани позиции на француската дипломатија кон процесот на проширувањето на ЕУ кон државите на Западен Балкан. Во таквиот возен ред сместен е и процесот на почнување на преговорите на нашата земја и ЕУ. Дали се работи за вистински божји каприц на Емануел Макрон кон Балканот или за различните вкусови на богатото француско мени на кое фигурира познатото козјо сирење со истоимениот назив – caprice deс dieux?

Фигуративно кажано, Макроновата дипломатска синусоида кон ова прашање во изминатите три години доживуваше еден тивок и мек пресврт, со непредвидливи последици за Балканот. За време на говорот пред студентите и професорите на Сорбона во есента 2017, Макрон пледираше за обединета Европа, која нема да се повлече пред притисокот на европските популисти и антиеевропските сили. Една година подоцна на Самитот на ЕУ и Западен Балкан во Софија во мај 2018, Макрон ја изнесе француската песимистичка визија во однос на проширувањето на Унијата. Тој изјави дека „не е можно проширување пред да се случи продлабочувањето на ЕУ“. Во јули 2018, Советот на ЕУ и покрај резервите на Франција и Холандија, но со поддршка на Грција изнајде консензус и вети дека ќе отпочнат преговорите за членство со Скопје и Тирана. На иста линија беше и мислењето на кроткиот претседател на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, кој неколкупати повтори дека земјите на Западен Балкан треба да имаат јасна европска перспектива. Меѓутоа, треба да се има предвид дека Европската комисија не одлучува за приемот на новите членки во ЕУ, туку само може да утврди дали некоја држава ги исполнува условите за влез. Одлуката за проширувањето ја носат самите држави членки.

Тамам балканските лидери почнаа да калкулираат со своите проевропски емотивни изливи, се помати сликата на европската балканска балада. Новото матење на балканските европски визии се случи пред еден месец кога министерката за европски прашања на Франција, Натали Лоазо, го посети Белград. Таа изјави дека сегашната состојба во ЕУ не дозволува проширување кон државите на Западен Балкан. Притоа, додаде дека државите од Западен Балкан имаат европска перспектива, но претходно неопходно е да се реформира Европската Унија и да се изврши ревизија на нејзиното функционирање.

Во времето на „Брегзит“, масовните миграции и „жолтите елеци“ меѓу француската политичка елита растеше евроскпетицизмот околу проширувањето на ЕУ. Разбирливо, во услови на криза сите политички субјекти се свртени кон сопствените проблеми. Во оваа антиевропска реторика предничи француската опозиција. Во 2017 година, по европскиот говор на Макрон, Лоран Вокие, лидерот на десничарските Републиканци, со доза на силен сарказам го нападна францускиот претседател: „Замислете, Макрон ќе го вовел Балканот во ЕУ. Проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан ќе донесе само штети и главоболки и за Франција и за цела Европа“. Уште е побласфемична позицијата на најмоќната екстремистичка партија на Франција на чело со Марин Лепен. Задоена со атавизмот на својот татко, кој го негираше холокаустот, брутално ги отфрла членствата на балканските држави во ЕУ. Во своите евроскептични творби таа порачува „ЕУ е дефинирана повеќе преку вредностите отколку преку географските граници“. Натамошното проширување би било повторен масивен прилив на работна сила, создавање нови канали за миграцијата, организиран криминал и корупција и поттикнување на незадоволство на европските народи. На крајот, Марин Лепен иронично прашува: Ништо повеќе не може да ги задржи федералистите на Европската комисија неодговорно да ги дизајнираат што подалеку границите на Европа.

Каде е Северна Македонија во целиот овој галијаматијас?

Не треба да се заборави дека претседателот Емануел Макрон е еден заколнат еврофил. Европската Унија фигурира многу високо во неговата политичка агенда. Тоа е значаен адут и за владата на Заев. Вториот поволен елемент, кој е и најзначајниот, е договорот од Преспа кој претставува најсериозен чекор кон европските перспективи на државата и овој адут не смее да се занемари. Во разговорите со француските пратеници кои гостуваа минатата недела во Скопје, беа изнесени ставовите дека во државите на Западен Балкан не смее да се повтори „турскиот синдром“, односно да се отворат преговорите, а потоа да се чека со децении без никаков прогрес. Воедно, лошите искуства со Романија и Бугарија, кои влегоа недоволно подготвени во ЕУ, служат како научени лекции за идните проширувања. Независно од овие тивки предупредувања се доби впечаток дека нашите аспирации за отпочнување на преговорите се пореални од оние на Албанија. Тирана и Белград се во големи политички проблеми и тоа веројатно ќе ги забави нивните амбиции. Како да се објасни овој франко-скептицизам кон проширувањето на ЕУ?

Нема сомнение дека стратегиски позиции на политичките партии во Франција се одбележени со кампањата за европските избори во мај. Макрон доби двојна противречна прометејска задача. Од една страна, да остане Европеец инсистирајќи врз реформите на ЕУ, а од друга страна да му удоволи на француското јавно мислење и на гласачите. Среќна околност е што популизмот и револтот на „жолтите елеци“ е во опаѓање, што популарноста на Макрон е во пораст, а тоа би можело да го смали скептицизмот на францускиот претседател? Макрон во говорот во Сорбона 2017 во прв план на новиот европски проект ги става владеењето на правото и демократските вредности. Во однос на Балканот тој истакна дека единствено средство за да се надмине популизмот е почитувањето на европското аки и демократските реформи. Подоцна, во Софија 2018, Макрон направи една изненадувачка дистинкција помеѓу една суверена Европа и една обединета Европа. Суверенитетот значи дека Балканот би морал да е врзан со ЕУ заради историски и геополитички причини. Обединета Европа значи дека не е можно проширување пред да се реформира Европа.

Овој аргумент е дискутабилен, со оглед дека веќе десет години трае овој процес. Евидентно е дека не постои никаков изговор за да се блокира отворањето на преговорите, кој е долг и макотрпен процес. Црна Гора и Македонија заедно немаат ни три милиони жители и не можат да се споредат со големината на Турција или Романија. Макрон додаде дека не е сериозно да се отворат процесите на преговорите без какви било услови. И овој став е дискутабилен бидејќи ниту еден процес на проширување не бил отворен и без претходно наметнати услови. Макрон постојано истакнуваше дека корупцијата и миграцијата се рак-рани на балканските држави, а реформите не се одвиваат со доволно брзо. Независно што прашањето за проширување никогаш отворено не нашло простор во концепцијата за демократска Европа на Макрон, тој сепак го истакна посебното значење на Македонија и склучувањето на договорите со Бугарија и Грција. Не верувам дека во пораките Макрон кон Заев се манифестира доза на еуфемизам кога францускиот претседател се заложи „државите кои прават толку напори како Северна Македонија мораат да бидат наградени“. Оваа изјава е значаен адут за нашите европски соништа, но и патоказ за останатите балкански аспиранти.

Што може да се очекува? Регионот на Балканот е единствениот регион каде ЕУ може да осмисли нова реалност, но едновремено, тоа е и регионот во кој Европа најмногу промаши. Доколку ЕУ има амбиции да игра улога на сериозен, силен и автономен актер на политички и воен план, тогаш таа шанса почнува на Балканот.