Македонското тешко оро – од сиртаки па до чардаш


Звонко Давидовиќ

 

Деновиве во Македонија главна тема или топ-тема, што би рекле новинарите, е бегството на Никола Груевски. Секој има свое видување или свој коментар за настанот, а мене сето ова ме потсетува на она машко перчење за главата на семејството и машката доминација во македонското семејство. Тоа перчење во врска со главниот збор во семејството или куќата е како ловечка приказна, а реалноста е сосема поинаква. Во кафеана мажите се фалат како тие решаваат за сè, како нивниот збор се слуша без забелешки или негодување, како се тие глава и главни во својот дом. Но кога ќе излезат од кафеана и малку ќе им изветрее алкохолот кој го консумирале со часови и ќе им се смират хормоните од нафрлување на сè што носи здолниште, влегуваат дома и онака како главни почнуваат како пудла да им се умилкуваат на своите жени. Ако ескалира ситуацијата и жената не „падне“ на умилкувањето на мажот и неговото вртење со опаш, туку продолжи со проповедите и лутењето, тогаш овој балкански мачо-мен ја применува најсилната техника која му стои на располагање. Се протнува под трпезариската маса и храбро од под неа викнува: „Да, драга!“ Така се исполнети сите услови да ја задржи својата машкост и да не испадне лажго пред пријателите. Неговиот збор е навистина последен, а и самиот го избира местото од кое ќе ги упати.

Некако сето ова ме потсетува на бегството на Груевски и на неговото однесување на мачо-мен во државава која мораше да игра по неговите ноти и беспоговорно да ги слуша неговите проповеди. Арно ама, што би рекле нашите комшии, „свако весеље за три дана“, па и оваа журка на Груевски мораше да заврши и да дојдат отрезнувањето и плаќањето на сметките – прво за журката, а потоа и дома. Груевски ја плати сметката за журка тогаш кога го потпиша Пржинскиот договор во кој го предвиде и формирањето на СЈО. Во тој миг мислеше дека поминал евтино и онака расположен продолжи да изигрува патриот кој стои на браникот на својата татковина и дури изјавуваше дека ќе го положи својот живот за неа. Освен што положи неколку испити на прилепскиот факултет и поголема сума пари на своите сметки и имот на катастарските изводи, ниту својот живот ниту својата слобода имаше намера да ги положи за татковината.

Во текот на овие неколку месеци, изјавуваше дека е подготвен да оди во затвор само за да ги пуштат сите други обвинети и дека тој ќе ја понесе целокупната одговорност. Неговите зборови и ветувања беа лажни, исто толку колку што е лажен и барокот кој го изгради од гипс-картон. Наместо да ја понесе одговорноста, тој ги понесе своето куферче и банкарските картички и се изгуби во темнината на ноќта, таму некаде на македонско-албанската граница, за да осамне во Унгарија.

Сметката за журката, која тогаш му се чинеше евтина, само ја зголеми сметката која мораше да ја плати дома за своето однесување. Таа сметка не беше ниска, а цехот кој требаше да се плати беше голем. Исто како оние мачо-мен фалбаџии од почетокот на приказната, и Груевски мораше да ја плати сметката пред жена, да не кажам две жени – обвинителката и судијката. Исто како мачо-типовите, храбро и патриотски избега од државата и храбро од странство порача дека е и понатаму на браникот на татковината. Најверојатно затоа што и не студирал ниту учел географија, тешко излегува на крај со тоа каде е браникот на Македонија, па го брани и стои на оној во Будимпешта.

Патриотизмот на „првиот патриот“ ја чинеше Македонија многу, а допрва ќе дојдат сметките за наплата. Лажниот патриотизам на Груевски ја донесе државата до работ на пропаста и оценката дека е заробена. И беше заробена од лудилото на еден мегаломан кој немаше ниту усул, ниту образ, ниту нешто чесно во себе кон никого. Ги употребуваше и третираше своите најблиски соработници како пиони, институциите како свои партиски експозитури, државата како свој вилает, народот како стадо овци, а државната каса како свој паричник. Неговиот патриотизам траеше исто онолку колку што траеше неговата тиранија, а неговата храброст траеше колку виножитото по дождот.

Како најголем македонски патриот, избега од Македонија, во која лажно се колнеше и која лажно ја бранеше. Додека самиот со најблиските соработници преговараше за промена на името, се прикажуваше како патриот кој нема да го даде името по цена на својата глава. Додека ја узурпираше и приватизираше државата како да е на мајка му, сите други ги нарекуваше странски платеници и предавници. Додека се подготвуваше за бегство, се прикажуваше како спасител и се нудеше себеси наместо сите други обвинети. Додека шета по Будимпешта, патриотски порачува дека ја чува Македонија. Лажен патриот, лажен херој, лажна жртва, со изречени безброј лаги, со своите постапки покажа и докажа дека токму тој е сето она што им го префрлуваше на другите. Кукавички избега од издржување на затворска казна, предавнички во странство ја прикажува Македонија како недемократска земја, алчно си ги собра сите пари како вистински платеник и ги однесе во странство.

Во текот на владеењето на Груевски, периодот со право е наречен „груевизам“. Тој успеа да го закрви народот и да го подели по сите основи. Одеше дури дотаму што извесно време забрани српска музика, а Албанците му беа „црниот ѓавол“ секогаш кога требаше да го подигне патриотскиот морал на своето членство. Сите што работеа или соработуваа со странците беа предавници и платеници. А тој, токму тој голем патриот и Македонец избега од Македонија преку Албанија, па преку Црна Гора и Србија, заврши во странство, во Унгарија. Е сега не само што ќе слуша странска музика туку и ќе игра чардаш. Ама така е во животот, секој сам избира каква музика ќе слуша и за вкусовите не можеме да судиме, затоа еден ќе слуша и ќе игра чардаш, двајца сиртаки, а ние другите тешкото.

(Авторот е адвокат)