Македонските политичари и Бил Гејтс


 

Никола Поповски

По последниве интензивни и продолжени процеси на отворен и дрзок непотизам во јавниот сектор во нашава држава, веќе можеме да бидеме сигурни дека децениското владеење на сегашната опозиција остави длабоки траги врз општеството и врз сегашните и идните политички елити. Стотиците и илјадници директни актери на единаесетгодишното робусно владеење, за кое очигледно не понесоа и нема да понесат никаква одговорност, ги остави со сите незаконски стекнати нови материјални, финансиски и кадровски позиции во општеството и во прилично лагодна ситуација на „уживање во стекнатиот плен“. Таа отворено наметната состојба од страна на сегашната власт отвора сериозни сомневања дека може да се продолжи со истите начела на владеење и во иднина од секој што ќе се догребе до која било политичка и јавна позиција во ова наше општество. Тоа е „новата стварност“ со која веројатно ќе треба да живееме во еден подолг временски период кој ќе се одолговлекува до бескрај.

Запрепастувачки се чини леснотијата со која јавноста секојдневно е бомбардирана со најбизарни и недоветни образложенија зошто целокупниот државен и јавен апарат на Македонија е ставен во функција на семејствата на оние што во моментов ги извршуваат јавните функции, иако е јасно дека нивните позиции треба да бидат во функција на јавниот наместо личниот и семеен интерес. Но, за жал, многу сериозно и погубно образложение стои зад таквата леснотија на оправдувањето. Имено, ако претходното такво однесување го прифатиме како „нова стварност“ која е неказнива и де факто легализирана, а со која може да се живее во Македонија, тогаш сегашното исто такво однесување ќе се прифати и во иднина кога сегашните директни актери во политичкиот и јавен живот еден ден ќе заминат заедно со „стекнатиот плен“. Овие процеси до пред извесно време, од околу една година, беа во критична фаза кога требаше да се прифатат или отфрлат. За жал, денес сме сведоци дека тие се прифатија.

Одговорот и отпорот на јавноста кон „новата стварност“ се млаки и молчаливи. Тие еден ден ќе завршат како и претходните – молчаливиот отпор ќе се претвори во гнев и одбивање што сегашните актери ќе ги отстрани од допирот со јавните институции, средства и моќта што произлегува од тоа. Но,  стекнатите нови материјални, финансиски и кадровски позиции во општеството ќе им останат според принципот на веќе прифатената неказнивост и непостоење на реперкусии.

Ќе се согласите дека тоа отвора сосема нови перспективи за сите оние што сакаат да се вклучат или веќе се вклучени во политичкиот живот на земјава, но едновремено ги закопува сите перспективи на Македонија како пристојно место за живеење во иднина. Таа „нова стварност“, која како сениште се создава пред нашите очи, како магнет ќе ги привлекува луѓето во политичкиот живот со единствена цел да стекнат лична корист. Тоа сè повеќе ќе ги одвраќа вредните луѓе во Македонија од јавниот живот, а младите од желбата да останат да живеат и работат во својата земја. Во такви услови политиката станува простор и средство за вистинско угнетување на општеството и неговите членови, а не концепција за негов иден развој. Алчноста, саможивоста и егоистичноста стануваат врвни начела на политичарите. Дури и кога изгледа дека тие наводно се жртвуваат во име на повисоките интереси, во тој момент тие, всушност, само тргуваат во замена за своите и семејните интереси. Во практиката тоа добива димензии на гласање за закон или уставни амандмани за возврат со вдомување на членовите на нивното семејство во најдобро платените јавни институции, или молчење за тоа што се случува за добивање тендери и слично.

Дека овој модел може да функционира и во нашата скора НАТО и ЕУ иднина, секојдневно ни покажува примерот со една соседна земја, која исто како и нашата не може да ги реши основните егзистенцијални проблеми на животот на своето население, но затоа пак во неа царуваат криминалот, непотизмот, примитивизмот и иселувањето и дополнително на тоа, на секои неколку месеци пратениците по еднаш физички ќе се пресметаат меѓу себе во својот законодавен дом или пак директно ќе го нападнат со јајца, боја, хартија, мастило и што ли уште не нивниот премиер. Нивната реприза на груевистичкиот македонски црн парламентарен декемвриски понеделник од 2011 година, кога полицијата буквално ги одвлечка пратениците од собраниската сала со употреба на брутална сила, како и пучистичкиот април 2017, се чини дека е вечна. Толку вечна што и по 10-11 години членство во НАТО не може да исчезне. Зошто Македонија не би била со слична иднина? Постојат сериозни причини да веруваме во тоа?

Но, наспроти нашите домашни црнила, во светот се појавуваат и сосема обратни случаи на позитивни примери на несебичност и алтруизам. Деновиве господинот Бил  Гејтс во два-три наврати демонстрираше сè што треба да го краси еден добар и умен човек, па и секој македонски типичен политичар, а не го краси. Тој покажа големина над сите очекувања. Јавно, јасно и гласно кажа што му се намерите со неговото богатство кое сега изнесува 97 милијарди долари.

„Ниту јас ниту кој било не заслужува толку големо богатство“, вели Гејтс. Прецизен е дека напорно работел со огромен тим зад себе и дека на светот му остава големо наследство со софтверските решенија што ги иновираше, но дека за заработените пари платил премалку данок (само околу 10 отсто од богатството што го поседува) и дека тој не е виновен што такви се законите, но дека тие треба да се променат и дека треба да плати многу повеќе данок. Отворено соопшти дека освен парите што самиот ќе ги потроши, а тоа секако не може да биде повеќе од 1-2 милијарди долари и тоа во добротворни цели, нешто од богатството ќе остави на децата и за даноци, а остатокот од парите ќе ги остави на својата фондација која се грижи за борбата против сиромаштијата и искоренување на тешки болести во сиромашни земји. Тоа значи дека доколку на секое од децата му остави по една милијарда долари, на крајот тој секако во алтруистички цели и за добросостојбата на светот ќе остави над стотина милијарди долари, бидејќи во меѓувреме богатството секако ќе се зголемува.

Ете, така како Бил Гејтс размислува и се однесува еден умен човек. Тој гледа зад себе, но и пред себе во иднината и покрај за себе, сериозно се грижи и за доброто на сите. Сегашните генерации на македонските политичари се нешто сосема поинакво. За жал. Можеби и не е проблем и не е жално што тие и такви луѓе постојат, но жално е што оваа земја долго време не може да се ослободи од нивната моќ во политиката. Не станува збор за еден политичар со свое име и презиме, туку уште полошо – станува збор за прототип на цела една генерација  политичари што ја водат земјата.