Македонија како село без кучиња


Слободанка Јовановска

Солза Грчева, Јанко Бачев и други маргиналци како нив во Македонија бараат пари од буџетот на државата за да водат негативна кампања против референдумот. Не правејќи разлика меѓу комунизам и демократија, тие бараат да имаат рамноправен третман кога се во прашање парите за кампањата со тие што ќе ги добие Владата, ако добие воопшто. Во име на некаков камп „против“, тие сметаат дека се квалификуваат за финансиска поддршка повикувајќи се на практиката за референдумот во Велика Британија.

Според нивната аматерска логика, испаѓа дека секој што сака да води кампања, без оглед на релевантноста, па и секој што сака на таков начин да си билда рејтинг или да си заработи некој денар, треба да бара пари од буџетот под изговор дека ќе води кампања. Па и некој што застапува ставови што не добиле проверка на избори и зад кои стои исто такво маргинално гласачко тело во државата, кое не им обезбедило ни едно место во парламентот. По таа логика, во битката за пари можат да се јават сите невладини и какви сè не организации во земјата, па и во дијаспората, и со обвинувања за политичка нерамноправност да го уриваат кредибилитетот на референдумот за многу сериозен договор кој треба да ја одреди иднината на земјата.

Она што намерно го забораваат ваквите политички маргиналци, чија идеја е да прават збрка околу правилата и да го оспорат правото на потписникот на договорот и на предлагачот, Владата и СДСМ, да стават на тест пред граѓаните спогодба за која тие мислат дека е во интерес на земјата. Да биде уште поапсурдно, Јанко Бачев вчера се пофали дека на отворена сметка во странство собрал 4.000 евра донации, иако со закон е строго забрането и казниво вклучување на средства од странство во изборни и слични политички кампањи, и веќе денес за таа изјава треба да дава објаснување во Јавното обвинителство.

Вчера ВМРО-ДПМНЕ требаше да расправа дали да дозволи Собранието, како предлагач, да се вклучи во кампањата за референдумот, или поточно дали ќе дозволи некој воопшто да води кампања за прашање за кое со години тврдеа дека треба да се оди на референдум. Испадна дека нешто што без проблем се организираше досега во земјата, сега се спори од сите аспекти и од сите страни и дека битката место околу прашањето, т.е. договорот, се води со политички игри чија цел е граѓаните воопшто и да не добијат шанса да кажат за што се на референдум.

Уште поапсурдно е што непосредно пред референдумот најголемата опозициска партија не знае што да поддржи. Ако сепак падне договор парите за кампања да ги добијат преку Собранието партиите што се преставени во него, како што е практика во сите развиени демократски земји, може да се случи ВМРО-ДПМНЕ да ги добие, а воопшто  да не се знае како ќе учествува во неа. Најстрашно е дека од дилемите што се отвораат околу референдумот испаѓа дека во земјата не може да се организира ни седенка на селска чешма а  да не испадне дека условите за неа секој ги сфаќа на друг начин, дека секој нешто спори и дека е најдобро и да не се организира. Ниту во една друга европска земја дури на референдум не откриваат кој треба да спроведе и да води кампања за референдум, освен во Македонија. Во ниту една друга земја референдум за меѓудржавен договор и за НАТО не се третира како нешто што не е јавен интерес за државата, за да испадне дека СДСМ како партија на власт заедно со коалицијата треба да води партиска кампања со свои средства, како влезот во НАТО да е нејзина приватна работа, иако е ВЛАДА.

Уште поапсурдно е што голема и етаблирана политичка партија, со бивши министри, експерти и меѓународни партнери, не знае за што решава Македонија, па се мисли со месеци. Дилемата, едноставно кажано, е следната: Ни се нуди договор кој ќе ни обезбеди место во блокот на најмоќните, а ние сакаме да бидеме на другата страна, со тие што немаат шанси со нив. Или уште поедноставно, ни нудат да станеме „господар“, а ние сакаме да бидеме „слуга“ во меѓународната заедница. Нè викаат таму каде што даваат и стандарди и пари, а ние сакаме таму каде што не даваат ништо и продуцираат проблеми. Нè викаат тие што владеат со светот, а ние сакаме да останеме меѓу тие што ги владеат во светот. Паметно, нема што. И се брани „достоинството“ на името, што е симбол за најсиромашните во Европа.