Македонија во знакот на желка и рак


Ерол Ризаов

Шокантна и обесхрабрувачка е иднината на Македонија, соопштена во предупредувачката дијагноза во извештајот на Светската банка. Вистинските експерти, а не нашите партиски пропагандисти, пресметале дека на Македонија ѝ требаат рамно 70 години да го стаса просекот на земјите членки на ЕУ, ако продолжи да се движи напред со сегашното темпо на желка, а често и назад како рак.

Со раст од просечно 2,8 отсто, колку што изнесува во изминатите години нивото на развојот, ни треба да жртвуваме уште неколку генерации да живеат во беда и сиромаштија, па дури по еден век да се изедначиме на некое просечно ниво со Европа. Тоа е оптимистичката проценка, ако ЕУ земјите не го забрзаат позначајно својот раст. Дотогаш една третина од населението ќе гладува, ќе се раѓа и ќе умира во мизерија со неизвесност како ќе го помине денот. Втората третина ќе живее под стрес стравувајќи да не се најде преку ноќ во првата третина. А, третата третина ќе бидат среќниците со пристоен живот ако успееме да ја сочуваме државата и ако остане некој да живее во земјата недојдија.

Не дека оваа пресметка на Светската банка не беше позната и досега и кај нашите економисти, но овој пат „изненадувањето“ од бројките на светскиот финансиски колос и џандар доаѓаат поради апсурдноста на нашите домашни идиотски политички расправи, кои уште се обработуваат со национални, патриотски, историски, идентитетски и други популистички примитивни алатки.

На нормален човек откако ќе го исчита Извештајот и ќе ги слушне предупредувањата на научниците за економски развој му доаѓа да врисне: дали е можно сè уште да бидеме толкави кретени и билмези кои не можат да си го видат прстот пред носот. До кога ќе се храниме со стереотипи и заблуди. Која е точката на вриење и освестување кога ќе се препознаат од мнозинството граѓани вистинските вредности кои влечат напред во оваа кутра земја кои треба да се поддржат цврсто без пардон.

Уште кој во светот и дома треба да им каже на нашите патриоти и јунаци, војводи, партизани и првоборци во нивните безмалку 30-годишни битки за власт дека основен предуслов за економски развој е политичката стабилност, владеењето на правото, развојот на демократијата, контрола на корупцијата и пресметка со организираниот криминал. Без остварување на овие темели на секоја парламентарна држава нема воспоставување на доверба во јавноста, а без доверба нема ни побрз развој, ниту пак се можни реформи.

Македонските влади со своите инстант реформи наликуваат на пожарникари кои со стари пролупани пожарни гасат по стотина пожари дневно кои најчесто самите ги палат.
За која било работа да се заврши се бара премиерот. Тој рецидив кои доби епски димензии во ерата на груевизмот е задржан и ден-денес. Сè уште граѓаните на Македонија не веруваат во институциите на системот, бараат средба со премиерот, министерот или градоначалникот за услуга која треба да се заврши од администрацијата без никаква интервенција.

Апсурдноста оди дотаму што се соочуваме со јавни повици да не се почитува законот, бидејќи е со намерна фабричка грешка. Има вистина во тоа, но патот не е во непочитување на таквиот закон, туку во негова промена, а најважно во неговата примена. Во Македонија во делот на владеење на правото најлошата работа е неприменливоста на законите и исплатливоста на корупцијата и криминалот, дури и кога ќе бидат фатени, откриени, па и осудени криминалци ако се од врвот на власта и моќта.

Волунтаристичките и пожарникарски интервенции на владата не можат да се сметаат за реформи. Она што е предзнак на вистински долгорочни реформи е вклучување на науката во одредување на стратегиите на идниот развој. Без долгорочен стратегиски план направен од општествен и економски аспект на искусни научници и планери, кој мора да биде внесен во партиските програми со широк консензус во Македонија, не е можен побрз развој.

Преговорите со ЕУ кои траат повеќе години, во случајот со Македонија најмалку осум години, се всушност најзначајниот период во кој се одредува капацитетот и подготвеноста на државата, на институциите на системот, на владите и политичарите, но и на граѓаните за прифаќање на европските вредности и на европските аршини за мерење на успешноста на државата и на една власт. Тука не се содржани популистичките кантари за одредување на нивото на патриотизмот, туку за остварување на секое поглавје кое ги содржи неопходните измени кои мора да почнат со промена на свеста за тоа што навистина сакаме да направиме од Македонија и како да стасаме со целта.

Ако веќе цели 28 години, од првиот ден на независноста, па би рекол и пред тоа, превладува кај мнозинството граѓани дека Македонија нема друга подобра алтернатива од ЕУ и од НАТО, зошто тогаш тоа не е нашиот патриотски и национален и цивилизациски долг кон татковината и идните генерации, да се изразам така за да разберат и лажните патриоти, на кои односот кон татковината која толку многу ја сакаат, сè уште им е инцест од кој и натаму се раѓаат дебили.

И уште една заблуда кон ЕУ, која во последно време сè почесто се слуша, иако повеќе во неформални разговори на јавни личности чија стручност е добро позната. Се пласира тезата за таканаречените европски „директиви“ кои се претставуваат речиси како беспоговорни наредби на диктатура кои во Македонија можат да направат хаос. Вистината е сосема поинаква. На Брисел секогаш може да му се каже „не“ кога има домашна понуда со подобро решение, или решение кое е во рамките на специфичностите и на посебноста на државите и менталитетот. Европа всушност се одржува на темелите на компромисот и негување на различноста како најголеми достигнувања.

Тоа е и најзначајното решение и за политичката стабилност во Македонија. Ако се знае дијагнозата на нашата болка, ако е познат лекот, ако е позната целта и определбата на граѓаните, ако е познат патот по кој треба да се оди, тогаш секое попречување треба да се отстрани со озаконета решителност.