Лани 72 деца заболеле од рак


Расте бројот на заболени од рак во земјава. Само минатата година се регистрирани 9.642 новозаболени лица со малигна неоплазма, од кои 72 деца и 3.122 лица на возраст од 60 до 70 години, покажуваат податоците од „Мој термин“. Точниот број на заболени од рак сепак не се знае, а регистарот на пациенти се подготвува. Жени оперирани од канцер на дојка во изјава за „Независен весник“ забележуваа дека за термин за мамографија чекаат по три или четири месеци, а има и случаи кои дури една година чекале за ехо. На Светски ден за борба против ракот, претседателката на Здружението за борба против рак „Борка – за секој нов ден“, Биба Додева рече дека се надеваат трендот на чекање за преглед од по неколку месеци да се надмина со набавените нови мамографи.

„Проблемите постојат. Набавени се нови мамографи и се надеваме дека овој тренд на чекање по неколку месеци за контрола ќе се надмине во скоро време. Започнато е функционирањето на работната група за составување прв национален регистар за пациенти со канцер во Македонија, за што ние лобиравме уште во 2015 година. Конечно Министерството за здравство состави работна група која го имплементира тоа со цел да се имплементираат наредните чекори за да се намали морталитетот. Оној момент кога ќе го имаме регистарот, ќе можеме да ја знаеме точната статистика. Меѓутоа, инциденцата покажува дека сè повеќе и повеќе има тренд на новозаболени, новодијагностицирани од каков било вид малигно заболување. Нашата цел и нашите активности се фокусирани на намалување на морталитетот од ракот и, ако сакаме Македонија да биде дел од Европа, треба да имаме и европско здравство. Раната дијагноза е примарна и овие програми треба да се зајакнат, како вакцинирање со ХПВ вакцината, имплементирање на националните скрининг-програми за ракот на дојка, на грлото на матката и на дебелото црево. Минатата година започнавме акција за борба против меланомот, кој мината година покажа зголемена инциденца. По шест месеци, имаше над 400 нови заболувања, меѓу кои и едно 13-годишно дете. Потребни се навремени прегледи за да се дијагностицира ракот во ран стадиум, каде што успешноста во лекувањето е поголема“, рече Додева.

Министерот за здравство Венко Филипче посочи дека годинава ќе се спроведе централизирана набавка на лекови која ќе опфати и цитостатици што досега не биле на позитивната листа, а целта е да ги има во континуитет за сите пациенти и малигни заболувања, односно нова т.н. имунотерапија. Се работи, како што рече, и на намалување на времето на чекање за прегледи и воведување дополнителни термини за мамографија и ехо на дојка.

„Ги зајакнуваме капацитетите во смисла на поставување регистар за малигни болести, првпат во нашата земја како за пациентите во болница така и за пациенти на ниво на нивното место на живеење. Превенцијата е исклучително важна и во таа смисла почнуваме набавка на осум мамографи за јавни здравствени институции ширум земјата, со што значајно ќе го подобриме капацитетот за мамографија и програмата за превенција на ова заболување. Инвестиравме и во многу нови вакцини, а тоа е вакцината за ХПВ. Во следниот период ќе ја имаме и четиривалентната вакцина со што може да се превенира појава на карцином на грлото на матката“, рече Филипче.

Минатата година била успешна за Клиниката за радиотерапија и онкологија, рече директорот Нино Васев, оти била укината партиципацијата за малигни болни и поради набавката на лекови, која се надева ќе биде двегодишна и ќе нема пауза во примањето терапија која годинава ја зголемиле со над 30 нови лека.

„Достапноста на тие лекови ќе биде континуирана. Имаме нови лекови за рак на бели дробови, на дојка, кои порано биле незамисливи“, истакна Васев.

Директорката на Клиниката за хематологија Ирина Пановска-Ставридис рече дека е важно што бил воведен и нов метод во македонското здравство – несродна трансплантација на матични хематопоетски клетки.

„По потпишувањето на меморандумот за соработка со Детската клиника беа отстранети правните пречки и Клиниката почна да дава услуги на несродна трансплантација и за пациенти помлади од 14 години“, додаде Пановска-Ставридис.

Според Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ), бројот на починати жени од карцином на грло на матка секоја година се зголемува за шест отсто. Подвлекуваат дека во периодот од 2012 до 2016 година од карцином на грло на матка починале 203 жени. Во анализата се посочува дека нискиот опфат на жени со Програмата за скрининг на карцином на грлото на матката се должи на нискиот буџет, недостигот од гинеколози на примарно ниво во Македонија и на малиот број на гинеколози вклучени во реализација на програмата. Укажуваат дека е потребно да се воспостави национална програма за скрининг на ракот на грлото на матката, каде прецизно ќе се дефинираат критериумите и одговорностите на Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување со која ќе се превенира предвремената смрт на жените во Македонија.

„И покрај оваа алармантна состојба, Министерството за здравство издвојува средства и дава можност само 28 отсто од жените на возраст од 24 до 60 години да направат бесплатен ПАП-тест преку Програмата за скрининг на карцином на грлото на матката, а секоја година со оваа програма опфаќа помалку жени од предвидениот број и троши помалку средства од издвоените. Во периодот од 2012 до 2017 година, 56 отсто од жените на возраст од 24 до 60 години не биле поканети да направат бесплатен ПАП-тест со Програмата за скрининг на карцином на грлото на матката, а пак на 72 отсто од жените не им бил направен ПАП-тест преку Програмата во изминатите шест години“, истакнаа од ЕСЕ.

Вероника Мароска-Леова