Лажната надеж ги налути „патриотите“


Дел од обвинетите за „крвавиот четврток“ во Собранието се бранат од слобода со одземен пасош и со обврска да се јавуваат во суд, дел од нив се во куќен притвор, а десетина се во затворот во Шутка. Секоја седмица се на рочишта во Кривичниот суд и до последен момент тврдеа дека лани на 27 април во Собрание ја бранеле татковината. По отворањето на Уставот во Собранието, докажаните патриоти и бранители,  како што се нарекуваат, испратија проглас за национално помирување и подавање рака.

Прогласот се појави во дел од медиумите, но никој јавно не објави кој го испратил, а на него нема потпишан ниту еден од обвинетите. Сепак, по неговото објавување, никој од обвинетите, кои тврдеа дека не сакаат амнестија, туку правда, не ја демантираше содржината на писмото. Нивните адвокати велат дека не знаат дали нивните клиенти стојат зад ова писмо и тврдат дека и тие дознале за него од медиумите.

Во прогласот тие изразуваат поддршка за осумтемина пратеници од опозицијата кои во Собрание гласаа „за“ почнување на уставните измени за реализирање на договорот од Преспа со кој се менува името на земјава, компромис што го направи власта за влез во Европската Унија и НАТО.

„Лажната надеж е најтежок удар врз човековата психа. Изминативе месеци од Мицкоски ни беше ветена гаранција со имотот на партијата – тоа не бидна. Беше ветен предлог-закон за амнестија – не бидна“, пишува во прогласот.

Иако дел од обвинетите досега беа децидни дека се против НАТО и ЕУ, во писмото бараат итен влез на Македонија во НАТО и повикуваат на национално обединување и простување. Од раководството на својата партија ВМРО-ДПМНЕ бараат раководството да се издигне над своите интереси и да застане на чело на националното единство.

„Недвосмислено подаваме рака и го поддржуваме процесот на национално обединување. Простуваме, за да ни простат. Тоа е во духот на христијанството. Повикуваме и на подавање рака на пријателство со Албанците во Македонија и ајде конечно да го направиме тој храбар чекор и да се издигнеме над сопствените индивидуи“, се вели во прогласот.

Лути се и гневни на Мицкоски и повикуваат на разум и смиреност.

„Немојте дечињата на пратениците што гласале да бидат под страв. Тоа се македонски дечиња, тие се наши деца! Немојте тие луѓе што се ваши и наши пратеници да ги омаловажувате. Затоа што силата за обединување и менаџирање беше кај Христијан Мицкоски. Лути сме и гневни Христијане за предавството од тебе и да знаете дека секој директен или индиректен напад врз кој било од 49. наши пратеници ќе го сметаме и за напад врз нас! Спремни сме со жив штит да го браниме секој наш брат во овие историски моменти“, пишува во прогласот.

Писмото завршува со повикот да живее Македонија. Од ВМРО-ДПМНЕ не сакаат да го коментираат прогласот и обвинувањата кон лидерот Мицкоски бидејќи писмото не било потпишано од никого.

„Не коментираме непознати работи“, ни изјави партискиот портпарол Наум Стоилковски.

Судскиот процес продолжува

Денеска, пак, продолжува судењето за настаните од 27 април. Триесет и тројцата обвинети за терористичко загрозување на уставниот период треба да се појават во судница. Откако судот ги испраша сите сведоци предложени од страна на обвинителството, денеска ќе се разгледуваат материјалните докази кои ги обезбедило обвинителството.

Обвинителката, Вилма Рускоска е категорична дека судскиот процес си продолжува според планираната динамика. Изминативе денови кога еден по еден беа ослободувани од притвор обвинетите пратеници, Рускоска изјави дека доколку има амнестија, Обвинителството не може да направи ништо бидејќи тоа би било политичка одлука.

Според извори што се вклучени во судскиот процес, дел од обвинетите биле злоупотребени од полицијата за да ја завршат валканата работа во Собрание, со изговор дека народот го спасува Собранието. Истиот извор вели дека полициската хиерархија и командниот синџир на полицијата бил подреден на партиско полициски функционери од ВМРО-ДПМНЕ и затоа полицијата била онеспособена и не можела да функционира. Во Собранието имало полиција за расчистување на 7.000 луѓе, а за време на упадот во Собрание имало од 3.000 до 3.500 луѓе. Од исказите на сведоците предложени од Обвинителството произлезе дека нападот бил организиран и полицијата не реагирала соодветно. Сепак, обвинение за нарачателите и организаторите на нападот, кога беа тепани пратеници и новинари пред цела македонска јавност, сè уште нема.

Амнестијата може да биде само политичка одлука

Иако власта категорично тврди дека нема да се меша во работата на судството и Обвинителството, сомневањата за некакви политички пазарења за овој случај се појавија кога премиерот Зоран Заев од говорницата во Собранието повика на помирување за настаните од 27 април и кога тројцата пратеници обвинети во овој случај непосредно пред гласањето за уставните измени беа пуштени од куќен притвор и на собраниската седница гласаа за уставните измени. Јавноста сè уште го толкува говорот на премиерот Заев. Еден дел од јавноста и политичките толкувачи и правници во говорот препознаваат можна амнестија.

„Според говорот на премиерот, најверојатно ќе мора да се размисли за амнестија, но притоа да не се влијае на институциите на системот, обвинителството и судството, туку да се оди преку собраниски комисии“, велат правниците.

Според дел од оние што ги контактиравме, за да има помилување, нема потреба да се преквалификува делото, а како пример за тоа нашите соговорници ги споменуваат хашките случаи кои се однесуваа на воени злосторства, а сепак за нив беше донесен закон за амнестија.

„Заев не сака да влијае на судството и самиот спомена дека судската постапка ќе продолжи да си тече, но има право да формира собраниски комисии и тоа да се реши со политичка одлука“, велат соговорниците. Според други правници, пак, судскиот процес ќе биде долг и засега нема никакви најави за некакво помилување и амнестија.

Европскиот совет во својот последен извештај одговорноста за крвавиот упад во Собрание ја наведе како еден од условите за добивање на датум за почеток на преговори.

Фросина Факова – Серафиновиќ