Лагите на Ванковска во отвореното писмо


Ѓорѓи Спасов

Во отворено писмо објавено во „Нова Македонија“  Билјана Ванковска навела дузина научници и автори што се потпишале врз големи лаги во врска со договорот помеѓу Македонија и Грција.

Не е јасно дали тие долупотпишаните навистина ја прочитале и ја разбрале содржината на тоа кусо писание, кое личи на некаков „апел за спас на Македонија“ или е нешто друго во прашање.

Прва лага: Велат – договорот се обидува да дефинира политички, историски и културни граници помеѓу античка Македонија и она што треба да биде „Северна Македонија“. Конструкцијата на идентитетите на е работа на владите.

Тие очигледно сметаат дека не постојат граници – политички, историски и културни – меѓу античка Македонија и денешната Република Македонија и дека можеби затоа Груевски со право 11 години си правеше политичка конструкција на современиот македонски национален идентитет облекувајќи го во античко руво. А токму таа владина политичка конструкција на македонскиот национален идентитет доведе до стравувања на Грција од можни територијални претензии, но и од присвојување, па и монополизирање на античката историја од страна на Република Македонија. Тој обид од претходната власт за конструирање на вештачки идентитет на нацијата доведе до изложување на потсмев на Република Македонија во научната и меѓународната јавност и до заострување на односите помеѓу Македонија и Грција. Доведе до преименувањата на улиците и јавните објекти за да се нагласи античкиот карактер на современата македонска нација, до изградба на монументални споменици, до снимање на низа документарни филмови со цел политички да се инструментализира историјата во која Македонците ги победиле Грците и до фолклорни изливи: „Не сме Срби, Бугари ни Грци – туку сме деца на Александар, царот македонски“ и навивачки химни од типот „Рацете горе – наше ќе биде и Солунското Поле“.

Таа политика на претходната власт во Македонија ја наложи потребата во договорот јасно да се разграничи на што се однесува зборот Македонци и придавката македонски, кога ние ги употребуваме и ќе ги употребуваме и она кога го употребуваат Грците. Тоа не е конструирање нови идентитети од страна на една влада, туку нужни појаснувања за да се избегнат недоразбирањата и да се живее во мир и со заемно почитување.

Втора лага: Се тврди дека Македонија е подложена на арбитрарен меѓународен инженеринг против волјата на нејзиниот народ. Принудена е на компромис за да ја натера Македонија во НАТО.

Оваа глупост може да ја каже Ванковска, која НАТО го смета за злосторничко здружување на кое не треба да му се приклучува Македонија. Но чудно е за сите други потпишани досега на тоа писмо да се согласат со тврдењето дека Македонија е принудена на компромис со цел да биде натерана да стане членка на НАТО. Членството во НАТО е слободен избор на сите политички партии во Македонија од нејзината независност до денес. Тоа го имаат запишано сите парламентарни партии во своите програми како стратегиска цел на Македонија. И за тоа се донесени многубројни резолуции од сите состави на Собранието на Македонија. Оттука, тврдењето дека некој ја принудува Македонија да стане членка на НАТО не се разликува од конспиративните теории според кои „некои мрачни сили и странски служби со жолти комбиња работата против интересите на Македонија“.

Од друга страна, да се тврди дека под притисок на меѓународни сили Македонија потпишала договор со Грција и дека тој ќе стапи во сили против волјата на македонскиот народ е исто голема лага. Договорот го потпишаа легално избраните влади на Македонија и на Грција. Македонското Собрание го ратификуваше. Сега е во тек подготовка на референдум на кој секој граѓанин, и македонскиот народ во целина, има можност да каже дали го прифаќа тој договор. А ако мнозинството се изјасни за поддршка на договорот, тогаш Собранието, почитувајќи ја волјата на граѓаните и на македонскиот народ, ќе пристапи кон промена на уставот. Ако е ова процес против волјата на македонскиот народ, тој народ има можност да го отфрли договорот на референдум и не му се потребни Ванковска и слични да му објаснуваат дека ова е дел од меѓународен заговор против неговата волја.

Лага број три. Во писанието се тврди: „Договорот е негација на уставниот суверенитет на Република Македонија. Со тоа што последниот збор им е даден на пратениците на странска држава (Грција)“.

Уставот на Македонија може да биде сменет само од страна на Собранието на Македонија, со двотретинско мнозинство и тоа според јасно утврдена процедура. Ова им е јасно и на најнеписмените. Оттука, ако не сакаме да го менуваме уставот или немаме политичка волја или интерес за тоа, никој друг не може да не принуди на такво нешто. Треба само да кажеме – не сме заинтересирани за членство во ЕУ и во НАТО. Не сме заинтересирани да биде сменета привремената референца поранешна југословенска република Македонија, под која сме примени како членка на ОН и не треба ништо да менуваме. Грција може и да не е заинтересирана да се реши овој проблем. Таа разговараше и се обликува предлог со посредство на Обединетите нации за тоа како да излеземе од кризата во меѓусебните односи. Лага е дека таа го има последниот збор. За сè се прашуваме ние и носиме одлука за тоа во која насока сакаме да се развива нашата земја.

Лага број четири. Ова е најголемата и најбесрамната лага. Во писанието се тврди дека атрибутот македонски ќе биде избришан од сите службени документи и од јавна употреба под закана на орвелски санкции.

Во текстот на јавно објавениот договор, за кој веќе се води јавна дебата, јасно стои дека јазикот е „македонски“, националоста „македонска“, а двете страни ќе имаат право да ја употребуваат придавката „македонски“ за означување на она што го сметаат за македонско во етничка, културна, историска смисла или како трговска марка. На нашите патни исправи ќе стои државјанство, националност, македонско.

Клучното противење на договорот од страна на грчката опозиција е токму во тоа што го тврди Киријакос Мицотакис дека со договорот им го дадовме јазикот да биде македонски и националноста македонска.

Во отвореното писмо, потпишано од над 70 домашни и странски научници и автори, секако има и други глупости и небулози како: „НАТО е во идентитетска криза“, дека договорот не гарантира траен мир и слично. Неговите автори веројатно ќе имаат можност да го запознаат НАТО лично со неговата идентитетска криза и да му објаснат дека тоа е „арбитрарен конструкт“ на некои влади од земјите што ја формирале таа организација и дека без тие лично да го подржат договорот ќе нема траен мир во Македонија.

Чуди што зад еден ваков полуписмен апел се нашле и имињата и на луѓе од други земји чии имиња се за почитување. Не е чудно што него го потпишале Солза Грчева, Димитар Апасиев и други, кои во последно време потпишуваат сè што е против власта во Македонија. Но ме чуди противењето на договорот да биде подржано со ваков куп лаги и од личности како Венко Андоновски, Дарко Митревски, Гордана Силјановска, Митко Маџунков, Јордан Плевнеш, Јован Донев, Катица Ќулавкова, Раде Силјан, па и Блаже Ристевски. Имав повисоко мислење за нив и сметав доколку нивното име врз еден ваков текст не е ставено без нивно знаење, дека знаат добро да читаат што потпишале. Очекувам секако писмото да го потпишат и научници како д-р Јанко Бачев, д-р Драган Павловиќ – Латас, д-р Никола Груевски и многу други корифеи на македонската академија и наука. И се надевам дека Милан Кундера ќе разбере во какво друштво го ставиле.