Кризата на среќата


Анета Димовска

Можеби се должи на времево (предолго сме во смогови, магли, дожд), можеби на неизвесната политичка состојба во која се наоѓа татковината, можеби на мојата лична перцепција, ама мислам дека ние сме во криза, криза на среќа.

Пешаци по тротоарите со главата надолу, гледаат право пред себе да не случајно го вкрстат погледот со некој кого ќе треба да го поздрават и да застанат да поразговараат. Луѓе со празни погледи во автобусите кои се пробиваат низ сообраќајниот метеж до наредната автобуска станица за да се качат уште такви лица со празни погледи. Возачи кои во првиот дел од секундата свират ако не тргнеш на зелено, а да се обидеш да се вметнеш во друга лента затоа што треба да свртиш, ќе си почекаш подолго, иако уредно имаш дадено трепкач. Не е сè до воспитувањето и културата, туку епидемија на апатија нè има зафатено.

Пред повеќе од 2.300 години Аристотел во „Никомахова етика“, едно од неговите највлијателни дела, ја претставува теоријата на среќа која е сè уште релевантна и денес. Клучното прашање на кое тој се обидува да одговори во ова дело е „Која е крајната цел на човековото постоење?“.

Тој „трага“ по главното добро кон кое треба да се стреми човештвото. И тогаш, како и денес, луѓето барале задоволство, богатство, добра репутација и чест. Според Аристотел, секое од овие добра има одредена вредност, но ниту едно од нив не е финална цел. Сите други добра се средство за постигнување среќа, додека таа – среќата, секогаш е цел сама по себе, никогаш заради нешто друго, што ја прави добро над сите добра и цел практично на сè. Понатаму, Аристотел посочува дека за среќата на луѓето потребни се работи како: здравје, здрави деца, храна, дом и слобода, како и тоа дека истата се постигнува со одредени средства, односно со помош на пријатели, богатство и држава. Тој ја наименува среќата како доблест на душата и вели дека како што лекарот мора да го познава човековото тело, така политичарот треба да ја познава човековата душа и затоа мора да ја проучува.

Низ историјата среќата како врвна цел на човековото постоење многу проминентни интелектуалци, филозофи и политички лидери ја вградувале во нивната работа.

Во економската наука постојат одредени обиди за третирање на среќата во смисла на идентификување на детерминантите кои ја дефинираат, обиди за нејзино квантифицирање на индивидуално и национално ниво и давање на теоретски објаснувања, кои најчесто покрај економија вклучуваат и многу елементи на психологија, здравје и социологија, а кои понатаму треба да се основа за креирање на политики со цел постигнување на благосостојба. Така веќе постојат обиди за дефинирање на индикатори како Бруто-домашна среќа (GDH), Бруто-национална среќа (GNH) и други, а значајно е и вниманието кое областа го добива од организации како ОЕЦД, Организацијата на обединети нации и др., но и од одредени политички лидери кои веројатно ја разбрале пораката на Аристотел, дека мора да ја проучат душата на народот.

Така, по поранешниот крал на Бутан, кој во 1972 година го воведува индексот Бруто-национална среќа (GNH), францускиот претседател Николас Саркози незадоволен од тоа дека податоците и индикаторите кои се на располагање за економијата и општеството не даваат соодветно објаснување на состојбите, во 2008 година нарача подготовка на извештај од тројца истакнати економисти: Џозеф Стиглиц, Амартаја Сен и Жан-Пол Фитуси. Со овој извештај требаше да се надминат ограниченостите на индикаторите кои го мерат исклучиво економското производство, па се вклучува и благосостојбата на луѓето, преку одредени индикатори за здравјето, образованието, личните активности и работата, политичкиот глас и власта, социјалните врски и односи, животната средина и несигурноста од економска и физичка природа.

Група економисти со поддршка на Организацијата на обединетите нации во април 2012 година го објави првиот Светски извештај за среќата (World Happiness Report) кој, покрај на БДП по глава на жител, се потпира и на дополнителни варијабли како: години од животниот век што се минуваат во здравје, социјална поддршка (измерена преку прашањето: „Доколку сте во неволја, дали имате роднини или пријатели, на чија помош може да сметате?“), довербата во системот (измерена преку перцепцијата на корупција во владата и бизнисот), слободата во донесувањето на животни одлуки, како и дарежливоста (измерена преку износот на донации во претходен период за добротворни цели).

Според последниот Светски извештај на среќата 2017, кој се однесува на периодот 2014-2016 година, најсреќни се граѓаните на Норвешка, Данска, Исланд, Швајцарија и Финска.

Македонија се наоѓа на 92. место во светот (од 155 држави) и според овој извештај македонските граѓани се помалку среќни од речиси сите земји во регионот. Ние сме помалку среќни од граѓаните на Босна и Херцеговина (која се наоѓа на 90. место), Грција (87), Црна Гора (83), Косово (78), Хрватска (77), Србија (73), Турција (69) и Словенија (62). Интересно е тоа што само граѓаните на Бугарија (која е рангирана на 105. место) и на Албанија (109) се помалку среќни од македонските граѓани.

Според резултатите од овој извештај, мојот впечаток дека сме во криза на среќата е точен, а тоа ги прави помалку вредни нашите животи, бидејќи не ја остваруваме целта над сите цели. Ова првенствено треба да го разберат политичарите и освен за традиционално мерливите вредности како БДП, просечна плата, вработеност, невработеност и други, треба да се грижат и среќата на луѓето. Дополнително, затоа што среќните луѓе се поздрави, попродуктивни и поотпорни на шоковите од општествена и економска природа.

Ако тргнеме од варијаблите што се земаат предвид при рангирањето на земјите според среќата, веројатно годинава ќе бидеме уште полошо рангирани, заради стагнацијата на БДП по глава на жител, состојбите во здравството кои не се подобруваат, присутната корупција, поради тоа што ќе има помалку роднини и пријатели на кои може да се смета во тешки моменти, бидејќи луѓето се иселуваат…
Посакувам да грешам… Сигурна сум дека со пролетта ќе дојде и сонцето, па може нема да ми изгледа толку длабока кризата на среќата во Македонија.
Дотогаш и понатаму „педесетка“ ќе собира луѓе со празни погледи од старо-новата автобуска во ГТЦ, а возачите ќе продолжат нервозно да се движат по улиците, па дури и кога возат по новоименуваниот автопат „Пријателство“.