Кој му помогна на Груевски да избега


Ерол Ризаов

Потерницата по поранешниот премиер Никола Груевски, кој цела деценија беше неприкосновен владетел на Македонија, е голем срам нанесен на државата и на граѓаните, тежок смртоносен удар врз партијата ВМРО-ДПМНЕ. Груевски се бара како избеган осуденик да ја отслужи казната и да се соочи со правдата за повеќе други тешки кривични дела направени за време на извршување на функцијата претседател на владата. Тие што му помогнале да избега надвор од земјата се сторители на кривични дела за кои се предвидени повеќегодишни затворски казни. Особено е тешко делото ако зад бегството на Груевски има службени лица, судии и полицајци, задолжени да го држат под надзор осуденикот. Сите што на кој било начин му помагале да избега, треба да се соочат со законот и со затворска казна. Ако тоа не се случи, Македонија ќе биде означена на светската мапа како држава без минимален правен и државнички капацитет.

Судиите и судските инстанции кои направија погрешна проценка за опасноста од бегство и со тоа се ставиле во улога на попречувачи на извршување на казната на Груевски, сносат голема одговорност за ново деградирање на правосудниот систем, но и за нарушување на угледот на земјата. Моралната одговорност на повеќе надлежни институции и одговорни функционери е неизбежна ако Владата уште стои на определбата за реформи на правосудниот систем, за инсталирање на владеење на правото. За голем број пропусти во судските постапки кои се во тек и се од исклучително значење за стекнување доверба во судството и за воспоставување на владеење на правото, треба да паднат повеќе оставки и разрешувања од функции бидејќи бегствата во Македонија од правдата станаа лесна работа, а безбедносниот систем за некои осуденици и обвинети во судска постапка е со повеќе дупки од швајцарско сирење. Приказните дека зад бегството на Груевски стојат премиерот Заев и Владата, дека гавран на гавран не му ги вади очите, тазе пуштени во оптек, мора пред јавноста да бидат разјаснети не со зборови и оправдувања чии надлежности до каде досегаат, туку се конкретни постапки кои ќе го отстранат секој сомнеж за ваков налудничав и самоубиствен чин на актуелната власт.

Бегството на Никола Груевски е случај без преседан во македонската историја кога станува збор за премиер на држава. Големиот патриот, кој велеше дека татковината му е над сè, соочен со правдата, Македонија му дојде под сè. Помалку важна од неговиот задник. Кукавички избега оставајќи ги јатаците и соработниците кои ги извршуваа неговите наредби и за што веќе некои од нив „храбро“, затскривајќи го главниот виновник, се соочени со изречени повеќегодишни затворски казни. Груевски ги остави и нив и партијата на цедило спасувајќи ја својата кожа. Додека траат постапките за негова екстрадиција, ако е во странство, судовите ќе можат да работат судејќи му во отсуство, конфискувајќи му го имотот дома и во странство. Добивањето политички азил нема да ги попречи судските постапки во македонските судови кои по неговото бегство нема да бидат повеќе одолговлекувани со формалности и адвокатски трикови.

Сепак, најмногу изненадува односот кон Никола Груевски на неговата матична партија, на неговиот наследник Христијан Мицкоски, поточно на комплетната постава што тој ја донесе на партискиот врв. А не помалку изненадувачка е и натамошната поданичка сервилност и на најблиски соработници кои сè уште ги спроведуваат неговите наредби и кои од поодамна ги разреши од нивните функции. Во новиот партиски врв предводени од Мицкоски упорно градат од Груевски култ на личноста. Прават гигант од ќерпич, жртва и страдалник, голем јунак прогонет од ненародна власт и режим. Груевски го прогласуваат за најголем патриот и најчесен политичар кој ги постигнал најголемите успеси во историјата на независна Македонија. Јатаците пред телевизиски камери јавно го номинираат осуденикот за месија и икона, и само прашање на време е кога пак ќе се врати на власт.

Ако и ова можат граѓаните на Македонија да го проголтаат како вистина и од кукавица во бегство да направат мит, од осуденик и тиран да направат спасител и маченик во прогонство, кој се жртвувал за татковината, тогаш неминовен е крајот со распаѓање на државата. Доколку таа опасност од градење легендарен јунак не ја согледуваат сегашните власти кои ги имаат сите механизми за управување со земјата, а возат како недообучени возачи со „L“ таблички на чело, строго според прописите и го кочат сообраќајот, заслужуваат и тие и ние во блиска иднина да се врати Груевски во Скопје на бел коњ и да го земе повторно стапот во раце. Има една ужасна народна изрека која ни е срам и непријатно да ја кажуваме јавно, ама по сè изгледа не е без причина кажана: за овој народ мајката му е само камшик.