Конгрес во Солун


Александар Кржаловски

Добро, не беше баш „конгрес“, но минатата недела организацијата што ја раководам – Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) одржа седница на Управниот одбор во Солун. Но, да, една од инспирациите за ова да се случи потекнува од познатата изјава од почетокот на деведесеттите на тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, дека некој од следните конгреси на партијата ќе се одржи во Солун. Па, додека тоа да се случи, на некој начин ние го исполнивме тој завет, или да го цитирам професорот (и тогашен министер) Љубомир Фрчкоски од крајот на мандатот на првата политичка Влада на независна Македонија во 1994 година, кога рече „СДСМ во овој мандат (1992 – 1994) ја исполни програмата на ВМРО-ДПМНЕ од изборите во 1990 година“.

Втората инспирација за вакво нешто беше пред 15-ина години кога прочитав некаде дека една од водечките партии во Австрија го одржала својот конгрес во – Словенија. Една од главните причини за тоа била прилично едноставна – во Словенија им било поевтино! Но за мене тоа беше разбивање на еден стереотип, дека нема ништо страшно во идејата политичка партија да држи конгрес во друга држава.

Секако, не е исто една од водечките партии во Македонија да одржи конгрес во Грција (или во Бугарија или во друга држава… или уште подобро, некоја од грчките партии тоа да го направи во Македонија) и МЦМС да направи своја седница таму, но верувам ќе биде и тоа во не толку далечна иднина. Впрочем, пробување на нови работи, давање пример, или со други зборови „пробивање на мразот“, е една од основните функции на граѓанските организации како што е и МЦМС, која и во својата мисија има запишано „да поттикнува и предводи промени“. Патем, за МЦМС ова и не беше преседан – пред неколку години, во рамките на една студиска посета, одржавме седница на Управниот одбор и во Италија.

Се разбира, поголема причина за да се упатиме кон Солун и тоа токму сега (пред да се смени името) беа и актуелната политичка ситуација и разврската на Преспанскиот договор по ратификацијата во грчкиот парламент, односно лично доживување на атмосферата во тамошните академски и други кругови, како и согледување на можностите за соработка, сега кога парадигмата е сменета. Па така, покрај самата наша седница, имавме и средби со неколку претставници од Универзитетот „Македонија“ во Солун и од општинската администрација.

Мора да истакнам дека на сите средби бевме дочекани срдечно, со почит и видлива желба за соработка. Секако, соговорниците во најголем дел (ако не и сите) беа од полибералните кругови во Грција, со позитивен однос кон потребата од соработка меѓу соседните земји и со отворена поддршка на Преспанскиот договор (иако знаат дека јас лично бев критичен кон договорот и гласав против на референдумот), а некои од нив поради тоа добивале и закани по својот живот.

Од друга страна, сепак се чувствуваше и тензијата на моментот и внимателноста при обраќањата, „да не се згреши нешто“ или при шегите за разбивање на таа тензија, случајно да не се навреди соговорникот или да се повредат нечии чувства. На еден од состаноците, на пример, ни беше укажано дека за подобра соработка би било добро, во духот на договорот да го промениме и името на организацијата, во „Северномакедонски центар…“. Моето разбирање на договорот, пак, поради тоа што немаме (засега) државно финансирање на нашата организација, ниту пак државата ни е основач – нема никаква обврска (а најмалку па потреба) да го направиме тоа. И дека употребата на придавката „македонски“ е неoспорна, односно утврдена во договорот како дозволена (за двете страни и особено за „недржавните“ субјекти).

Понатаму, неколку дена по посетата, прочитав фејсбук-статус на еден од нашите домаќини во кој се вели дека „не знам дали Грците разбираат колку голема работа направија нашите северни соседи, кои се согласија ние (Грците) да учествуваме во преобликувањето на нивниот идентитет… и ние треба да им помогнеме во тоа“. Јас пак мислев (и уште мислам) дека целата борба на Владата за Преспанскиот договор беше да се зачува идентитетот.

Но, сето ова укажува дека ќе имаме долг пат да изодиме за да се (до)разбереме со нашите јужни соседи. И тие да ги разберат нашите поимања на работите, стравовите и фрустрациите, а и ние нивните. Допрва ни претстои отворање на сите тие дискусии и прашања, и за доживувањата на своите идентитети, и за толкувањата на историјата и културното наследство, и за начините на нормална комуникација и соработка без баластот на спорот за името.

По сè што поминавме ние со ова прашање низ изминатите три децении и особено во последнава година, верувам дека со Преспанскиот договор во Грција допрва ќе се отвораат нивните расправи за не така далечното минато, кои премиерот Ципрас само ги начна на парламентарната дебата за ратификацијата на договорот, со споменувањето на Мирка Гинова и бегалците од Граѓанската војна во Грција пред 70 години. И да, и ние треба да им помогнеме во таа нивна (и/или заедничка) дискусија, зашто (барем според мене) во тоа е основата за досегашниот однос на грчката држава кон нас, името беше само параван за да не се навлегува подлабоко во суштината на тој однос.

Во таа смисла, може ќе е на арно за таа расправа што постои Преспанскиот договор. Или да го свртиме тоа наопаку – кога веќе го имаме договорот и стапува во сила деновиве, да го искористиме и за сите овие меѓусебни дебати со Грција, во функција на мерки за градење доверба меѓу нас. Успех во тој (претпоставувам долгогодишен) процес ќе биде кога никому ни кај нас ни кај нив нема да му биде чудно ако ВМРО одржи некој од своите следни конгреси во Солун. Додуша, дотогаш, веројатно ќе треба да го реферираме како „конгресот во Тесалоники“.