Комисијата со Бугарија не е орган за цензура


Формираната заедничка комисија за историски прашања меѓу Македонија и Бугарија нема за цел цензура на историјата, туку да го следи искуството на другите европски земји во надминување на ваквите симболички конфликти, како што се германско-францускиот, германско-полскиот, француско-италијанскиот, словенечко-италијанскиот и многу други примери, оценуваат историчарите Петар Тодоров и Дарко Стојанов во заедничкиот текст за проектот „Республика“.

– Македонија и Бугарија нема првпат да разговараат за минатото. Некогаш тоа се правело од страна на самите политичари и честопати се воделе апсурдни материјални расправи во кои тие меѓу себе си докажувале „чиј бил“ Самуил, „чии биле“ Кирил и Методиј и слично, што и денес се среќаваат во политичкиот, интелектуалниот и медиумскиот говор. За разлика од овие разговори, Бугарија и Грција сега првпат ќе се обидат преку комисии за историски и образовни прашања да ги релаксираат политичките односи со префрлање на дебатите за минатото од политичко на академско ниво и, уште поважно, да се обидат да ги лоцираат толкувањата во учебниците по историја во двете држави кои можат да предизвикаат конфликт, омраза или недоразбирања“, оценуваат тие.
Според нив, комисиите воопшто не работат на ревидирање на историографијата или, пак, на давање насоки како историчарите да го толкуваат минатото.
– Едноставно, тие не се орган за цензура. Комисиите ниту го работеле тоа ниту, пак, имаат таков мандат и желба. За среќа, тоа и не е можно во општества кои се декларираат како демократски. Оттаму, критиките дека комисијата ќе пишува „нова историја“ се засновани на непознавање на богатата меѓународна пракса на комисиска соработка или, пак, на намерно извртување на работите со цел да се разгоруваат емоциите на граѓаните. На пример, за договорот со Бугарија, во некои медиуми во Македонија критиките се состоеја главно во тоа дека Македонија „се откажува“ од својата историја, дека други „ќе ни ја пишуваат“ историјата, дека целата историја ќе се менува или дека ќе биде забрането да се пишува за окупацијата на бугарската армија во 1941 година, и слично. Интересно е и тоа што слични критики се среќаваат и во Бугарија и Грција, каде членовите на комисиите се нападнати дека ќе ја „продадат“ историјата – оценуваат двајцата историчари.
Тододов и Стојанов укажуваат исто така дека како и сите досегашни комисии, така и оние со Бугарија и со Грција се формираат на паритетна основа и се однесуваат на анализа на учебниците на двете, а не само на едната страна. Освен тоа, комисиите првпат даваат можност во учебниците во Грција и Бугарија да пишува и за историјата на Македонците, а не како досега тие воопшто да не се споменуваат. (Н.В.)