Колективна амнестија не е опција. Ќе има ли пратеници да отворат „врата“ за Уставот?


Пратениците што вечерта на 27 април минатата година им ги отворија вратите на Собранието на протестантите сега се „осомничени“ како можни гласачи на владиниот предлог за пристапување кон уставни измени. Таков впечаток се создаде вчера откако на маса во судот се најдоа барањата за ослободување од домашен притвор на тројца од вкупно петмина пратеници опфатени со процесот што се води за „крвавиот четврток“. Од друга страна, пак, пуштањето на пратениците да се бранат од слобода се толкува како сигнал дека донесување закон за амнестија за настаните на 27 април не е опција за обезбедување на потребното двотретинско мнозинство во парламентот за донесување на уставните измени.

Според соговорници од пратеничките групи на мнозинството и од владата, досега воопшто не е разговарано, преговарано, ниту, пак, е разгледувана опција за донесување закон за амнестија, иако во таа насока беше протолкуван говорот на премиерот Зоран Заев на почетокот на собраниската седница за пристапување кон уставни измени. Обраќањето на Заев, како што наведуваат наши соговорници, пред сè претставувало политичка порака за помирување до пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, посебно до оние кои се обвинети за 27 април – да се охрабрат да гласаат за пристапување кон уставни измени во име на поголемата цел – членството на Македонија во НАТО и во ЕУ.

Нема информации дали петтемина пратеници што се обвинети за „крвавиот четврток“ во парламентот биле опфатени со поединечните консултации што владејачки функционери ги имаа во изминатите денови со парламентарци од опозициските редови, а откако врвот на ВМРО-ДПМНЕ го забетонира ставот „против“ уставните измени. Сепак, веќе денеска во парламентот би можел да се појави пратеникот Сашо Василевски, еден од обвинетите за терористичко загрозување на уставниот поредок, кој вчера – ден по обраќањето на Заев – беше ослободен од куќен притвор. Во наредните денови, ваква одлука на Апелацискиот суд очекуваат и другите двајца пратеници кои се сè уште во домашен притвор – Љубен Арнаудов и Крсто Мукоски – за кои се посочуваше дека им ја отвориле вратата на протестантите за да влезат во Собранието на 27 април 2017 година. Доколку бидат пуштени да се бранат од слобода, и тие би можеле веднаш да се вратат на работните места во законодавниот дом, каде што веќе подолго време доаѓаат другите двајца обвинети пратеници – Јохан Тарчуловски и Љупчо Димовски од СПМ.

Тоа што комплетирањето на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се совпадна со седницата за уставните измени и повикот на Заев за „простување и помирување“, сепак, не е гаранција дека петтемина пратеници или барем неколкумина од нив ќе стиснат „зелено копче“ за уставни промени. Како што и ослободувањето на сите петмина пратеници од притвор не значи засега прекинување на политичкиот прогон против нив, затоа што процесот за 27 април продолжува засега против сите обвинети. Само што е непознато дали исходот ќе биде сличен за сите кои се обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок – кривично дело за кое е предвидена казна од над 10 години затвор.

Од друга страна, (можното) ослободување на последните тројца пратеници од домашен притвор е знак дека, веројатно, нема да се носи закон за амнестија за 27 април. Амнестијата како правен институт подразбира колективно ослободување од кривично гонење или од извршување казна на одредена категорија лица. Во случајов, тоа би значело донесување закон со кој би биле опфатени и другите околу 25-мина обвинети во големиот процес што се води за „крвавиот четврток“, како и обвинетите и веќе осудените во издвоените предмети за нападите што се случија таа вечер врз заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска и врз претседателот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села.

По обраќањето на Заев во парламентот, Села испрати порака дека премиерот не е над институциите и правдата.

„Тој е избран за премиер на државата, а не за цар“, напиша Села.

За разлика од Села, Шекеринска изјави вчера дека правдата и помилувањето не се исклучиви, туку се надополнуваат.

„Пораката што ја испрати премиерот беше токму во таа насока – дека на оваа држава ѝ е неопходна правда. Мислам дека премиерот беше многу јасен. Влеговме во оваа операција – не за да успееме како личности и како партии, туку за да успее нашата држава“, изјави Шекеринска.

По првичните пораки дека бараат правда, а не амнестија, иако своевремено најавуваа дека ќе подготват и закон за амнестија за обвинетите за 27 април, од ВМРО-ДПМНЕ во текот на вчерашниот ден се воздржуваа од коментари околу повикот на Заев за „помирување и простување“, како и во врска со одлуката за ослободување од притвор на пратеникот Василевски. Единствено, партискиот лидер Христијан Мицкоски, иако не е пратеник, дојде до идеја да се обрати пред парламентот, ама спикерот Талат Џафери експресно го одби неговото писмено барање.

Кој може да даде амнестија?

Според Уставот, амнестија дава Собранието. Во македонскиот парламент, во изминатите децении, во повеќе наврати се носени закони за амнестија, како, на пример, за воените обврзници кои избегнале служба во АРМ, пред професионализацијата на армијата или за ослободување на политички затвореници – кога од кривична одговорност беа ослободени поранешните градоначалници на Тетово и на Гостивар – Алајдин Демири и Руфи Османи. Една од најмасовните, сепак, беше амнестијата за воениот конфликт во 2001 година, која се однесуваше, главно, на припадниците на парамилитантната ОНА. Таканаречената амнестија за хашките случаи, во време на коалицирањето на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, пак, беше направена по заобиколен пат, односно преку автентично толкување во парламентот на законот за оваа проблематика.

Можно е да се гласа в петок

ВМРО-ДПМНЕ се обидува во парламентот да ја скарти расправата за владиниот предлог за пристапување кон уставни измени. Дел од опозициските пратеници што беа пријавени за расправа вчера се повлекле од намерата да дискутираат за единствената точка на дневниот ред на тековната седница. Исто така, од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ побараа вчерашното продолжение на седницата да трае и по 18 часот. Но, спикерот Талат Цафери го одби предлогот, посочувајќи дека негова надлежност како претседател на парламентот е да процени до кога треба да трае седницата.

На списокот за расправа, според последните информации од вчера доцна попладне,  останале само уште неколкумина од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Затоа, пак, подолга е листата на пратеници од мнозинството, од каде што излегуваат со проценки дека, независно од повлекувањето на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, епилог на расправата би можел да се очекува кон крајот на оваа седмица. Односно во петок, по што би се преминало на гласање.

Првично, за дискусија за предлогот за „отворање“ на Уставот беа пријавени близу 70 пратеници.

Пленарната расправа за уставните измени во оваа фаза може да трае намногу десет дена, при што пратениците може да дискутираат најдолго по 20 минути, не сметајќи ги репликте и контрарепликите. Овој пат, проценките се дека ќе биде искористено само половина од времето дозволено за пленарна расправа во првата фаза од евентуалните уставни измени.

За пристапување кон промена на уставот, се потребни 80 гласови. Доколку деновиве се обезбеди двотретинско мнозинство, тоа ќе значи продолжување на постапкаат за уставни измени. Во спротивно, ќе треба да се бараат други опции за понатамошно спроведување на договорот  од Преспа.

Александра М. Митевска

Фото: Б. Грданоски