Караџовски и Дескоска не сакаат да се видат


Клучните луѓе во правосудството кои треба до јуни идната година суштински да го подобрат судството – претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски кој има централна улога во коригирањето на состојбите во однос на одговорноста на судиите и министерката за правда, Рената Дескоска, која ги води законските измени за реформите во судството – никако не можат да договорат средба.

Караџовски три недели ја чека Дескоска да дојде во Судскиот совет да се видат, а министерката пак ќе му закаже нова средба во Министерството за правда откако ја откажал претходно закажаната.

Караџовски вчера се пожали дека Дескоска не сака да се сретне со него, откако во јуни стана министерка за правда и го замени Билен Салији.

„Откако Дескоска беше избрана за нов министер за правда, ја канам да дојде во Судскиот совет бидејќи е член по функција. Начелно, поканата за средба е прифатена, меѓутоа трета недела чекам да се појави. Се обратив и писмено дека треба неодложно да разговараме за повеќе состојби, не само за Стратегијата за реформи во правосудниот сектор, туку и за многу други актуелни состојби во кои се наоѓаат судовите и целото судство во Македонија. Меѓутоа, со оглед на тоа што досега нема одговорено на повикот, очигледно има други поприоритетни работи“, изјави Караџовски.

Од Министерството за правда, пак, велат дека Караџовски бил поканет на средба со министерката уште во првата недела од нејзиниот мандат. Му бил одреден и термин, но Караџовски ја откажал средбата.

Завчера претседателот на Судскиот совет испратил писмено барање за средба со министерката. Од таму веднаш му било одговорено и дополнително ќе му биде одреден нов термин за средба во Министерството.

„Од Караџовски се очекува да не измислува причини за својата неактивност бидејќи сите институции треба да бидат свесни за својата одговорност во процесот на евроинтеграција. Во тој процес очекуваме и Судскиот совет да пристапи одговорно во исполнувањето на своите обврски“, велат од Министерството за правда.

Караџовски вчера обвини дека Судскиот совет воопшто не е информиран и вклучен во законските измени што се најавени во Законот за судови, Законот за Судски совет и Законот за Академија на судии и јавни обвинители.

„Жалам поради тоа и сметам дека е потребно да има поголема инклузивност од наша страна, бидејќи сме директно заинтересирани и директно го практикуваме работењето со тие закони, особено Законот за Судски совет и Законот за судови“, вели Караџовски.

Тој уште претходно побарал од Министерството за правда што поскоро да се направи окрупнување на помалите судови бидејќи има судови кои остануваат со по еден судија, но заменик министерот за правда, Оливер Ристовски, му рекол дека тоа ќе се спроведе идната година или во 2020 година, а тоа за него е доцна.

„Според мене, со ваквиот начин на функционирање и на Министерството и на судовите со овие средства и кадровски ресурси што ги имаме, тоа е доцна и затоа апелирам тоа да се направи порано. Бевте сведоци на тоа на кој начин мора да пополнуваме, да делегираме судии од еден суд во друг, бидејќи остануваме со судови што остануваат со еден судија“, рече Караџоски.

Караџовски бара решение и за недостатокот на судии, бидејќи сите завршени кандидати од Академијата на судии и јавни обвинители се избрани и нема нови кадри. Следната генерација завршува кон крајот на првата половина од следната година.

„Уште еднаш апелирам тоа итно да се решава. Знам дека се работи за Закон за судови кој се донесува со двотретинско мнозинство, но убеден сум дека сите реформи кон кои се стремат судството и државата, а кои и ние ги поддржуваме, се во интерес на целиот скрининг процес кој го врши Европската комисија врз судството и другите државни органи“, вели Караџовски.

Вчера добиле известување дека во Македонија ќе дојдат претставници од Венецијанската комисија кои ќе го посетат Судскиот совет за мислење за досега донесените измени на Законот за судови и Законот за Судски совет и за идните измени.

„Ние не сме информирани, немаме добиено материјали, немаме членови во работни групи, мислам дека тоа е недостаток, бидејќи ние би можеле само да придонесеме за поквалитетни решенија во интерес на сите“, вели Караџовски.

Министерството за правда, пак, ги демантира овие тврдења. Од таму велат дека со решение на претходниот министер, формирана е работна група за реформи во која учествуваат судии и обвинители, како и лица што се вработени во Судскиот совет.

И покрај тоа што во „бомбите“ се слушнаа многу имиња на судии и можеше да се заклучи дека минатата власт учествувала во носењето судски одлуки, досега Судскиот совет нема разрешено ниту еден судија. Караџовски негира дека во „бомбите“ имало некакви индиции за разрешување на судиите. Судскиот совет сè уште не е стигнат до точка на гласање за утврдување на одговорност за сегашниот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски и другите четворица судии кои донесоа одлука да го ослободат Сеад Кочан.

„Комисиите ја работат својата работа, треба да одржат расправа, да ги повикаат судиите против кои е поведена постапка. Кога ќе завршат, ќе има конкретен предлог дали да се запре или да се утврди одговорност за судијата. Значи, досега ниту една комисија ја нема завршено работата, за да стигнеме до точка на гласање за утврдување одговорност или за запирање на постапката“, вели Караџовски.

Овие точки на седницата на Судскиот совет се затворени за јавност, така што претседателот не споменува имиња на судии за кои се води постапка, но затоа веднаш, иако комисијата што ги испитува наводите за злоупотреба на АКМИСОТ нема доставено извештај, заклучува дека наводите за овој извештај се паушални и без докази.

Наесен ќе биде избран претседател на Апелацискиот суд

Претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски, очекува до крајот на август и почетокот на септември да биде избран претседател на Апелацискиот суд во Скопје.Кандидатите биле веќе оценети, а сега се разгледуваат приговорите за дел од судиите кои сметаат дека не биле правично оценети.

Караџовски вели дека нема притисоци за изборот на претседател на овој суд, со оглед на обвинувањата на поранешниот премиер, Никола Груевски, дека судијката Добрила Кацарска имала договор со актуелната власт да го осуди Груевски и да стане претседателка на овој суд.

„Јас лично немам притисоци, а дали има судијката, тоа прашајте ја неа. Апелирам до сите судии, доколку има евентуални притисоци, да не подлегнуваат. Сите што сме судии знаеме како треба да се одговори на каков било вид притисок и како да се справиме со тоа. Ако тоа не го знаеме, не треба да бидеме судии“, вели Караџовски.

Советот пред извесно време донесе одлука за вонредно оценување на кандидатите за претседател на Апелацискиот суд, бидејќи судиите од скопска единица биле со ниски оценки, а не биле оценети за 2017 година.

Фросина Факова – Серафиновиќ