Каменот од Будимпешта доаѓа


Александра М. Митевска

Многумина, веројатно, се сеќаваат на славната реплика на Сашо Мијалков во една од „бомбите“ на некогашната опозиција, посветена на кадровски местенки во судската власт: „Каменот од блиску доаѓа“, му вели тогашниот директор на УБК на долгогодишниот вицепремиер за Рамковен договор од редовите на ДУИ, Муса Џафери, кој зачудено одговара со прашање – „Каменот…?“
Во последните неколку години, откако вечно владејачката ДУИ го смени партнерот на „Илинденска“, ретко кој знае каде е сега Муса Џафери. Затоа, пак, од вторникот сите знаат каде е некогаш недопирливиот Сашо Мијалков.
Од луксузниот хотел „Мериот“ на скопскиот плоштад тој беше преселен во можеби најозлогласениот македонски затвор – во Шутка. Таму своевремено престојуваа дузина личности што во меѓународните извештаи добиваа третман на политички прогонувани со оглед на многуте пропусти во процедурите за нивно кривично гонење, како и поради рапидните злоупотреби на мерката притвор.
Во „детонациите“ што доаѓаа од „Бихаќска“, всушност, имаше уште многу индикатори за тоа како во тоа време функционираше правосудството во земјава и за неговата претерана симбиоза со извршната власт. За атмосферата и за условите во казнено-поправните установи, пак, доволно е да се потсетиме на уште една од „бомбите“ во која одекнува гласот на Мијалков, а која сега е дел од судскиот процес „Тортура“ – посветен на апсењето на Љубе Бошкоски.
И сега кога администрацијата на унгарскиот премиер Виктор Орбан ја правда одлуката за давање азил на Груевски со слабостите во македонскиот правосуден систем и лошите услови во затворите, за што како поткрепа се посочуваат оценки на европските институции, прашање е дали Будимпешта, всушност, се повикува на извештаите од времето на Груевски, а не на актуелните? Бидејќи во извештајот на Европската комисија за минатата година, врз чија основа Македонија летово ја доби условената препорака за почеток на преговори со Унијата, стои дека судскиот систем достигнал одредено ниво на подготовка и дека назадувањето од претходните години се менува преку решителни чекори, особено во обновување на независноста на судството.
На јунскиот самит на Европскиот совет во Брисел, Унгарија не беше меѓу земјите кои беа скептични во однос на напредокот на Македонија во делот на исполнувањето на критериумите, посебно во политичката графа, каде што се инсистира на реформи во правосудството. Затоа, пак, неколку месеци подоцна унгарските власти покажаа скептичност во однос на условите во затворот каде што веќе две седмици ќе престојуваше поранешниот македонски премиер, доколку навреме не ја поминеше државната граница и не побараше засолниште во оваа земја членка на ЕУ и на НАТО.
Од тој аспект, прашање е дали другите членки на ЕУ ќе се согласат со оценките на Орбан кога следното лето ќе се одлучува дали условената препорака за Македонија ќе стане реална? Во случај да се согласат, Унгарија може да стане посакувана азилантска рута за сите сега осомничени и обвинети во случаите на Специјалното јавно обвинителство, но и за сите оние што во изминатите години на своја кожа ги почувствуваа слабостите на македонското правосудство и ужасните услови во притворите и затворите – уште пред тие институции да станат „транзитни адреси“ за Груевски, Мијалков и за многумина нивни соработници во периодот кога беа на врвот на власта и моќта.
Всушност, далеку од тоа дека органите на прогонот и правосудните институции во Македонија наеднаш почнаа да функционираат совршено. Бегството на Груевски и впечатливите пропусти на домашните власти и институциите на тој план се јасен индикатор дека сè уште има сериозни слабости и потреба од темелни реформи. Ненадејното притворање на Мијалков, пак, е ироничен показател за тоа колку била реална неговата забелешка за каменот кој од блиску доаѓа.
За сегашните македонски власти, каменот дојде од Унгарија, која ниту политички ниту географски не е некоја далечна ниту, пак, недостижна дестинација, што се виде во случајот со Груевски. За Мијалков, пак, каменот дојде од уште поблиску, ако се имаат предвид неговите блиски роднински врски со Груевски и нивната тесна соработка во власта, сè додека не почнаа да ечат „бомбите“ од седиштето на СДСМ, кога двајцата братучеди беа посочувани како главни сценаристи на масовното прислушување. Сега, едниот од нив е азилант во Унгарија, а другиот е притвореник во Шутка – таму каде што требаше да биде првиот, само во затворското одделение, ако не побараше навреме заштита од Орбан.