Како шефот на државата стана лидер на опозицијата


Кога за некој месец ќе се прави нова анкета за политичките рејтинзи нема да биде изненадување ако претседателот Ѓорге Иванов се искачи уште повисоко на скалилото на популарноста, во споредба со последното истражување на јавното мислење на МЦМС за „Телма“. Таму Иванов, кој во изминатите месеци на повеќе начини ја усложнуваше кохабитацијата со другиот дел од извршната власт, е второрангиран политичар, со 9,9 проценти рејтинг. Пред него е само премиерот Зоран Заев, кој има убедлива предност со 24,1 отсто.

За разлика од Заев, во рејтингот на Иванов не партиципираат воопшто етничките Албанци во Македонија. Затоа, пак, проценките се дека неговите популистички и неретко етноцентристички политики во последната година и пол, почнувајќи од периодот пред смената на власта на „Илинденска“, му овозможија солидна популарност кај етничките Македонци, во однос на другите политичари од десничарскиот табор. Поранешниот премиер Никола Груевски, кој во времето на владеењето беше неприкосновен на листите на популарноста, сега падна на 6,1 проценти, а во неговиот наследник на кормилото на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, доверба имаат има само 2,9 отсто од испитаниците. Сепак, ако се соберат рејтинзите на тројцата политичари од десничарскиот табор, Заев би бил во предност од само пет проценти.

Комуникологот Петар Арсовски смета дека една од причините за драстичната промена во рејтинзите меѓу Заев и Груевски е тоа што гласачкото тело на Македонците е главно авторитарно, така што се врзува за политичките субјекти кои имаат власт и моќ.

„Се забележува дека спласнува еуфоријата што владееше околу СДСМ во периодот меѓу двата изборни циклуси, што е и нормално, со оглед на големите очекувања од смената на власта. Сега очекувам рејтинзите на политичките субјекти да се стабилизираат на среден рок и на околу пет до шест проценти предност на СДСМ пред ВМРО-ДПМНЕ, освен ако нема некои тектонски потреси што би ја преобратиле ситуацијата“, вели Арсовски.
Според него, посебно интересна за анализа е големата поддршка за Заев и за СДСМ од гласачите Албанци, кои ја етаблираат најголемата владејачка партија и нејзиниот лидер како втори според поддршката од албанскиот електорат и тоа веднаш за партнерите од ДУИ. Не мора да значи, вели Арсовски, дека тоа е моментална доверба за СДСМ. Таа поддршка, оценува, може да биде и долгорочна, освен ако не се случат некои големи и непредвидени промени, како на пример мнозинството членови на СДСМ да се превратат во албанофоби.

Наспроти поддршката за премиерот, довербата од 0,4 проценти што ја добил шефот на државата, како носител на натпартиска функција, од гласачите Албанци во анкетата на МЦМС е на ниво од статистичка грешка. Тоа е очекувано, со оглед на политиките на Иванов уште од периодот кога поранешната опозиција почна да ги објавува политичките „бомби“. Шефот на државата се обиде да го спречи процесирањето на „бомбите“ во кривични предмети со одлуката за колективна аболиција, чии последици сега се враќаат на „сцена“, а поради што беше покрената и постапка за импичмент за него. По последните парламентарни избори, Иванов се постави како најгласен критичар на т.н. тиранска платформа, по што го „узурпираше“ и мандатот за формирање на владата на СДСМ и на ДУИ. По смената на власта, пак, Иванов во повеќе наврати го опструираше владејачкото мнозинство – со непотпишувањето на законот за јазици, со условувањата околу пополнувањето на амбасадорските места, со предлогот за гувернер на НБРМ… Неговата последна „контра“ се однесува на преговорите за името.

Иванов, всушност, не прави ништо посуштинско за да може да му падне рејтингот, коментира комуникологот Арсовски. Во врска со предноста на шефот на државата во однос на Груевски и Мицкоски, тој повторува дека и тука причината е во авторитарниот карактер на македонското гласачко тело кое, како што вели, е понаклонето кој Иванов поради тоа што тој како државен функционер има механизми да влијае на политиките, па и да ја опструира Владата.

„Во нормална држава, Иванов ќе беше досега под кривичен прогон поради очигледно прекршување на Уставот во повеќе наврати. Наместо тоа, тој се гордее со популизмот и национализмот што ги промовира, злоупотребувајќи ги механизмите што ги има како претседател. И сето тоа предизвикува воодушевување кај неговите поддржувачи. Жалосно за Иванов е што ќе ја заврши претседателската кариера со поддршка токму од ретроградните гласачи“, оценува Арсовски.

Александра М.Митевска