Каде, ако не во НАТО и ЕУ


Роберт Несими

На 30 септември гласачите ќе треба да одлучат дали да го прифатат договорот со Грција. Нормално, во текот на една кампања двете страни треба да ги даваат своите аргументи за последиците од гласањето „за“ или „против“ и да нудат визија за правецот во кој ќе се движи земјата во секој случај.

Но овој пат информациите се многу асиметрични. Од една страна, веќе е добро познато каде одиме во случај референдумот да добие опцијата „за“. Од другата страна, дури и најгласните симпатизери на опцијата „против“, не нудат никаква визија за тоа што ќе се случи ако преовладува нивниот став. Ова, верувам, е од причина што не постои никаква добра алтернатива на договорот со Грција и дека одбивањето тој да се прифати ја турка земјата во непознати води.

Аргументот за договорот е мошне јасен и ни е познат веќе 25 години. Проблемот со името со Грција е главната пречка за интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ и причината зошто заостануваме зад другите држави од регионот. Откако прашањето ќе се реши со гласање „за“, процесот на интеграција може да продолжи непречено. Ова најпосле ќе резултира со зачленување во двете организации. Македонија така ќе стане членка на најмоќните и најнапредните организации во светот. Наместо држава на работ, таа ќе седи на главната маса и преку овие организации ќе биде дел од донесување одлуки во глобални рамки.

Во случај Македонија да го одбие овој договор, остануваат две други опции за нејзиното место во светот. Едната е визијата за Македонија како неутрална земја, отворена кон сите, стариот сон за „Швајцарија во Балканот“. Се разбира, ваквата споредба е многу наивна. Прво и најважно, Швајцарија не е напредна земја само затоа што е надвор од НАТО и ЕУ. Надвор од овие организации, Македонија ќе биде земја од работ на континентот, изолирана и од соседите кои го трасираат својот пат во и кон ЕУ и НАТО. Таа нема да биде како Швајцарија надвор од разните континентални и регионални иницијативи и проекти, туку Македонија ќе личи повеќе на Белорусија и Молдавија, а во најлош случај на Украина.

Другиот сон на кампот „против“ е за една Македонија која сè повеќе гледа кон Истокот барајќи алтернативи во партнерството со земји како Русија, Турција или Кина, или колективно со групи како БРИКС или Шангајскиот совет. Но тој пат е еднакво наивен и опасен за иднината на земјата. Во колумна објавена пред неколку години под наслов „Западот или БРИКС“ аргументирав дека ова не е сериозна алтернатива за просперитетна Македонија. Тоа особено страда од два проблема: Истокот не е ни приближно напреден како Западот и, второ, не постои некој вистински институционален Исток.

Точно е дека Истокот можеби изгледаше поатрактивен пред неколку години, кога Западот се соочуваше со последиците од кризата од 2008 и последователната должнича криза. Но и тогаш аргументирав дека таа состојба е привремена, и дека Истокот не може одржливо да се движи напред сè додека во целост не ги прифати демократијата и капитализмот на слободниот пазар. Денес тоа е повеќе од јасно. Развиените економии од Западот ја поминаа кризата, па дури и Грција, која беше најслабата алка, неодамна успешно ја затвори програмата на финансиска помош. Во меѓувреме, економските кризи се ширеа во другите делови од светот, пред сè нашите потенцијални „партнери“ како Русија и Турција. Јасно е дека Истокот е далеку зад Западот, и ќе биде глупаво од Македонија да бега од вториот кон првиот.

Мојот втор став беше дека не постои Исток како таков. На маса за Македонија сега е членството во две стари, добро дефинирани западни институции, НАТО и ЕУ. На Истокот нема нивни паралели; последната таква алтернатива беше Варшавскиот пакт кој не постои веќе три децении. Она што денес се подразбира под зборовите Исток, БРИКС, Шангајски совет итн. се лабави термини кои дефинираат групи на земји кои некогаш соработуваат, но еднакво често се конкуренти еден на друг. Со отфрлање на НАТО и ЕУ, Македонија нема да биде поканета и примена во некој друг камп. Таа ќе треба сама да се соочи со светот и да се занимава индивидуално со земји кои најчесто немаат некој поголем економски интерес во земјата.

За да резимираме, изборот пред кој е поставена Македонија надалеку ги надминува спорот со името и договорот со Грција. Тоа е избор еднаш засекогаш да се здружи со Западот, или да го избегнува во корист на други алтернативи на Истокот. Во првиот случај таа ќе избере да се приклучи на двете најмоќни и најнапредни организации во светот, и во нив да го следи нејзиниот пат кон посовршена демократија и капитализам на слободниот пазар. А во вториот ќе одлучи да се оддалечи од овие организации и да се соочи сама со денешниот опасен свет или, пак, во сомнителни сојузи со различни источни автократски земји. Изборот е наш и треба да се прави сега.