И Македонија има забелешки за бугарските учебници


До македонските експерти, кои се членови на Заедничката комисија за образовни прашања и историја на Македонија и Бугарија, не се стигнати забелешките за содржините на учебниците по предметот историја, за кои бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Екатерина Захариева рече дека Бугарија ги доставила до Македонија. Драги Ѓоргиев, кој е и прв човек на македонскиот експертски тим, вели дека забелешките за кои Захариева тврди дека се распослани на 30 страници уште не стигнале до овдешните експерти. Тој вели дека денеска, најверојатно, двете страни ќе си ги разменат забелешките заедно со аргументацијата.

„До нас нема стигнато никакви забелешки. Меѓу двете комисии сè уште не се разменети забелешките. Ние не знаеме дали нивната комисија ги дала или ја известила министерката за надворешни работи на Бугарија. Важно, кај нас сè уште не се стигнати забелешките ниту ние сме ги испратиле. Тоа ќе биде во текот на идната недела. Најверојатно в понеделник ќе ги размениме со бугарските експерти од комисијата“, вели Ѓоргиев за „Независен“.

Додека Бугарија посочува вкупна бројка на страници со забелешки во учебниците по историја по кои учат учениците во земјава, Ѓоргиев само посочува дел од македонските забелешки на бугарските учебници од петто и шесто одделение, каде што Македонија е претставена како дел од бугарските земји. Простор за дискусија има и за тоа како е претставено Самуиловото царство – во Бугарија е претставено како бугарско, а кај нас како македонско, вели Ѓоргиев. Но тој не открива колку страници со забелешки ќе испрати македонскиот експертски тим до Бугарија. Забелешките главно се од средниот век. Експертите ги разгледуваа учебниците по историја, односно содржините што се изучуваат во шесто и седмо одделение во македонските учебници, а во бугарските учебници во петто и шесто одделение.

„Секако дека ние имаме забелешки и јас нема да лицитирам со бројка на страници, тоа сè уште е во доменот на анализа, на работа. Според мене, ние имаме доволно страници со забелешки. Но ирелевантен е бројот на страници, важни се содржината и квалитетот на забелешките. Во овој момент не можам да ви ги кажам забелешките што ќе се испратат. Тие забелешки сè уште се работни и некои од нив може ќе бидат прифатени, некои не. Меѓутоа, кога ќе ја завршиме таа работа, со конечно прифатени забелешки и предлози, тогаш ќе излеземе во јавност, тоа ќе биде тема на следната седница. Ќе се разгледуваат забелешките, ќе видиме кои се прифатливи, а кои не од нивна и од наша страна. Забелешките ќе бидат разменети со официјални документи, ќе бидат испратени во писмена форма“, додава Ѓоргиев.

Заедничката комисија за образовни прашања и историја на Македонија и Бугарија ќе има трета средба на 29 и 30 ноември во Софија. Експертите од двете земји се согласија до владите да предложат да се продолжи праксата на заедничко празнување на св. Кирил и Методиј во Рим на 24 мај. Тоа и ќе биде официјализирано на следниот состанок.

„Ќе биде формулирано кои се причините зошто треба св. Кирил и Методиј да се слават заедно. Образложението ќе биде направено и ќе биде доставено до владите на Македонија и Бугарија“, вели Ѓоргиев.

За некои забелешки, македонските експерти сметаат дека ќе се постигне согласност, но не откриваат за кои. Ѓоргиев вели дека не сака да прејудицира ништо и затоа не посочува примери.

Министерката Захариева изјави дека атмосферата во комисијата била конструктивна. Според неа, важно е да се постигне меѓусебна согласност за заедничките историски настани, личности, кои би требало заедно да се чествуваат.

Бугарскиот историчар Стефан Дечев изјави дека очекува промени во учебниците по историја во двете држави, но укажува дека за тоа ќе биде потребен подолг временски период.

По сево ова, од двете влади ќе зависи дали ќе бидат прифатени предлозите на македонските и на бугарските експерти.

Вероника Мароска-Леова