Истражување: Нема заштита на земјоделците при работата во полето


Земјоделците не се заштитени, ниту доволно едуцирани и обучени да се соочат со предизвиците и опасностите во работата на земјоделските површини. Потребна е поголема едукација, но и залагање на институциите, констатираат од прилепското здружение „Достоинствен работник“ кое го завршува шестмесечниот преокт  насловен „Превентивна култура за безбедноста и здравјето при работа кај земјоделците во Прилеп и во Пелагонискиот регион“.

Според Здружението, најчесто има злоупотреба на детскиот труд, ракување и несреќи со земјоделската механизација и во прашање е улогата на жената во земјоделството. Статистичките податоци покажуват дека од 2013-та до 2017-та, во сообраќајни несреќи со трактори настрадале 48 деца, од кои две загинале. Во овој период 271 несреќа со потешки последици е поради грешка на трактористите.

Земјоделците не се едуцирани и нема инспекциска контрола на состојбата на теренот, вели Дејан Штаргоски од медиумското здружение „Инфокомпас“ кое го спроведе истражувањето на теренот во Прилепско-Пелагонискиот регион.

– Како медиум-партнер во проектот имавме задача да направиме испитување Темите беа: експлоатација на детскиот труд во земјоделскиот сектор, механизацијата како битен фактор при безбедноста на земјоделците и влијанието и улогата на жените во земјоделскиот сектор. Мерките и прописите за безбедност при работа речиси и не се применуваат, а има повеќе причини. Во руралните средини, земјоделството е семеен бизнис, се предава од генерација на генерација, работат сите, од најмали до највозрасни. Тука најмногу може да се забележи експлоатацијата на детскиот труд, зашто од три-четири часот наутро може да се видат деца како берат тутун, копаат, ораат, па и возат тратори, изложени на временските услови, без некоја заштита. Управуваат со земјоделска механизација која, во добар дел случаи, и не е целосно исправна и често има дефекти кои најчесто се причина за голем број несреќи кои, не мал број, завршуваат кобно, истакнува Штаргоски.

Некои земјоделци, дополнува, и свесно управуваат со нецелосно исправната механизација. Освен тоа, во Македонија не постојат обуки или полагања за управување со земјоделската механизација. Тоа го имало во поранешната држава Југославија. За нецелосно имплементирање на мерките за безбедност, добар дел од одговорноста носат и инситуциите и се чини, откако замреле земјоделските задруги, речиси целиот сектор е оставен самиот на себе. Земјоделците не се принудени ниту да прават здравствени прегледи, па институциите немаат увид во повредите, заболувањата,  болестите на земјоделците. Инспекторатот за труд не прави контроли за тоа кој се ги обработува земјоделските површини, на кој начин, кои се условите, објаснува Штаргоски.

Потребно е здружување на институциите, невладиниот сектор за одржување трибини, едукации, обуки за земјоделците да се запознаат со предизвиците во нивата работа.

Според Иле Цанев, професор на Факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје, за управувањето со земјоделската механизација недостасуваат обуки, особено со онаа современата што почува да се користи. Но најбитен е Закон за земјоделската механизација.

– Ако се тргне веднаш со казнување, ќе има проблем во понатамошно објаснување и едукација. Одговорен е и инспекторатот за труд кој треба да помине и одредени обуки за тоа што треба да најдат, да воочат на теренот и што треба да отстранат.  Се уште немаме донесено закон за земјоделска механизација. Таа се споменува во повеќе законски акти: во законот за заштита на растенијата, во законот за атест и хомологизација, но конкретно, закон за земјоделска механизација не постои кој ќе треба да ги предвиди сите последици и работите кои треба да се спречат како резултат на нејзиното користење. Од друга страна, самата механизација, тракторот, како погонска машина  е дел од сообраќајот. Што значи, лице кое нема положено, не може да ракува со погонската механизација. Но, начинот на полагање и возење трактор е сосема различно од управување со автомобил. Необезбедувањето, пренесувањето луѓе со приколки на зермјоделската механизација е проблем, вели Цанев.

Според неговите сознанија, Инспекторатот не контролирал злоупотреба на детски труд или несоодветно ракување со земјоделска механизација. Од друга страна, како што укажува, пред неколку години се донесе законот за легализација на земјоделската механизација. На нашата територија имаме секаков тип и вид на механизација која не и е познато потеклото, нема сопственост. Непријавениот трактор и да направи сообраќајна несреќа, може да си замине зашто не подлежи на одговорност. Затоа, потребен е закон за земјоделска механиозација кој ќе ги опфатил сите закони каде се споменува земјоделската механизација и ќе се направи ред во поглед на користењето на нови и половни земјоделски машини.

Според Рубинчо Аризанкоски од здружението „Достоинствен работник“, ова е прв проект за состојбите со заштитата на земјоделците при работа. Досега со семинари и работилни се едуцирани 100-ина земјоделци.

– Проектот се планира да продолжи и наредната година за поголема ефикасност на Законот за безбедност при работа како и учеството на Законот за работни односи во земјоделскиот сектор, вели Аризанкоски.