За неполно полугодие се иселила цела паралелка од Кочани


Иселувањето стана сериозен проблем во Македонија. Клучниот момент, според универзитетскиот професор Кирил Барбареев, е што младите, а сè повеќе и возрасните не гледаат надеж дека работите одат на подобро. Преголем временски период сме општество на неправда, вели тој, загубена е надежта, а кога умира надежта, почнува депресијата и дезинтеграцијата на општеството. Посочува дека треба да се промени односот кон младите и вредни луѓе, оти тие се енергијата на општеството и секој што заслужува треба да стигне до врвот. Политиката не смее да биде кочница на младите.

„Загубено е и чувството за припадност. Ние сме општество кое има слабо чувство за заедништво. Дури голем дел млади кога заминуваат не чувствуваат дека напуштаат своја земја. А, тоа е поради тоа што немаат со кого и со што да се поистоветат. Ниту една политика во овие триесетина години немала вистински и достоен однос кон младите. Ако направите анализа кои се лидерите во државата во овие три децении, ќе констатирате дека тоа се доминантно млади луѓе. И, сега, видете парадокс, младоста ја протерува младоста од државата. Државата и локалната заедница треба да го прашаат секој млад човек – кој е неговиот сон? Каде се гледаш од денес, па за 5 години? Со што ти сакаш да придонесеш на твојата заедница? Кој е проектот на твојот живот? Тие прашања никој не им ги поставува на младите луѓе. Место тоа, на младите им се пренесува менталитетот и вредностите од социјализмот. Затоа ни треба силна заедница во која поединецот ќе биде силен. А, тоа се постигнува со искрени намери кога најдобрите и највредните во својата професија ќе бидат примерот по кој ќе се развива нашата држава“, вели Барбареев.

Изминатите денови во јавноста беа пласирани фрапантни податоци дека за три месеци од почетокот на оваа учебна од основните и средните училишта во Општина Кочани се отпишале 20 ученици, за кои родителите навеле дека причината е иселување во странство. Во евиденцијата на кочанските училишта е забележано и дека просечно годишно уште триесетина ученици се отпишуваат заради префрлање во образовни институции во други градови во Македонија. Според анализите на Одделението за јавни дејности на Општина Кочани, секоја учебна година стартува со околу триесетина ученици помалку во сите одделенија во општинските образовни институции.

„За првите три месеци од оваа учебна година најголем број отпишани ученици, по петмина, се регистрирани во средното училиште ‘Гошо Викентиев’ и во основното ‘Св. Кирил и Методиј’, а во другите основни и средни училишта има по двајца или по еден отпишан ученик. Практично, за неполно полугодие, недостига цела една паралелка. Сите ученици како причина за напуштањето на образованието навеле дека заедно со семејствата се иселуваат во странство“, истакна Голубина Георгиева од Одделението за јавни дејности.

За една година, пак, од штипските основни и средни училишта заминале во странство со своите родители вкупно 77 ученици. Податоците на Секторот за јавни дејности во Општина Штип покажуваат дека бројките се поголеми во основните училишта, од каде што биле отпишани 48 ученици, а од средните 29.

Истражувањето на Центарот за истражување и креирање политики покажа покрај тоа дека 76,7 отсто од младите кои живеат во државава размислуваат да се иселат. Клучна причина за иселувањето е лошиот квалитет на живот кој, покрај материјалните аспекти, ја опфаќа целокупната ситуација на политичка и економска несигурност во државата, квалитетот на јавните услуги во образованието, здравството, социјалната заштита, можностите за личен и кариерен развој, вклученоста во процесите на носење одлуки што ги засегаат.

Извршната директорка на Младински образовен форум, Дона Костуранова, заНезависен весник“ вели дека иселувањето на младите од Македонија нема само од себе да запре, туку само ќе се зголемува доколку не се преземат итни мерки да се подобри нивниот живот во Македонија. Приоритет треба да бидат политики за младите да останат тука, да се одвојат средства за да се спроведат и да се следат ефектите.

„Добар пример за една таква политика е ‘младинската гаранција’; со која секој млад невработен човек мора да добие вработување, пракса или обуки за неколку месеци. Оваа политика можеа да ја користат до сега само младите во три општини, а треба да стане достапна за што е можно повеќе. Но има и такви кои се најавени, а уште не се спроведени: нема ни збор за најавените политики за студентската работа или студентската картичка со попусти. Сè додека доаѓаме до податоци кои покажуваат дека младите се двојно повеќе невработени од останатата популација и губат во просек 4 години во неефективно образование без да научат, 44 отсто од студентите не можат да отидат во кино, еден месец студирање ги чини 21.500 денари, а тие немаат работа – ќе имаме и податоци кои покажуваат дека 60 отсто сакаат да се иселат. За да се обезбеди иднина за оваа една четвртина од нашето население, Владата треба итно да направи пакет приоритетни политики за млади, во кои ќе се вложат средства, институции и соработки со младинскиот сектор, за да се подобри квалитет на живот тука. На младите им треба квалитетно образование, работни места, културни можности и основен квалитет на живот и, едноставно, перспектива за живот“, рече Костуранова.

Прашање колку ученици се отпишале од почетокот на учебната година досега од основните и средните училишта, како и од претходните две години, испративме до Министерството за образование и наука, но не добивме одговор до затворање на весникот.

 

Вероника Мароска-Леова

Борис Грданоски-фоторепортер