Интервју со министерката за правда: На амнестираните им простивме, ама не заборавивме


Ресорот правда е клучен за евроинтеграциите на Македонија. До каде е процедурата за законите? Дали ќе ги стигнеме роковите?

-Во изминатиов период интензивно работевме на подготовка на законите кои се предвидени со Планот 18 и се обврска од реформските приоритети. Процесите што се водат во Министерството се инклузивни, законите се подготвуваат во работни групи во кои учествуваат претставници од различни органи и невладини организации, а потоа нацрт текстовите ги препроверуваме со странски експерти, со оглед на тоа што во најголем број од нив немаме многу простор за „креација”, туку е нужно истите да бидат усогласени со европските стандарди. Некои од законите уште во владина постапка ги пуштаме на мислење на релевантни меѓународни институции, некои во собраниска постапка. Така на пример, Законот за судови, чија позитивна оценка од Венецијанската комисија е нужна за да добиеме позитивна оценка од Европската комисија го пуштивме на мислење уште во фаза на утврден предлог во Министерството за правда. Добивме сугестии, кои ги вградивме во текстот кој го утврди Владата и тој текст го пративме на потврда на Венецијанската комисија. Конечно по четири години, добивме потврда од Венецијанската комисија дека нивните препораки се имплементирани, како и признание за одличната соработка на Владата со неа. Тоа е голем успех, но и значаен кредит во разговорите за обезбедување на двотретинско мнозинство во Собранието.

Заедно со Законот за судови, во собраниска постапка се и Законот за Судски совет, Законот за прекршоци, Законот за управни спорови, Законот за извршување на санкции. Си поставивме реални рокови во кои можеме да го спроведеме консултативниот процес и да ги пуштиме законите во собраниска постапка. За мене беше особено значајно да се фокусираме на квалитетот на законите работејќи во реални рокови кои нема да бидат на штета на инклузивноста на процесите.

Премиерот Зоран Заев најавуваше реизбор на судиите, ревизија за судењата, но ништо од тоа не се случи. Истите судии за кои во „бомбите“ слушавме дека суделе по нарачка останаа во судовите. Вие не сте надлежна за разрешување на судиите, но дали со носењето на законите ќе се исчисти судството од корумпирани кадри?

-Ниеден закон сам по себе не може да реши некој проблем, туку може да создаде можност за решавање на проблемите. За справување со корумпирани судии не се потребни законски измени. И постојната законска рамка е доволна. Потребно е само дејствување на институциите, пред се јавното обвинителство и Судскиот совет. Со законските измени сакаме да постигнеме, ако институциите затаат, да може да се активираат механизмите за нивна одговорност. Притоа, ова не е лесна задача, бидејќи тоа се институции кои за да ја вршат својата функција треба да бидат независни, така што механизмите за нивна одговорност треба да бидат поставени на начин да не можат да се злоупотребат за притисок врз нив.

Веќе го објавивте Законот за СЈО, за кое е потребно двотретинско мнозинство кое сегашната власт го нема. Со оглед на тоа дека дел од независните пратеници кои ги поддржаа уставните измени и го обезбедија мнозинството се обвинети во случаи што ги води СЈО, како очекувате овие измени да поминат во Собрание?

-На ЕНЕР објавивме две верзии на законите за јавно обвинителство: еден Закон за јавно обвинителство кој го интегрира СЈО во системот на јавно обвинителство и го изедначува со другите обвинителства и посебен закон за СЈО, кој го задржува сегашниот концепт на ова обвинителство. Мојот став е дека решението за регулирање на СЈО треба да го бараме во проблемите заради кои истото се воспостави и да водиме сметка капацитетите што беа изградени во оваа институција да бидат употребени за ефикасна борба против корупцијата. Ирелевантно е дали тоа ќе го постигнеме со ставање на одредбите во еден или во два закони. Битна е содржината на одредбите. Мислам дека сите пратеници мора да бидат свесни за својата одговорност да поддржат капацитетни институции кои ќе се борат со криминалот на „белите јаки”. Всушност СЈО покрај завршување на својата задача од постојниот закон, треба да добие значајна надлежност за борба против корупција и криминал кај високите функционери и тоа треба да биде првенствен интерес на опозицијата. Водиме дебата со пратениците кои го прават двотретинското мнозинство и се надевам дека ќе најдеме заедничко решение кое никако не смее да не врати назад, во периодот пред формирањето на СЈО. Не смее да ни се потвори ситуацијата која доведе до формирање на СЈО. Мојата заложба ќе биде за содавање решение кое ќе содржи гаранции за одредена автономија на СЈО и избегнување на било какво влијание врз него.

Рековте дека за вас најпожелно е СЈО да остане орган кој ќе го расчистува прислушувањето и ќе гони висока корупција. Но, ако нема расположение за тоа, другата варијанта би била СЈО да остане само орган кој ќе гони само висока корупција. Можно ли е СЈО да ја изгуби својата основа надлежност – да го расчисти прислушувањето – за да се обезбеди двотретинско мнозинство?

-Не, сите обвиненија кои се покренати и сите судски постапки што се почнати, треба да останат во надлежност на СЈО. СЈО беше симбол на враќање на правдата и суштинска придобивка од Пржинскиот договор, која не смее да биде жртвувана заради било каков компромис. Што ќе излезе како финален продукт, од тоа што ќе добие поддршка од две третини јас не можам да гарантирам, јас мислам дека треба да остане.

Селективниот Закон за амнестија предизвика бурни реакции во јавноста. Целиот труд на судот и обвинителството за случајот 27 април паѓа во вода и доаѓаме до исходот дека слобода ќе добијат само оние кои имаат со што да се пазарат. Какви правни последици ќе предизвика овој селективен закон?

-Секогаш досега, законите за амнестија содржеле исклучување на одредени дела. Сепак факт е дека исклучувањето во последниот закон е направено на еден поспецифичен начин. Носење на Законот за амнестија не е лесен процес, особено што него го гласаа директните жртви на насилствата од 27 април. Не мислам дека е правен да ги опфати само пратениците. Инаку последиците од секој закон за амнестија се исти и од оној од 2001 и од овој сега – простувате, ослободувате од казна, но тоа не значи дека заборавате. И со тие последици е поважно да се соочиме и да се бориме, со чувството на неправда, со гневот, со грижата за пораката која ја праќате.

Власта направи многу отстапки при носењето на законите се со цел да обезбеди двотретинско мнозинство. Сето ова се образложува со повисоките цели на земјата, ЕУ и НАТО? Дали ќе се исплатат овие отстапки и дали граѓаните конечно ќе добијат подобар живот и еднаква правда за сите?

-Ние немаме друга опција освен интеграцијата во ЕУ и НАТО. Но, приближувањето кон ЕУ и НАТО не значи само “штанцање” на закони, туку законите мора да исполнуваат одредени критериуми. Од таму, не смееме да си дозволиме трули компромиси при носењето на законите. Тоа на пример може да се види со Законот за судови кој беше менуван во мај, но токму решенијата што влегле во законот како резултат на компромис потоа беа критикувани од Венецијанската комисија и сега ги менуваме. Во тој процес не е битно само да се договориме, многу позначајно е – околку што ќе се договориме.

Поранешниот премиер Никола Груевски избега од правдата, избегаа и клучните сведоци за нелегалното прислушување,а првообвинетите за убиството кај Смилковското езеро уште не се екстрадирани од Косово? Барања за екстрадиција веќе се испратени, дали очекувате овие лица да бидат испорачани и дали би можело да се искористат некои дипломатски механизми за тоа?

-Министерството за правда секој месец има по неколку барања за екстрадиција на наши државјани и без исклучок во сите други случаи, освен од овие кои ги набројавте, добива екстрадиција. Со Унгарија имаме редовна пракса на барања за екстрадиција кои се одобруваа се до случајот со Груевски. Ние немаме дилеми дека правото да бараме и да добиеме екстрадиција е на наша страна, како што немаме дилема ни дека тоа што до денес немаме одговор не е прашање на право, туку на политика. И гледате дека и во Унгарија на пример тоа се третира како политичко прашање. За овие случаи во кои не добиваме екстрадиција се известени европски институции, прашањето се дебатира и на европска сцена. Дали ќе ни биде одобрена екстрадиција е прашање на одлука на странски држави и тука неблагодарно е да се прогнозора исходот.

Власта турка измени во Кривичниот законик со кои се проценува дека најголем дел од случаите на СЈО ќе паднат во вода…

-Делот кој се однесува на измените на Кривичниот законик практично не треба да има влијание на предметите на СЈО. Проблематичен член за кој шпекулираше јавноста е членот 353 што се однесува на злоупотреба на службената положба. Таква измена нема во ова што е предложено во моментов од страна на пратениците. Во стратегијата за реформи во правосудството е ставено дека треба да се соберат сите законски членови што се во различни закони, а покриваат кривична материја во кривичниот законик, практично да има интегрирање односно носење на кривичен законик што ќе биде интегрален текст. Претходната влада  во различни закони ставаше различни одредби и честопати имаше проблем. Судиите не секогаш ги имаат во вид матичните закони , а граѓаните треба да имаат секогаш предвид за што можат да бидат казнети. Стратегијата предвидува кодификација на Кривичниот законик онака како што треба да изгледа некој документ што носи наслов законик. Во тој дел мислам дека ќе треба, кога ќе се работи кодификацијата, да се преиспита казнувањето за одредени кривични дела. Не имплицирам тука ниедно кривично дело особено не овие за кои СЈО постапува, но мислам дека треба да се усогласи казнената политика, затоа што досега како што си ставале во различни закони има различна невоедначена казнена политика. За некои дела има престроги казни, за некои дела има поблаги казни, мислам дека тоа треба еднаш засекогаш да се реши на начин на кој секој граѓанин ќе знае кое дејствие му е прецизно оценето и забрането и потоа точно да се знае колкава ќе биде казната и таа казна да биде соодветна на општественото зло и во однос на другите казнени дела. Затоа имаме парадоксални ситуации, луѓе за не толку сериозни кривични дела се осудуваат на големи казни. Тој пример со кебапите е банален случај кој покажува дека треба да се преиспита казнената политика.

Но, со изгласувањето на еден од членовите на Кривичниот законик практично се амнестираа бизнисменот Сеад Кочан и Василие Авировиќ, блиски луѓе на двајца пратеници кои треба да го обезбедат мнозинството.

-Не мислам дека измената ќе придонесе до амнестирање на било кој. Значи целта на измените не е некој да се амнестира ниту да му застари делото. Дали ќе има утврдување на кривично дело, утврдување на казната тоа е прашање на судот и секако на предлог на обвинителството. Измените не доведуваат до застареност на кривични дела и до амнестирање.

Сепак пратениците не се откажуваат ниту од измена на членот 353?

-Таков предлог од Министерството за правда нема, ниту размислуваме за тоа. Но, јас ви кажувам дека во еден глобален процес во кој ќе се отворат процесите на воедначување на казнената политика би требало да се преиспитааат сите дефиниции на кривичните дела и да се усогласи казнената политика, но моментот не е сега и тоа е еден подолг процес кој нема да заврши сега.

Од притвор излезе Орце Камчев, а ќе биде ослободен и поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков.По сите овие случувања која е смислата на постоењето на СЈО?

-Јас за тоа дали некој ќе биде пуштен од притвор или не, дознавам од медиумите. Искрено кажувам дека ниту имам некоја претходна информација, ниту ме интресира кој ќе биде пуштен од притвор. Одлуката дали некој ќе биде пуштен од притвор или не ја носи судот по предлог на обвинителството што не значи дека секогаш мора да го слуша обвинителството. Јас во мојата работа апсолутно секогаш сум била настрана од судовите, не сум се мешала, ниту во судот, ниту во обвинителството. Инаку мојата искрена цел во ова министерство е СЈО да остане траен орган кој ќе има сериозни надлежности затоа што веќе има изградено капацитети. Тие капацитети мора да ги задржиме и мојата идеја е таа успешна приказна да ја пресликаме во другите обвинителства и тука не смееме да имаме било какви колебања.

Главната парола при уривањето на минатата власт беше „Нема правда, нема мир“. Дали е ова правдата за која се бореа граѓаните?

-Има една поговорка што ја споменуваат правниците: Правдата е бавна, но доаѓа. Се водат судски постапки, но факт е дека во нив обвинетите ги користат сите процесни можности за одолговлечување на постапките. Сепак, судиите треба да водат постапки во кои ќе се почитуваат правата на обвинетите, бидејќи полоша опција е повторување на постапките заради процедурални грешки. Експресните постапки со изнудени признанија кои го карактеризираа режимот што падна и не смеат да се повторат. Ни треба чесно, независно, праведно судство. Па макар и резултатите од тоа да треба да ги почекаме.

Фросина Факова-Серафиновиќ