Институции што треба да се укинат


Роберт Несими

По осум месеци владеење, полека но сигурно станува јасно дека новата влада не може да ги исполни високите очекувања од неа. Реално, таа покажа резултати во надворешната политика досега, но таков елан очигледно недостига во внатрешната. Се чини дека за сѐ и сешто се тера по старо, со нови лица кои со ниту една политика не се разликуваат од претходниците. А, причината за тоа е едноставниот факт што ни оваа влада не се осмелува да се нафати со целосна реформа на поставеностa на државата кон општеството, т.е. не се адресираат системaтските проблеми што се главни генератори на сите кризи од независноста наваму.

Меѓу главните генератори на систематските кризи, кои директно влијаат во сите сфери на животот во Македонија, би ги издвоил проблемот со широкиот опсег на државата во општеството, видлив преку натрупаната администрација, како и крајната централизација на државата. Наместо адекватната услуга на граѓаните и општеството, првата стана главен механизам за контрола на државата врз општеството. Понатаму, мешањето на државата во сѐ и сешто, а што се реализира преку оваа натрупана администрација, бара и црпи огромни ресурси, а со тоа остануваат само трошки за капитални инвестиции и други продуктивни работи. Најлошото, пак, е што голем дел од овие ресурси во најмала рака лошо се менаџираат, а на крајот на краишта, директно се злоупотребуваат. Од другата страна, крајната централизација ја концентрира власта во неколку раце, што е готов рецепт за диктаторски тенденции на кој ниту една власт досега не можеше да им одолее. Централизацијата ги остави сосема немоќни, крајно зависни и ги претвори во просјаци другите нивоа на власт, како локалната самоуправа. Од исти причини, истото му се случи и на приватниот сектор.

Затоа, која било влада со искрени намери за реформи, порано или подоцна, ќе треба да ги адресира овие две систематски проблеми на практикување власт. Практично, ова значи Владата да се води од простиот принцип: локалната власт да го направи тоа што не може приватниот сектор, а централната тоа што не може локалната. Тоа значи дека власта, односно Владата како носител на централната власт, ќе треба порано или подоцна да се повлече од неколку сфери. Дел од нејзините ингеренции и ресурси ќе треба да ги пренесе на локално ниво, а друг дел да поминат од јавната во приватната сфера.

Листата на институции што треба да згаснат на ваков начин може да биде прилично долга и шарена. Власта се меша секаде каде што ѝ се може и нејзините институции се множат како печурки по дожд, па конкретна листа бара студија за себе. Сепак, има неколку институции чија излишност паѓа лесно во очи. Тука ќе издвојам три.

 Министерство за култура. Културата едноставно не е сфера која ѝ припаѓа на државата. Институцијата Министерство за култура е остаток од комунизмот, кога културата беше важна алатка за пропаганда. Така се случуваше и во време на демократијата, а најсвеж пример секако е проектот „Скопје 2014“, еден јасен пример на манипулирање на културата за политички пропагандни цели. Тој проект исто така е пример на огромна злоупотреба на ресурси, а случајот со последната програма на ова Министерство покажува дека непотизмот и невидените нивоа на злоупотреба не престанале и по промената на власта.

Културата исто така е класичен пример на сфера која треба да се третира на локално ниво. Единствениот спас на културата од канџите на власта е целосното згаснување на ова Министерство. Предвидените фондови за култура треба да им се доделат директно на општините пропорционално на населението, а потоа да се остават да ги искористат самостојно. Застапувањето на државата по меѓународни организации за култура може да се пренесе директно на Владата.

 Државна телевизија. МРТВ е друг остаток од минато време. Инфраструктурата за комуникација и креирање информации во тогашните технолошки околности било значително поскапо и потешко, и барало ресурси што ги поседувала единствено државата. Исто така, тоа било време на комунизам, кога власта сакала целосна контрола над информирањето на јавноста и немала некоја позначителна желба да ја сподели со други медиумски актери.

Во денешни услови, кога и профил од Фејсбук може да послужи за пренос во живо и кога имаме куп други канали на информирање, потребата за државна телевизија е надмината. Денес таа нема никаква дополнителна вредност за општеството, туку претставува алчен цицач на пари кои по две години се проектираат да достигнат до 30 милиони евра годишно. Најдобро решение е приватизација на ова телевизија. Каква било сума да се добие би била разумна, со оглед на фактот што ќе ни заштеди 30 милиони евра годишно. Верувам дека способните новинари не би имале проблем да се снајдат со новите сопственици или во нови телевизии. Програмите од јавен карактер кои не се профитабилни за приватните телевизии би можеле да се финансираат со други форми, преку разни проекти. Може да се чува само Собранискиот канал, кој и онака не бара премногу фондови за да опстане.

 МАНУ. Оваа институција не само што не е корисна, туку е особено штетна. Академијата предложи поделба на државата во 2001 година, објави скандалозна енциклопедија, молчеше дури и кога беше прислушувана, го тргна часовникот на јавниот долг по наредба од режимот и така натаму. Случај по случај Академијата потврдува дека е крајно опортунистичка и безрбетна институција. Нејзиниот менталитет е типичен за дворски интелектуализам, за кои врвна идеологија е покорување кон власта. Затоа нема причина ова институција да продолжи да постои и да троши народни пари. Нејзините релевантни проекти, пред сѐ од сферата на природните науки, може да се реализираат преку универзитетите.

Како што напоменав, ова листа во никој случај не е ексклузивна. Овие институции ги одвоив од причина што нивната излишност е очигледна. Кога некоја власт сериозно ќе се нафати со реформи и нема да ги смета овие работи како табу-тема, тие би биле први на листа за укинување, но крајната листа ќе треба да биде далеку подолга.