Имер Селмани ја декласираше идејата за консензуален претседател


Роберт Несими

Теоретски концептот за консензуален претседател е добра идеја. Според сите демократски норми и традиции, но согласно и со нашиот Устав, закони и други прописи, претседателот на државата треба да биде претседател на сите граѓани на државата, без разлика на нивната националност, вера, пол, политички идеологии или какви било други карактеристики. Вистина е дека во реалноста ова ниво на политичко претставување кај нас не е никогаш достигнато, а врвот на драстично пристрасно извршување на функцијата секако го постигна сегашниот претседател во заминување, Ѓорге Иванов. Сепак, тоа не значи дека е време да се предадеме и дека не треба да се стремиме кон избор на таков претседател.

Бидејќи претседателот на државата треба да ги застапува сите граѓани еднакво, според концептот на консензуален претседател пожелно е тој да биде избран со мнозинство гласови од сите подгрупи граѓани. Т.е. него треба да го поддржува мнозинство од сите националности, вери, полови итн. Но доминантна тема на политичкиот дискурс кај нас, во смисла на политичко организирање на ваквите подгрупи, беа и сè уште се етничките идентитети. Поради тоа, концептот на консензуален претседател се сведува на тоа претседателот да биде избран од мнозинство Македонци и Албанци, барем според ДУИ која прва ја пласираше оваа идеја.

Тука веќе концептот на консензуален претседател се коси со реалноста. Всушност, повеќе од очигледно е дека не може да се зборува за консензуален претседател во систем во кој претседателот на државата го избираат граѓаните на непосредни избори. Во ваков систем најпрво неизводливо е да се констатира дали некој добил мнозинство гласови од Македонците, Албанците, Турците итн. Па дури и тоа да било изводливо, речиси невозможно е некој кандидат да добие мнозинство од гласовите од секоја подгрупа. Сигурно е дека секогаш ќе се најде некоја подгрупа која ќе избира различно од другите и во тој момент да смета дека има право да каже дека за нив избраниот претседател не е консензуален, дека не ги претставува и дека нема да биде претседател на сите граѓани еднакво.

Решението на ДУИ за оваа дилема е сосема да ги суспендира претседателските избори. Според нив, за консензуален претседател треба да одлучат најголемите партии на Македонците и Албанците, согласно со бројот на пратеници во Собранието. Со други зборови, репер за претседателските избори треба да бидат резултатите од парламентарните избори, без разлика на волјата на граѓаните за тоа кој сакаат да им биде претседател на државата.

Овој бесмислен концепт за начинот на избор на претседател најдобро го разобличи кандидатот Имер Селмани на претседателските избори од 2009 година. Редно е да се потсетиме на политичката ситуација од тоа време и тие избори, како најдобра илустрација за тоа зошто концептот на консензуален претседател е неизводлив, па дури и непожелен во практиката.

Претседателските избори од 2009 година се одржаа нецела година по парламентарните избори во 2008 година. На тие избори ВМРО и ДУИ извојуваа големи победи во македонскиот, односно албанскиот блок. Тие настапија во постизборна коалиција и формираа влада која имаше поддршка од повеќе од 80 пратеници, односно имаа повеќе од двотретинско мнозинство. Значи, според секој параметар, тие извојуваа апсолутни победи и поддршката од македонскиот, односно албанскиот блок недвосмислено беше на нивна страна.

Според сегашната логика на ДУИ за консензуален претседател, тоа би значело претседател на држава за кој би се договориле ВМРО и ДУИ. Но овој концепт во тоа време не беше актуелен, па така секоја партија излезе со сопствен кандидат. На тие избори вкупно се кандидираа седум кандидати од седум партии. Истиот ден со претседателските се одржаа и локалните избори.

Во првиот круг најмногу гласови доби Ѓорге Иванов од ВМРО, со што уште еднаш се потврди доминацијата на ВМРО во македонскиот блок партии. Но чудото се случи во албанскиот блок. Иако ДУИ победи на парламентарните избори 2008 и на локалните кои се одржаа истиот ден, кандидатот Имер Селмани буквално го прегази кандидатот на ДУИ, Агрон Буџаку. Тој доби околу 150.000 гласови, со што, всушност, беше блиску до влегување во вториот круг. Наспроти тоа, кандидатот на ДУИ Буџаку доби околу 70.000 гласови. Значи, на тие избори Имер Селмани го декласираше ДУИ, а со тоа и концептот за консензуален претседател. Тој покажа дека парламентарните избори никако не можат да бидат репер за претседателските и дека крајната одлука сепак ја донесуваат гласачите. Без разлика за кого гласале на парламентарни, тие сепак сакаат да имаат сопствен глас и на претседателски избори. Во 2009 година, со гласот даден за Имер Селмани, тие покажаа дека знаат да прават разлика помеѓу парламентарни и претседателски избори, односно помеѓу Влада и претседател. И тоа е најдобар сигнал дека изборот на претседател не може да биде предмет на однапред склучен договор помеѓу политички партии, туку треба да е резултат на искажаната волја на граѓаните. Претседателот не смее да биде пион на власта, туку навистина претседател на сите граѓани.

За разлика од 2009 година, концептот на консензуален претседател е уште понеизводлив во сегашните околности. На крајот на краиштата, СДСМ не доби мнозинство од гласовите на последните парламентарни избори. ДУИ помина уште потешко, бидејќи освои само 35% од гласовите на Албанците. Со тоа ни СДСМ нема право да зборува во име на мнозинството Македонци, а камоли ДУИ во име на Албанците.

Затоа каков било договор за заеднички кандидат меѓу коалициските партнери треба да се чита како обичен политички договор помеѓу политички партии за заеднички настап на избори. Во никој случај, тоа не може да биде консензуален претседател на сите граѓани, бидејќи овие партии не претставуваат мнозинство на ниту една граѓанска или етничка групација. А и да имаа такви мнозинства, крајниот збор сепак го имаат граѓаните, кои можат одново да се одлучат за некој трет кандидат, како што одлучија за Имер Селмани во 2009 година.